Македонија
Меџити: ЕУ останува главен донатор во секторот за животна средина

Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска беше домаќин на работна средба со Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права при Советот на Европа, кој престојува во неколкудневна посета на Македонија.
За време на средбата, Меџити ја изрази определбата на Македонија да ги интензивира напорите за целосно усогласување на законодавството и државните системи со законите и политиките на Европската Унија во областа на животната средина и климата.
„Овие напори јасно се рефлектираат во секторските стратегии и политики кои вклучуваат силни законодавни мерки, зајакнување на националните капацитети за имплементација на правото на ЕУ, како и значителни инвестиции во инфраструктурата и новите технологии“, рече Меџити на средбата, додавајќи дека во процесот на хармонизација со европското законодавство, Македонија може да бара транзициски периоди, особено за Поглавјето 27, како едно од најпредизвикувачките и најскапите за земјите што преговараат со ЕУ.
Ова поглавје е дел од Кластерот 4, кој вклучува области како што се патната инфраструктура, дигитализацијата, обновливите извори на енергија и заштитата на природните ресурси.
Во овој контекст, Меџити изрази благодарност за континуираната поддршка на Европската Унија, која останува главен донатор во секторот за животна средина во Македонија, која вклучува инвестиции во обновливи извори на енергија, како соларни и ветерни паркови, преминот од јаглен, проекти за поврзување на гасниот систем со Косово и Србија, како и проекти за управување со отпад и отпадни води.
Меѓу главните проекти поддржани од ЕУ се затворањето на дивите депонии, изградбата на регионални системи за управување со отпад во пет региони и изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.
За Македонија, најголемите предизвици за Поглавјето 27 остануваат во областа на управувањето со води и отпад. Акцискиот план за имплементација на Директивите за отпадни води и вода за пиење предвидува вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра и рок за имплементација до 2041 година.
Со овие средства е предвидена изградба на 87 пречистителни станици, од кои 16 ќе имаат напредно терциерно пречистување, додека за системот за управување со отпад се потребни околу 300 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.