Македонија
Мицкоски: Предлог-буџетот вчера помина на владина седница, очекувам в година просечниот раст да биде 3,7 проценти
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска, присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на нова детска градинка во населено место Ново Село во општина Ѓорче Петров по што, одговарајќи на новинарско прашање, колкав раст предвидува предлог-буџетот што беше усвоен на вчерашната владина седница, информира дека, очекува в година просечниот раст да биде 3,7 проценти.
„Да, на владината седница помина буџетот, би требало деновиве да се најде и пред пратениците. Очекувам в година просечниот раст да биде 3,7 проценти. Очекувам во третиот квартал да се движиме меѓу 2,5 и 3 проценти. Очекувам во четвртиот квартал меѓу 3 и 3,5 проценти, а не би се изненадил ако првиот квартал в година, ако биде сè како што го проектираме и со инвестициите на компаниите и со инвестициите на државата, да дојдеме и до четворка. И не би се изненадил ако в година биде 3,7 повеќе бидејќи такви се оние индикатори со кои сега во моментот располагаме. Има уште некои работи што треба да почнат со функционирање, некои фабрики што сè уште не се почнати. Јас очекувам во периодот што следува да почнат, така што оваа година сме, т.е. проекцијата за следната година, на 3,7, но не би се изненадил ако тоа биде и повеќе“, изјави премиерот.
Премиерот додаде и дека капиталните инвестиции се на ниво на 50 милијарди, од кои 32 милијарди се од буџетот, преостанатите 18 милијарди се од тековните програми.
„Капиталните инвестиции се некаде на ниво на 50 милијарди, од кои 32 милијарди се од буџетот, преостанатите 18 милијарди се од тековните програми, но и нови што ќе следуваат. Буџетскиот дефицит е приближно 41-42 милијарди, така што очекувам, имајќи ги предвид сите теренски активности, кои се забрзани, конечно силен комитмен од Бугарија за Коридорот 8 да биде јасен во јавноста и тука да почнат да се движат работите. Така што не би се изненадил ако отидеме и ја видиме четворката в година“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

