Македонија
Мицкоски: Државата е украдена од народот од страна на ДУИ и нивните измеќари СДС

Многу е важно да споменеме што ни се случуваше изминативе 6 и половина години, грабеж, понижување, срам и да не дозволиме никогаш повеќе да се повторат. Ветуваа дека ќе донеле правда и мир, а ниту правда ниту мир донесоа, никогаш полошо не се живеело криминалци царуваат со градовите, а оние кои треба да се одговорни за правдата и мирот се најверни коалициони партнери на криминалците, изјави претседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Кратово.
Мицкоски нагласи дека законите не важат за сите подеднакво, државата му е украдена на народот и со неа управува мала тесна клика на власта која континуирано ја понижува, ограбува и срами Македонија, како и дека има цикличен артаноиден режим во Македонија.
– Шансата за сето ова да се промени ја имаме на 24 април да излеземе да го заокружиме бројот 2 да ја поддржиме идната претседателка Гордана Силјановска Давкова а потоа уште помасовно на 8 мај, Македонија не само горда, да ја направиме и повторно твоја, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека оваа власт ветуваше подобар живот и за земјоделците, за пензионерите, учениците, за здравството, но наместо тоа гледаме да нема загарантиран откуп за земјоделците, да нема учебници за учениците, пензионерите да протестираат за пензии, а во здравството видовме како се запали модуларната и луѓе загинаа, а бевме во првите 5 држави по смртност во корона пандемијата.
Мицкоски се осврна и на ДУИ за кои рече дека ги напаѓа затоа што се криминалци.
„Тие ме нарекуваат анти Албанец, не јас сум анти ДУИ криминалците. Ќе зборувам против принципот на владеење „како до сега“ како му рече Ахмети на Ковачевски. Ќе бидам против системот на владеење каде момчиња кои само што се од фамилијата Ахмети купуваат милионски имоти во центрите на градовите, тие кои се дел од тоа семејство и сватови имаат возен парк од неколку милиони евра, а народот нема леб да јаде“, нагласи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека по 8 мај владата на коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има задача сите кои ја ограбија и понижија Македонија да ги прати во затвор, доста беше од овие стотина разбојници кои ја уништија Македонија.
Говорејќи за Пендаровски, Мицкоски потсети како Пендаровски едно зборува наутро, друго на пладне, а навечер ги демантира двете, како и дека во меѓувреме ќе кажува дека Гоце Делчев бил Бугарин, дека ако не бил претседател ќе се селел од Македонија, ќе навредува дама како професорката Гордана Силјановска Давкова.
„Од друга страна имаме титан како професорката Силјановска Давкова која изминативе години ги бранеше македонските национални интереси, заслужува поддршка и историска победа на овие избори. Таа застана заедно со нас во првите редови одлучи за да се бори за Македонија за својот народ, за сите нас за достоинствена просперитетна држава со можности и шанса за секого“, истакна Мицкоски.
Тој повика „сите масовно да се обединиме на 24 април да му помогнеме на Пендаровски да ги пакува куферите, да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа на 8 мај да ја направиме Македонија и повторно горда и повторно горда и да стигнеме до 61 пратеник, да ја ослободиме Македонија од овие стотина разбојници од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.