Македонија
Мицкоски: Жал ми е што реформите во правосудството се сведуваат за пари, ако се прифатат покачувањата, државата ќе биде рекордер во светот
На денешната седница на Собранието посветено на пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски одговараше на прашање посветено на темата за платите на вработените во правосудството како дел од реформите во оваа област.
Мицкоски се осврна на предлозите за измени на законот според кои треба средствата за правосудството да се покачат на 0,8 % од БДП за судовите и 0,5 % за обвинителите или тоа е приблиожно 1,5 % од БДП.
„В година ќе имаме 20,5-20,6 милијарди долари БДП, тоа значи дека приближно 260-270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат пари за судовите и за обвинителствата или 3-4 пати повеќе од сега. Кога на тоа ќе се додадат расходите, кои се за редовна исплата на пензиите, кога на тоа ќе се додадат редовните плати на администрацијата, кога на тоа ќе се додадат сè поголемите потребни трошења во Армијата и МО и кога на тоа ќе се додадат капиталните инвестиции и долговите поголеми од 2,2 милијарди направени во минатото, тогаш буџетот ќе треба да биде приближно 8-9 милијарди евра на расходната страна или буџетскиот дефицит на биде 8-10 % од БДП. Нормално, тоа е невозможно“, рече премиерот Мицкоски и додаде дека кога се зборува за реформи, треба да се зборува за суштина, а не за пари.
„Жал ми е што дебатата се сведува за пари. Тоа се реформите. Автономен буџет и пари. Тоа е првата теза, па кога видоа дека јавноста лошо реагира, мал дел, кој ги контаминира сите, одлучија да ја свртат тезата, па велат немаме основни средства за работа, компјутери, дактилографи, асистенти и слично. Второто надградено барање е дека плановите за вработување и унапредување требало да ги одобруваат Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, а Владата само да ја информираат, што е во ред. Тие се судска власт, ние сме извршна, ова е законодавна, сосема се разликуваат и тоа не е никаков проблем. Еве не треба дури ни да нè информираат. Ќе им дадеме автономен буџет самите да го управуваат“, рече Мицкоски, но забележа дека истите тие што ги бараат овие реформи го доведоа правосудството во ситуација граѓаните да немаат доверба.
Според Мицкоски, ако се прифатат овие покачувања, тогаш државата ќе биде апсолутен рекордер во светот, односно 2,5 пати повеќе ќе одвојуваме од државата што одвојува најмногу. Според извештајот на Советот на Европа, Македонија во моментот издвојува 0,39 % од БДП, а тоа е повеќе од просекот во земјите што ги опфаќа Советот на Европа и 75 % повеќе од земјите во ЕУ.
„Секој што кажува поинаку или манипулира или не ја говори вистината, без разлика дали е надворешен дипломат или домашен експерт, политичар итн. Ова се бројки и факти, од кои 0,3 % од БДП, според овој извештај, се одвојуваат за судовите. Албанија има 0,14 %, Молдавија има 0,18 %, а ние „послабиве“ имаме 0,30 %. Тоа е двојно повеќе. И тоа е повеќе и од просекот, кој 0,22 % и од медијаната, која е 0,19 %. Кај Обвинителството треба да се поработи, ние сме 0,08 %, а просекот е 0,09 % од БДП. Ние прифаќаме да биде 0,1 %, да стои тоа во законот, минимум 0,1 % од БДП. Ако се создадат услови, ако дозволува буџетското консолидирање, кое ни го бараат меѓународните финансиски институции, ние немаме проблем да им дадеме повисоки плати. Еве малку се 3.000 евра, нека бидат 5.000“, посочи Христијан Мицкоски.
Тој потсети дека во СЈО овие обвинители добиваа плата 10 пати поголема од просечната, пишуваа дневници, па сумата стануваше 20-30 пати поголема плата од просечната и сето тоа заврши спакувано во чанта од „Луј Витон“.
„Овие што требаше да бидат грации, борци на правдата, живот што ќе носеа, сето тоа го спакуваа со неколку милиони евра во една чанта од брендот ‘Луј Витон’, така што, не било до парите, до нешто друго било.
Сакам јавно да кажам дека немаме проблем сè да прифатиме, немаме толку пари колку што бараат, бидејќи, прво, не заслужуваат малкумина, а второ, тоа што ќе го обезбедиме, ќе биде сосема доволно за да имаат пристојни плати и многупати повеќе од просекот“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на Балканскиот форум за интеграција 2025 којшто ќе се одржи во Подгорица во организација на Европското движење во Црна Гора и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати на сесијата насловена „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Во фокусот на Балканскиот форум за интеграција се геополитичките предизвици во светот, ЕУ и регионот на Западен Балкан, како и клучните области во евроинтегративниот процес: основните човекови слободи и права, владеењето на правото, доброто управување, безбедноста, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Покрај државни функционери од регионот, на Форумот ќе учествуваат истакнати експерти за европски интеграции и претставници од бизнис-секторот.
Македонија
Филков до Европскиот фронт: Трагично е што дискусијата ја сведувате на пари вложени во судството а не направивте ништо додека бевте на власт
Министерот за правда Игор Филков говорејќи за Извештајот на ЕК за напредокот на државата на прашањето упатено од пратеничката Дијана Тоска од Европски фронт рече дека Министерството за правда во изминатите месеци има подготвено повеќе од 20 закони.
,, Пред да се навратиме на прашањето би сакал да ја потсетам целокупната јавност дека кога говориме за реформскиот процес тоа е нешто што претходната Влада го прифати без разговарање за датумите во последната година од својот мандат затоа што знаеше, односно мислеше дека откако ќе ги изгуби изборите никој нема да успее за толку кратко време да ги донесе сите суштински реформи и државата да ја придвижи напред.
Да говориме со факти и со бројки. Законот за судски совет ја помина владината процедура.
Во владина процедура се: – Закон за платите на судиите. Трагично е што дискусијата ја сведувате само на пари, оние исти пари кои што пред некој ден од нашите стратешки партнери, оние огромни суми од половина милијарда долари кои што се вложени во судство а вие ништо не направивте додека бевте на власт.
-Закон за платите на јавните обвинители
-Закон за платите на членовите на Судски совет на Република Северна Македонија
-Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија
-Законот за судска служба
-Законот за јавнообвинителска служба”, потенцира Филков.
Тој информираше дека во финална фаза се Законот за јавно обвинителство, Законот за Советот на јавни обвинители, Кривичен законик, Закон за кривична постапка, Закон за судски буџет, Закон за судови, Закон за Академија за судии и јавни обвинители.
,,Бидејќи наследивме хаос и ова не беа единствените закони кои требаше да ги адресираме во изминатите месеци, МП низ отворен и транспарентен процес работеше и на следните закони.
Во владина процедура се: Закон за спречување на корупција и судир на интереси, Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, Закон за парнична постапка, Закон за вештачење, Закон за процена, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во финална фаза на подготовка се: Закон за заштита на лични податоци, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за помилување, Закон за здруженија и фондации”,истакна Филков.
Македонија
Муцунски со претставници на литванскиот Парламент – Сејмас: фокусот на унапредување на соработката со цел силна поддршка на процесот на проширување на ЕУ
Во рамки на работната посета на Литванија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево го посети литванскиот Парламент – Сејмас, каде оствари одвоени средби со пратеници, членови на Комисиите за надворешни работи и европски прашања, како и со Групата за меѓупарламентарна соработка со земјите од Западен Балкан.
На средбите, Муцунски ја нагласи важноста на парламентарната соработка и улогата на народните претставници во продлабочувањето на односите меѓу двете држави. Тој истакна дека парламентарната дипломатија претставува значајно дополнување на класичната дипломатија, особено во промовирањето на дијалог и градењето стабилни партнерства.
Фокусот на дискусиите беше ставен и на можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу литванските и македонските пратеници – како на билатерално ниво, така и во рамките на европските парламентарни форуми – со цел продолжена и силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија.

