Македонија
Лажен апел за болно дете кружи на „Фејсбук“

Лажен апел за собирање пари за наводно болно дете кружи на „Фејсбук“. Станува збор за наводно тешко болно дете Даниел, кое има седум години. Во лажната објава пишува дека детето боледува од тумор на мозокот.
За ова предупреди и докторот Ненад Лазаров, кој ги повика надлежните да реагираат.
„Апелираме до сите вас да не наседнувате на вакви измами! Апелирам до Министерство за внатрешни работи/Мinistria e Punëve të Brendshme да реагира веднаш, повеќе од 25.000 евра се собрани“, напиша Лазаров на „Фејсбук“.
Во врска со ова реагираа и од платформата за собирање донации „Икрауд“. Од таму велат дека објавата, најверојатно, е направена со користење вештачка интелигенција.
„Во онлајн-просторот кружи вирална објава за донации со име ‘Не можам да ја издржам болката додека гледам како полека исчезнува’💔 и фејсбук-страница ‘Животот на Даниел значи сè’, со која онлајн се собираат средства за експериментален третман на извесно детенце Даниел.
Објавата е ставена на домен https://be.dawnofchild.org/ и е наводно организирана од фондација DAWN OF A CHILD INC. од САД.
Сакаме да го свртиме вашето внимание дека такво правно лице не постои (види доказ во фотографија). Досега се собрани значителни средства и има речиси 1.000 донатори, од кои многумина во Македонија и во Бугарија. Доменот е регистриран во Исланд, каде што многу често измамниците регистрираат домени со цел да го скријат својот идентититет. Станува збор за измама, не наседнувајте.
Линк до објавата очигледно креирана со вештачка интелигенција – https://be.dawnofchild.org/danielm
Проширете ја веста за да не се лажат граѓаните и охрабрете ги оние што наседнале да пријават во МВР за полицијата да им влезе во трага. За оние што наседнале, имате трага во своите банкарски изводи и доставете ги во МВР, кое има право лесно да добие податоци за измамниците. Исто така, доколку сте се претплатиле, веднаш барајте од матичната банка да ви ја укине претплатата за да не ви се одземаат средства секој месец“, се вели во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.