Македонија
Мицкоски: На Бугарија и пречи македонскиот јазик, жалам но друг јазик немаме
Жалам што уште еднаш ја испуштија шансата дека се добри соседи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го тоа што Бугарија го оспорува Акцискиот план за малцинства затоа што бил на македонски јазик.
Во изјава за медиумите претседателот на Владата кажа дека се случило тоа за што ги предупредил партнерите во Брисел – „дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој ќе биде одбиен од Бугарија“.
– Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик. Простете, но мојот мајчин јазик е македонски, официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот, нема друг. Ако некому тоа му пречи, јас тука не можам да помогнам и жалам што тоа е така, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Сопиште, премиерот посочи дека се било направено како што било побарано – прифатени сугестиите на експерт од Италија при изготвување на Планот и било исполнето барањето од Брисел „ден однапред да се прати во Бугарија за да се покаже добра волја“.
-Така направивме, го дадовме ден однапред. Е, сега, им пречело што е на македонски јазик. Но, тој е официјален јазик според Уставот и јас или министерот не може да го кршиме Уставот. Ако тие мислат дека ќе го испратиме на друг јазик, ние немаме друг јазик согласно Уставот. Тоа е македонскиот јазик. Тие уште еднаш покажуваат дека нема врска малцинството или Бугари во Устав. Имаат многу подлабоки корења нивните барања и подлабоки се проблемите и уште еднаш покажуваат дека нивната намера е сосема поинаква, изјави Мицкоски.
Како што рече, Владата сега нема никакви контакти со Бугарија, но дека „стоиме на располагање било кога и било каде, во која било организација да одиме и да разговараме и да ги претставивме нашите аргументи“.
– Сè ќе прифатиме, нормално не внесување во Устав, сите забелешки ќе ги прифатиме, но јас не можам да се откажам од мојот мајчин македонски јазик, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

