Македонија
Кузеска бара оставка од Тошковски со порака дека нападот врз Арсовска е напад врз секој граѓанин

Вчерашниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска е само последната и најгрозоморна потврда дека Македонија е под власт на криминализиран и авторитарен режим, кој не се двоуми да употреби насилство за да ги заштити своите интереси и да ги заплаши сите што зборуваат за корупцијата.
„Ова не беше само напад врз една градоначалничка. Ова беше порака до секој граѓанин, судија, обвинител, службеник – да не се осмели да чепне во криминалот на власта. Тоа е пораката што ја прати ВМРО-ДПМНЕ и министерот Тошковски со молкот и непостапувањето на полицијата“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Кузеска потенцира дека со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во државата преку ноќ се појавија организирани криминални групи кои делуваат недопирливо и очигледно се заштитени од институциите.
„Имаме министер за внатрешни работи кој лаже дека се намалил криминалот, а реалноста е над 25 убиства и обиди за убиства за една година. Се пука во градовите, умираат луѓе на улица, а Тошковски и понатаму тврди дека сè е под контрола“, рече Кузеска.
Таа потсети дека вчера во Батинци беше убиен армиски службеник од лице со активна потерница, што според неа е уште еден доказ за нефункционалниот систем и заштитата што ја уживаат криминалците.
„Ова не е држава, ова е тиранија. Полицијата молчи, правдата е парализирана, законот служи да ги штити насилниците наместо граѓаните. Криминалците го водат системот. Веќе нема дилеми“, нагласи Кузеска.
Таа посочи дека градоначалничката на Скопје со месеци укажува на криминал, а тоа директно ги погодува интересите на мрежите што власта ги одржува, особено во Скопје и Чаир. Физичкиот напад што се случи, додава Кузеска, е резултат на таа политичка поддршка на беззаконието.
„Панче Тошковски мора веднаш да поднесе неотповиклива оставка. Од надежен министер, за само една година стана извршител на мафијата. Насилството и криминалот царуваат, а тој стои немо и ги штити партиските бизнис интереси“, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Куќен притвор и мерки на претпазливост за осомничените напаѓачи на Арсовска

Судија од скопскиот Кривичен суд определил мерка куќен притвор за едно лице вклучено во нападот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, а за друго лице, кое и се заканувало, мерки претпазливост.
-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 од КЗ, а поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Градот Скопје, донесе решенија со кои: С.Љ., осомничени дека вербално и физички ја нападнал оштетената му се определува мерка куќен притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка, а на второосомничениот, исто така со иницијали С.Љ, кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 1,2,3 и 6 од ЗКП односно забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во судот, одземање на патната исправа и забрана за приближување и контактирање со одредени лица, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Судот наведуваат дека против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Градоначалничката Арсовска била нападната вчера додека со колеги од Град Скопје правела увид на дивоградба во Општина Чаир.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека само СДСМ и бугарските политичари ја бранат Арсовска

Некогаш големата СДСМ се сведе заедно со Бугарија да бидат гумата за спасување на кариерата на Данела Арсовска, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека и СДСМ во точно три случаи се јавува во јавноста за Данела.
„Првиот кога ја напаѓаше дека таа е неспособна и има бугарско државјанство. Вториот случај, кога во опозиција ја користеше за напаѓање на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. И третиот случај, кога заедно со Бугарите ја брани Данела. Скопјани ја препознаваат вистината и добро знаат што седи во позадина. ВМРО-ДПМНЕ доследно и принципиелно повикуваат на расветлување на инцидентот во Чаир, но и на разгледување и надзор на случајот со дивоградбите“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по вчерашниот напад на градоначалничката на Скопје, Данела Арсоска.
Македонија
Музејот на вода во Охрид е отворен за посетители по реновирањето

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите за култура и туризам, Зоран Љутков, и за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, како и пратеници во Собранието, ја промовираа реконстукцијата на Музејот на вода во Охрид, заедно со наколната населба во Заливот на коските кај Градиште на брегот на Охридското Езеро.
Како што беше истакнато на настанот, станува збор за обемен градежен зафат за целосна реставрација на локалитетот, што е еден од најдоходовните објекти од тој вид во Охрид и земјата.
Обновени се палафитната населба, на изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а ќе се спроведе и наводнувањето на локалитетот, за што веќе е избран изведувач.
Премиерот Мицкоски истакна дека очекува со консолидирањето на состојбите во земјата да се зголемат и инвестициите во културата.
– Не случајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според спроведените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите коишто ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација токму тоа е и причината зошто ја посетуваат, односно богатото културно наследство. Овој објект овдека, оваа населба овдека и заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите коишто го посетуваат Охрид, рече тој.
Мицкоски истакна дека добрата соработка на релација локална и централна власт неминовно дава резултати.
– Тука не застануваме со инвестиции, продолжуваме и понатаму им честитам и на останатите коишто беа вклучени во поддршката на реализацијата на овој проект, министерот, градоначалникот, сите останати кои што помогнаа, тука е и министерот за транспорт и потпретседател на Влада кој што силно е фокусиран во делот на подобрување на инфраструктурата во Охрид и околината, пратениците во Собранието коишто жестоко се борат за проект повеќе за Охрид. Така што кога имаме една ваква енергија којашто се обединува помеѓу локалната и централната Влада тогаш резултатите и успехот се неизоставени, реле премиерот Мицкоски.
Министерот за култура Љутков во оваа прилика посочи на ситуацијата што ја затекнал на овој локалитет кога стапи на функцијата, како што рече, една девастирана институција, неодржуван запуштен локалитет што е недозволиво за таква туристичка атракција.
– Веднаш презедовме мерки, направивме план што треба да се направи за овој музејски комплекс…Се потрошија 15 милиони денари и се уште ќе се издвојуваат средства за еден доходовен комплекс како што е Музејот на вода. Во наредниот период ќе инвестираме и во други содржини во Охрид, како што гледам и патната инфраструктура е доста подобрена, се подобруваат условите и ќе продолжиме со исто темпо и натаму, рече Љутков.
Градоначалникот на Охрид, Пецаков од своја страна рече дека изминатите триесеттина дена во Охрид се бележат повеќе важни настани директно поврзани со инфраструктуриниот развој на Охрид, но и инфраструктурата поврзана со туризмот.
– Ова е само почеток и преку соработка на локалната самоуправа со централната власт очекувајте уште многу вложувања во наредниот период, рече Пецаков.
Реконструкцијата на локалитетот Музеј на вода – Залив на коските е реализирано преку средства што се обезбедени од НУ „Завод и музеј – Охрид“, како дел од пошироката стратегија за поддршка на културното наследство и развој на туризмот во Охрид.