Македонија
Левицата со иницијатива до Уставниот суд против законот за матична евиденција

Политичката партија Левица поднесе иницијатива – претставка за оспорување на уставноста на дел од Законот за матичната евиденција (1995), кои предвидуваат внесување на националната припадност во изводите од матичните книги на родените, венчаните и умрените.
„Никаде во светот личното чувство на граѓаните не се докажува со јавна исправа издадена од државен орган! Овие одредби, кои го инспирираа носењето на контроверзното упатство за водење на матичните книги од страна на балистичкиот министер Кренар Лога, го подриваат граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот, што е спротивно на добрите европски практики бидејќи ниту една држава во Европа и во цивилизираниот свет нема воспоставено ваква расистичка, шовинистичка, ксенофобична и заостаната практика.
Веродостојноста на националната/етничка припадност, по природата на нештата, е емпириски непроверлив податок – токму затоа што кај нас, како и во целиот цивилизиран свет, не е предвидена никаква претходна правна постапка за утврдување на националноста, односно етничката припадност на граѓаните, првенствено поради фактот дека станува збор за внатрешно чувство за припадност на одредена заедница“, велат од партијата.
Меѓународно-правната компаративна анализа, според нив, покажува дека ваква графа е сосема непознат феномен во современите развиени општества. Попрецизно, од речиси 200 држави во светот, само три држави во Африка, две во Азија и две во Латинска Америка имаат некаква си присутност на етничка, расна или верска декларација во јавна исправа – и тоа најчесто опционална, а не облигаторна. Тоа, според нив, значи дека огромното мнозинство од 99 % од државите во светот признати од Обединетите нации немаат вакво нешто.
„Преку наложувањето задолжителна групна идентификација во личен документ издаден од јавната власт граѓанинот станува повеќе подложен на колективно профилирање, стереотипизација, гетоизација и етничка сегрегација, кое во време на криза може да резултира со таргетирање, затворање, депортација, па дури и протерувања, погроми и геноцид.
ЕУ оди и чекор понатаму и изречно го забранува барањето податоци за етничко или расно потекло на личноста! Ваквиот непотребен податок за етничко потекло е изречно и стого забранет согласно членот 9 од Регулативата за генерална заштита на податоците (General Data Protection Regulation – 679/2016), која е транспонирана во нашето национално законодавство, преку Законот за заштита на личните податоци (2020).
Очекуваме и бараме од Уставниот суд на РМ, не само да поведе постапка за оценка на уставноста на законот и да ја спои со постапката за претходно оспореното министерско Упатство, туку и да донесе итна времена мерка, т.е. решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон“, се посочува во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Поединци од СДС потпалуваат за да има политички пожари, а го бранат и Коцевски како последен бастион за нивниот криминал

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на вечерашната трибина на тема „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ, а која се одржа во Штип се осврна на актуелни теми меѓу кои ситуацијата со пожарите и гласањето недоверба во Собранието за јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Гледам една нескриена радост и возбуда кај опозицијата од пожарите. Истата таа возбуда ја имаа и кога секојдневно ја злоупотребуваа големата и ужасна трагедија во Кочани. Така брутално, дневно политички и паушално излегуваат на прес-конференции додека стотици граѓани заедно со пожарникарите и полицијата и луѓето од „Македонски шуми“ борба бијат на дневно ниво против пожарите во Македонија и во време кога за жал нашата татковина во одредени делови е во пламен“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека „тие наместо да бидат помеѓу народот одбираат со салонски прес-конференции да потпалуваат и да се радуваат на секој пожар“.
За разлика од претходната владата, сега, кажа тој, актуелната за една година ги стави во употреба авионите, леталата, цела флота на БТР возила, хермелини и пинцгауери за гасење на пожари.
„Кога нивни луѓе ќе ги видиме озарени како потпалуваат пожари за да има политички пожари, како живи ќе ги фатиме со огнот во раце за да имаат потоа причина за прес-конференции, тука се е јасно“, кажа Мицкоски.
Коментираше и за гласањето недоверба за јавниот обвинител Коцевски.
„Уште една тема којашто вчера многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како постапуваат против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите 7 години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ“, посочи Мицкоски.
Според него, „паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“.
„Па тој случај токму го води, токму овој за којшто сега зборував, нивниот државен јавен обвинител и нема потреба да повикуваат јавно, слободно нека си го викнат, нека си се затворат во канцеларија тие малкумина што останаа во раководството на СДСМ и ДУИ и нека си го прашаат Коцевски до каде е. А ние нема да се откажеме од борбата за правда и подобар живот и правда ќе има, и ќе има подобра иднина која сакаме да ја донесеме“, дополни Мицкоски.
Македонија
Андоновска: Во Институтот за јавно здравје секој тргнувал само од личниот интерес

Директорката на Институтот на јавно здравје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, во рамки на вечерашната трибина „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“, истакна дека наследиле распаднати институции каде што воопшто не се размислувало за услугите и грижа за граѓаните. Таа додаде дека конкретно во Институтот, ниту една работа не била водена согласно законските прописи.
„Мораме да ги поставувавме темелите повторно, и нема да се откажеме и сме силно мотивирани да го направиме тоа. Најдовме распаднати институции, каде што воопшто не се размислувало ниту за услугите, ниту за институциите, а најмалку за граѓаните. Секој тргнувал само од личниот интерес, ниту една работа што ја затекнав во Институтот не беше водена согласно законски прописи, се беше спротивно на законот“, нагласи Андоновска.
Андоновска објасни дека со преземањето на Институтот, затекнале опрема којашто била купена скапо, но не се употребувала повеќе години. Таа информираше дека опремата веќе е ставена во употреба, се со цел граѓаните да може да се обратат во државните институции.
„Затекнавме опрема којашто е купена многу скапо и може да биде многу од корист на граѓаните, но е вон употреба повеќе години. Ја ставивме таа опрема во употреба и направивме се за таа да може да профункционира, повторно да можат граѓаните да се обратат во државните институции, наместо да одат само во приватните и да имаат дополнителни трошоци. Воведовме втора смена и сме единствената микробиолошка лабораторија којашто можат граѓаните да ја посетат и после работното време“, заклучува Андоновска.
Македонија
Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, за само една година, две промени во позитивната листа на лекови која не беше обновена 10 години, се пофали Клековски

„Не почнавме од нула, туку од минус. 10 години во Македонија не беше обновена позитивната листа на лекови. 10 години од 2014-та година ниедна промена на позитивната листа, за една година ние успеавме да направиме две промени. Во првата промена 9 генерички лекови, во последната 2 онколошки лекови кои од следниот понеделник ќе бидат достапни во аптеките“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната трибина во Штип на тема „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“.
Клековски додаде дека фокусот бил ставен на лековите.
„Благодарејќи на поддршката на владата одвоивме неверојатни пет милијарди денари за иновативни лекови, тоа е 70% повеќе од 2024-та година или двојно повеќе до 2023-та година. Тоа се многу повеќе пари, една милијарда повеќе за онкологија, повеќе пари за хематологија, педијатрија. Ова не се само пари, ова се животи спасени и олеснети. Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, сите пациенти на неврологија со мултипла склероза опфатени. Луѓето на кои им треба хормон раст не чекаат веќе на тоа, и многу такви примери“, вели Клековски.
Тој истакна дека бројот на ин витро што го покрива ФЗОМ наместо 3 сега е зголемено на 6 и исто така процесот за добивање известување за барателите на ин витро е дигитализиран.