Македонија
Мицкоски: Очекувам државниот јавен обвинител да се занимава со кривичните пријави во фиоките на обвинителите
На денешната седница на Собранието посветена на пратенички прашања, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговараше на прашање посветено на изборот на в.д. државен јавен обвинител и очекувањата од сферата на обвинителството во идниот период. Мицкоски посочи дека од информациите кои ги има, процедурата за избор на државниот обвинител во Собранието треба да заврши за 2 месеци. Критериумите за избор, според Мицкоски, се донесени согласно Законот за јавно обвинителство усвоен од страна на претходната власт на СДСМ и ДУИ и со нив се забрани можноста професори, адвокати и истакнати правници да бидат бирани за државен јавен обвинител.
„Очекувам во рамките на овој период да се избере јавен обвинител и тој јавен обвинител да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите во овие година и половина, повеќе или помалку обесхрабрувачки за сите нас, имаше една појава во која институциите поднесуваат кривични пријави, а обвинителството молчи. И ако направите еден разговор со членовите на Владата и институциите, ќе видите дека станува збор за неколку стотици такви случаи. Ние што сме добро воспитани и не правиме естрада или не се обидуваме да правиме упад во домови наутро, пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери, како што беше некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци. Логично е што граѓаните често пати и негодуваат“, посочи Мицкоски.
Мицкоски рече дека ги разбира граѓаните, но мора да се знае дека повеќе стотици такви предмети стојат во фиоки во обвинителството. Обвинителот треба да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа преку процесите и довербата во судовите.
„Се надевам дека кој и да биде јавен обвинител во иднина ќе се позанимава многу повеќе и подетално со ова. Ова е суштинската реформа. Не е суштинска реформа повисока плата, повисок буџет. Суштинска реформа е борбата за правда. Народот е жеден и гладен за правда и сака да види вистинска борба. Ние како влада не сме судска власт, не сме обвинители. Ние можеме да доставиме пријава. Од тој момент па натаму обвинителите и судиите се тие коишто обвинуваат и тие што судат“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека не може да се очекува успех во кое било поле без силна правна држава.
„Ова е многу важно за периодот којшто следи, бидејќи голем дел од законите коишто се дел од реформската агенда, поврзани со интегрирањето во Европската Унија, ќе бидат пред вас. Дел од нив го поминале оној филтер на Венецијанската комисија. Еден таков е Законот за судски совет, којшто е веќе влезен во собраниска процедура и очекувам во една плодна дебата да се донесе. Потоа ќе се најде Законот за Совет на јавни обвинители, па Законот јавнообвинителска служба, за судска служба, отприлика еден сет од закони кои очекувам во јануари месец да се најдат овде во Собранието“, истакна Мицкоски и дополни дека како Влада се сложува со барањето на јавните обвинители и судиите за плановите на вработувања и унапредување да ги одобрува Советот на обвинители и Судскиот совет, а Владата да биде само информирана.
„Дадовме насока да се направи мапирање на потребите на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата, ИТ експерти, сметководители, технички асистенти итн. и врз основа на тоа мапирање ние како Влада да обезбедиме средства со буџет, да дополниме со ребалансот и тие да бидат пополнети. Сето она кое тие го бараат од нас ние го исполнивме“, кажа премиерот.
Претседателот Мицкоски, потсети на измените на Кривичниот законик кои се направија од страна на минатата влада, за да се обезбеди политичка амнестија за голем дел од поранешните функционери.
„Сега гледаме излегуваат и критикуваат ќе има можности за условни казни, па мали биле казните. Не. Направете компаративна анализа и ќе видите дека сме повторно поригорозни од сите земји од регионот. Не газиме на трула штица“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата ги намали парите за загаден воздух за 50% во споредба со лани
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, кое се однесуваше на кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина, но и како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година во година ги намалува средствата за оваа намена. Таа посочи дека со ребалансот на Буџетот за 2025 година средствата за животна средина се намалени за 13,4%, а ставката „намалување на загадувањето“ е скратена за околу 20%, односно речиси 50% во однос на претходната година.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од Реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средни претпријатија.
,,Заштитата на животната средина е начин како да ја заштитиме иднината на Македонија. Но, реалноста ја отапе острицата и на лесно на пишаните зборови.
Дебатирајќи за Буџетите за 2025 и 2026 година , како и за Ребалансите секаде имаме кратење на средства токму за овој специфичен ресор и за ресорното министерство.
Во Ребалансот на Буџетот за 2025 година – Заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4% во износ од 868 милиони денари помалку, сведувајќи се од 6,4 милијарди на околу 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – Намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19% намален буџет, а во однос на претходната година истиот е планирано да се намали за 48,2%, тоа е скоро 50%“.
Несвојствено е, вели таа да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството, како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздух ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
Според неа, не се доволни само препораките за ослободување од работни обврски на ризичните групи.
„Сите полека влегуваме во таа група справувајќи се со последиците, а не со причините. Моето прашање е кои конкретни мерки ги превземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето, имајќи го во предвид фактот дека од година во година, со секој буџет и ребаланс на буџет, ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем“, праша Лукаревска.
Македонија
Хоџа официјално ја презеде функцијата министер за животна средина
Муамет Хоџа денес ооцијално ја презеде функцијата министер за животна средина и просторно планирање, со што ги презеде надлежностите и одговорностите за раководење со ресорот задолжен за заштита на животната средина, одржливиот развој и просторното планирање во државата.
На првиот работен ден, министерот Хоџа оддржа работна средба со заменик министерката, Ане Лашкоска, со раководниот тим во Министерството, при што беше информиран за тековните состојби, активните проекти и клучните предизвици со кои се соочува ресорот, нагласувајќи дека негови приоритети ќе бидат доследно спроведување на законите, зајакнување на инспекцискиот надзор, транспарентна и отворена комуникација со јавноста, како и целосно усогласување со Европскиот зелен договор и обврските што произлегуваат од процесот на европска интеграција.
Хоџа најави активно вклучување на граѓанските организации, научната и академската заедница, локалните самоуправи и сите други релевантни чинители во насока на изнаоѓање најдобри решенија за еколошките предизвици на замјата.
Министерот Муамет Хоџа, доаѓа на функцијата министер за животна средина и просторно планирање, заменувајќи го претходниот министер Изет Меџити, кој на функцијата министер и прв вицепремиер беше изминативе 18 месеци.
Македонија
ЗНМ: Партиите да не се расправаат преку грбот на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати допис до политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) по повод нивната јавна објава на социјалните мрежи со наслов „Фрљо – последната линија на одбрана на ВМРО!“, во која на навредлив, омаловажувачки и деградирачки начин се таргетира новинар.
ЗНМ изрази сериозна загриженост дека ваквиот тип на комуникација од страна на политички партии е неприфатлив во демократско општество, ја поткопува довербата во медиумите и создава атмосфера на стигматизација и притисок врз новинарската професија.

