Македонија
Мицкоски сфати каде е тежината на албанскиот глас, вели Таравари
Ккандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ ја сфатила, како што посочува, тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Во напишаното на социјалните мрежи Таравари истакнува дека сега ќе се фокусираат на изборите, а после 8 мај при формирање на новата влада ќе се водат од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нивната непреговарачка прозападна ориентација.
„Предлогот на Мицкоски покажува дека и ВМРО сфати каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци.
Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај, за најголем број мандати.
По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација“, порачува Таравари.
Ние како „ВЛЕН“, додава тој, сме пообединети од кога било. „Нашиот глас е мнозинство од гласовите на Албанците. Нашите мандати одат кај пратениците Албанци. Бидејќи ние го штитиме напредокот на Албанците, не ги продаваме и не ги купуваме“’, дециден е Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.