Македонија
Митрополитот Георгиј стапи на тронот на Дебарско-кичевската епархија, вети дека ќе служи со љубов и пожртвуваност

Со торжествена Божествена литургија во Соборниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“, архимандритот Георгиј денеска беше хиротонисан и устоличен за нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Чинот го водеше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во присуство на бројно свештенство, владици од целата земја, верници и државни функционери.
Новоназначениот митрополит Георгиј, пред членовите на Светиот синод и присутните верници, се завети дека ќе служи со посветеност, според каноните на Светата црква и со најголема послушност кон Божјата волја.
„Се заколнувам со живиот Бог дека секогаш ќе ги имам на ум неговите зборови – проколнат да биде секој што нема да го извршува Божјото дело. Ќе бидам вреден, нема да бидам мрзлив, и сето тоа ќе го правам според мојата совест, без лицемерност, туку со искрена љубов кон Бога и кон ближните“, рече меѓу другото митрополитот Георгиј во својата прва беседа како владика.
Архиепископот г.г. Стефан пак истакна дека овој избор претставува продолжение на духовната традиција на епархијата.
„Сите досегашни охридски светила покажаа дека епископот не е само управител, туку жртва светаденица, сведок на вечната вистина и глас на безгласните. Денес добивме архиереј достоен на своите претци – пастир кој ќе ги понесе добродетелите на оние што го воделе патот пред него“, истакна архиепископот.
Митрополитот Георгиј го презема раководството на Дебарско-кичевската епархија по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година. Неговиот избор дојде по интензивна подготовка, само пред еден и пол месец се замонаши, а потоа беше произведен за јероѓакон, јеромонах и игумен, сè до изборот за митрополит.
Поранешен декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски – сега митрополит Георгиј – е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал на Папскиот универзитет „Грегоријана“ во Рим. Има богато црковно и академско искуство, меѓу другото и како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на повеќе книги и преводи на Светото писмо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Осум активни пожари, еден под контрола, 12 се изгаснати

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека до 18:30 часот евидентирани се вкупно 21 пожар, од кои осум се уште се активни, дванаесет се изгаснати, а еден е ставен под контрола.
Од активните пожари, во Дојранско и натаму гори во атарот на селото Николич, каде ситуацијата е сериозна и бара постојана интервенција. Во Велешко, активни се пожарите кај селата Џидимирци и Крушје, а во Виничко, пожар има во атарот на село Ласки.
Во општина Македонски Брод, активен е пожарот кај село Локвица, додека во Гостиварско, огнот зафаќа подрачје во близина на селото Чегране. Активен е и пожарот во општина Куманово – Липково, на потегот над село Умин Дол кон село Никуштак.
Во Скопскиот регион, активни се два пожара – едниот во општина Чучер-Сандево, на потегот од село Горњани кон село Блаце, во близина на магистралниот пат, а вториот во општина Шуто Оризари, на улицата „Индира Ганди“.
Под контрола е ставен пожарот во општина Македонски Брод, на подрачјето меѓу селата Црешнево, Крапа, Слатина и Девич.
Изгаснати се 12 пожари, меѓу кои пожарот во близина на село Горњани – општина Чучер Сандево, во близина на стадионот на Гостивар, во ресенското село Перово, во општина Куманово, во кругот на фабриката на ФЗЦ и во месноста викана Пармакови ниви. Изгаснати се и пожарите во општина Старо Нагоричане, кај селата Пелинце и Милутинци, општина Крива Паланка, кај село Градец, во месноста викана Ѓошинска мала.
Два пожара се изгаснати во Охрид, кај селото Оровник и кај населбата Далјан. Во Прилепско се изгаснати пожарот покрај патот од хотел „Салида“ кон Битола и пожарот меѓу селата Лажани и Ропотово.
Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.