Македонија
МВР објави оглас за вработување над 100 лица
Министерството за внатрешни работи отвори оглас за прием на 101 извршител за работа на неопределено време. Како што е наведено во огласот, се бараат:
– 48 извршители (приправници – со или без работно искуство) со високо образование VII/1 степен (четиригодишни студии) или најмалку 180 кредити според ЕКТС;
– 53 извршители (приправници – со или без работно искуство) со завршено четиригодишно средно образование или завршено четиригодишно средно образование во областа.
Вработувањата се предвидени во разни сектори за внатрешни работи. Во СВР Тетово ќе бидат примени тројца извршители со завршено средно образование.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните општи услови:
– да се државјани на Република Северна Македонија,
– да се полнолетни,
– активно да го користат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо,
– да се здравствено и психофизички способни,
– да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование,
– со безбедносна проверка да е утврдено дека за нив не постои безбедносен ризик од вработување,
– со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност,
– да не се членови на политичка партија или членови на органи и тела на политичка партија и
– да имаат положено тест за интегритет.
Кандидатите потребно е да ги исполнуваат следните посебни услови:
– основно познавање англиски јазик (познавање други светски јазици се смета за предност) и познавање работа со компјутери.
Огласот е отворен 15 дена, а деталите може да се најдат на веб-страницата на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се бара одземање на пасошот за сопственикот на фирмата кој се сомничи за тендерите во „Државна Лотарија“
Скопското Обвинителство постапувајќи по кривичната пријава од Управата за финансиска полиција, поведе постапка против две лица и една фирма за тендерските злоупотреби во Државна лотарија.
Од Обвинителството велат дека директорот Перпарим Бајрами за кој веќе е поведена истрага и е во бегство, е осомничен за Злоупотреба на службена положба и овластување. За второосомничениот Артан Ајрули, сопственик и фирмата „Ритрон копи“ од Куманово и правното лице постои основано сомнение дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Првоосомничениот во периодот од 2022 до 2024 година одобрувал исплата по фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема за потребите на АД „Државна лотарија“. Фактурите ги издавал второпријавениот сопственик и управител на осомниченото правно лице, иако и двајцата биле свесни дека дел од опремата во фактурите не се испорачувала согласно предвиденото во склучените договори за јавни набавки. Предмет на проверки е целокупната постапка за доделување на шест јавни набавки на ваква опрема за „Државна лотарија“, од моментот на утврдување на техничките спецификации до реализацијата“, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот сопственик на правното лице – привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска повремено да се јавува во судот.
Македонија
Тошковски: Нова дигитална услуга на МВР за електронско издавање на уверение за државјанство во секое време, достапна преку uslugi.gov.mk
Министерството за внатрешни работи денес ја промовираше наградената услуга за електронско издавање на уверение за државјанство која е достапна преку националниот портал за е-услуги uslugi.gov.mk
„Услугата која и досега беше достапна на порталот иако можеше да се аплицира во секое време, сепак издавањето на е-државјанството беше можно само во работно време. Отсега услугата станува целосно дигитална и граѓаните може да аплицираат во секое време и за само една минута по поднесувањето на барањето, доколку е се во ред, добиваат позитивен одговор и можат да го симнат документот од системот. Дигитализација на услугите и процесите во министерството се еден од нашите врвни приоритети како Влада и како министерство. Граѓаните заслужуваат брзо и ефикасно да ги добиваат своите документи кои институциите се должни да им ги обезбедат. Дополнително процесите на дигитализација во огромен процент ја намалуваат можноста од корупција од која страда нашето општество, така што преку дигитализацијата се води и борбата со корупцијата.“, истакна министерот Тошковски.
Националниот портал uglugi.gov.mk минатата недела беше ребрендиран и редизајниран од министерството за дигитална трансформација, е централен портал каде се достапни сите електронски услуги на институциите во државата.
Тошковски потенцираше дека се министерството за внатрешни работи забрзано работи и на дигитализација и на други услуги кои ќе бидат достапни за граѓаните во следниот период.
Македонија
Пожар избувнал во соба во „Бардовци“
Пожар избувнал во една од собите во Психијатриска болница-Бардовци.
Од МВР информираа дека огнот се разгорел вчера околу 9.30 часот и бил изгаснат од скопската противпожарна бригада.
Повредени лица нема.
За настанот бил известен јавен обвинител и извршен е полициски увид.