Македонија
Мицкоски: БДП во првиот квартал од 2025 е 3,4 проценти, Македонија во петте најбрзо растечки економии во Европа

Во политиката понекогаш ќе слушнете како некој ќе рече дека „бројките не значат многу доколку не се почувствуваат“. Денес сакам да ве уверам дека бројките што ги објавуваме не се само статистика, тие се огледало на промената што веќе се чувствува, истакна премиерот Христијан Мицкоски според кој по објавените прелиминарните податоци на ДЗС со 3,4 проценти раст на БДП во првиот квартал, Македонија се рангира во петте најбрзо растечки економии во Европа.
„Реалниот раст на Бруто домашниот производ откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2% тоа е бројката којашто ја објавува „Евростат“. Со тоа, практично на досега објавените параметри коишто ги објавил „Евростат“, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат“, вели Мицкоски.
Нагласи дека го затворивме поглавјето на стагнација, несигурност и манипулација.
„Отворивме ново поглавје на економски раст, на вреднување на трудот, на поддршка на приватниот сектор, на фер конкуренција. Овој раст е многу сериозен сигнал дека реформите даваат резултати“.
Како што најави, доколку сакаме до 2030 да бидеме уште повисоко на европската економска скала, мораме да го одржуваме просекот којшто, како што појасни ќе биде поголем од 4%.
„Целта беше да ги решиме дупките во продуктивноста и вработувањето, но, она што е важно дека покажавме дека државата конечно функционира“.
Мицкоски кажа дека пред нас има уште многу предизвици.
„Имаме систем што беше поткопуван со години. Имаме институции кои мора да се вратат на граѓаните.
Имаме генерации млади луѓе што чекаат шанса. Ветивме: Македонија ќе ја направиме земја на можности. И овој резултат покажува дека почнавме да го исполнуваме ветувањето. Оваа Влада нема да отстапи пред притисоци“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН со поддршка од партнерски организации ја започна изработката на нова Стратегија за образование 2026 – 2032

Повеќе институции, образовни установи, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни партнери на Министерството за образование и наука започнаа со изработка на нова Стратегија за образование која ќе има важност од 2026 до 2032 година. На првата работна средба, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека документот треба да обезбеди континуитет на тоа што било добро досега, да го модифицира тоа што не ги исполнило во целост очекувањата и да овозможи интегрирање на новите глобални образовни трендови и стандарди кај нас.
„Стратегијата ќе се фокусира на обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за сите, на инклузивноста, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите, усогласеност на образовните политики со пазарот на труд, дигитализација, дигитална и медиумска писменост и примена на нови технологии“, рече Јаневска, потенцирајќи дека Македонија мора забрзано да спроведе покрупни промени, имајќи предвид дека и Европската комисија имаше забелешки за бавниот развој на образованието во изминатите неколку години.
Министерката изрази благодарност до сите партнери, кои како што рече, имаат своја стручност и искуство во градење стратегии, креирање политики и нивна имплементација. Особено се заблагодари на четирите клучни поддржувачи – УНИЦЕФ, УНДП, Светска банка и ГИЗ, со кои потпиша официјално писмо за поддршка.
„Само со издржан стратешки документ, базиран на точни анализи, податоци и факти, можеме да изградиме поквалитетен национален образовен систем. А јас, како ресорен министер уверувам дека Владата ќе биде на висина на задачата и ќе обезбеди доволно ресурси за сé што треба да ги поместиме работите напред“, додаде Јаневска.
Македонија
(Фото) ЈКП „Гази Баба“ доби нова механизација

Денес, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со директорот на ЈКП Гази Баба Игор Атанасовски направија промоција на новата механизација за ЈКП Гази Баба, извести Општината.
Механизацијата се состои од две возила и тоа: специјализирано возило за метење и миење на јавните површини и теренско товарно возило.
Специјализираното возило ќе даде значителен придонес кон зголемувањето на чистотата на јавните површини, преку редовно метење на улиците во урбаните средини, додека товарното возило ќе биде ставено во функција на интервенции на терен во руралниот дел на општината каде што ЈКП Гази Баба има надлежност за оддржување на водоводните и канализационите системи, се додава во соопштението.
„Среќен сум што од денес во функција на ЈКП Гази Баба, а преку тоа во директна служба на граѓаните ставаме две нови возила. Ова не е прва инвестиција во ЈКП Гази Баба во изминатите четири години, ЈКП Гази Баба доби значајни инвестиции во механизација и опрема, кои не само што го подобрија квалитетот на услугите, туку и го трансформираа претпријатието во модерна и ефикасна институција – вистински сервис на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.
Директорот на ЈКП Гази Баба Игор Атанасовски, упати благодарност до градоначалникот Стефковски за поддршката и инвестициите кои се реализираа во изминатиот период.
Македонија
„Шоферот го унапредил во службеник, вработена во кабинетот ја поставил за претседател на Управен во Опера и Балет, зошто на Љутков му се дозволува аздисување“, прашува СДСМ

„СДСМ денеска алармира за сериозни злоупотреби и скандалозно однесување во Министерството за култура и туризам, под раководство на Зоран Љутков. Прво, својот шофер го унапредил во кабинетски службеник, само за да зема 30% повисока плата. Потоа, вработена од неговиот кабинет ја поставил како претседател на Управен одбор во Опера и балет, што е очигледен конфликт на интереси“, вели Катарина Илиевска – Силјановска, Комисија за култура на СДСМ.
„Министерот Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања само во второто полугодие од 2024 година. Купени се и нови авионски карти за нова тура во Јапонија за септември, каде на државна сметка ќе настапуваат Ана и Игор Дурловски, кои имаат блиски врски со власта.
На 19 мај годинава, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, ја разрешил државната секретарка Марија Ѓорѓова, со единствена цел – да ѝ овозможи унапредување преку интерен оглас на позиција државен советник за европски прашања и креативни индустрии.
Иако официјално разрешена, Ѓоргова продолжи да се претставува како државен секретар. Јавно настапува на настани, отвора изложби, патува на државен трошок: во Ватикан, на Венецијанското биенале, дури и ја примила грчката амбасадорка во својство на државен секретар, позиција од која е службено разрешена, што е своевиден дипломатски скандал.
Скандалозно е што по исполнувањето на личните желби, Ѓоргова е повторно вратена на функцијата државен секретар, унапредена и згрижена.
Ова е класично кршење на законите, злоупотреба на институции и директна навреда за сите културни работници во државата! Затоа, СДСМ јавно бара:
Институциите да поведат постапки за ревизија и одговорност. Злоупотребите со јавни функции и народни пари да престане беднаш! Ова не е политика во интерес на културата – ова е културна катастрофа. СДСМ нема да молчи. Ќе продолжиме да се бориме за вистински вредности, отчетност и почит кон културните работници и граѓаните!“, изјави Катарина Илиевска – Силјановска, Комисија за култура на СДСМ.