Македонија
Ленин Јовановски: Мора некој многу моќен да стои зад Палчо, му гарантирал комоција по две убиства
Убиецот Љупчо Палевски Палчо се чувствувал многу сигурен и доволно безбеден и си функционира како и секој друг ден, а таков може да биде само и само ако нарачателот или оној за кого работи е многу моќен за да му ја обезбеди таа комоција. Свој став за случајот кој деновиве ја потресе јавноста за двократното убиство даде и сопственикот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, кој по професија е криминолог.
Според него ова убиството нема форми на “користољубие”, не постои конкретно дејство на уцена и изнуда и девојчето е киднапирано за да биде егзекутирано.
„Причината за тоа може да биде, дека таа нешто знаела, била сведок на нешто што можело да упропасти нечија кариера бизнис или живот, можеби сакала да обзнани нешто, можеби била злоупотребена од некоја битна (моќна) фаца или сл“, вели тој.
Како што додава, телото мора да биде на детална и професионална обдукција под независен и сигурен надзор од повеќе лица, за да не се остави простор дека ќе се прикрие нешто што може да даде вистински показатели за причините за убиството.
„Признанијата на учесниците не смеат веднаш да се земат здраво за готово без разлика колку и да соодветсвуваат со некакви материјални докази зошто истите можеби да се и така наместени да изгледаат баш така. Нивните искази во побитниот дел се сведуваат дека така им кажал егзекуторот (планерот) , а тоа никако не мора да значи дека тој им ја кажувал вистината. Да имате храброст да егзекутирате втора жртва со возило кое е сопственост на веќе убиено лице по кое полицијата трага мора да произлегува од висока моќ. Да вмешаш толку сведоци (непрофесионалци) кои брзо ќе “пропеат” и да оставиш толку видливи траги (пред камери и сл.) мора да си сигурен дека тоа никој нема да го гледа“, потенцира Јовановски и додава:
„Треба да се бара нарачателот, тој е најбитниот во овој случај, актерите се повеќе или помалку ете сите тука. Има уште многу прашања , има уште многу за докажување и ова не смее да заврши само на исказите на двајца учесници кој очигледно се најмени и не биле и сеуште не се ни свесни самите во што се сплеткани и за што точно ќе бидат употребени“.
Телата на двете жртви 14-годишната Вања Ѓорчевски и на 74-годишниот Панче Жежовски се на обдукција во Судска медицина. Во текот на утрешниот ден се очекуваат ДНК-анализите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

