Македонија
МОН и Бреинстер ќе соработуваат за воведување вештачка интелигенција во средното образование

По приклучувањето на Факултетот за информатика од Штип кон институционалните заложби за воведување на вештачката интелигенција во националниот образовен систем во Македонија, од денес соработници на Министерството за образование и наука во остварувањето на оваа цел се и приватната високообразовна установа и друштвото за интернет едукација, кои работат под брендот Бреинстер.
На конференција на која беше потпишан трипартитен меморандум за соработка, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска изрази задоволство што раководствата и кадарот на овие два едукативни субјекта, покажаа висок општествена одговорност и силна волја со своето знаење и стручност да им помогнат на министерството, Бирото за развој на образованието и Центарот за развој на стручното образование во интегрирањето на оваа технолошка иновација во наставните програми во средните училишта во државата.
„Примарниот фокус на меморандумот што денес го потпишуваме е поддршка за воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Важно е нашите ученици да знаат етички да ја применуваат при остварувањето на образовни и професионални цели. Но, Бреинстер ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование и јас им благодарам за подадената рака“, рече Јаневска.
Потсети дека МОН и Факултетот за информатика во Штип веќе подготвуваат документ со насоки за наставниците и за учениците околу примената на вештачката интелигенција од септември, што, како што рече, ќе биде увертира на воведувањето на конкретни теми во наставните програми во секое одделение.
„Развојот на националниот образовен систем и грижата за создавање на квалитетни и добро едуцирани млади генерации е обврска на цело општество. И затоа, драго ми е што општествената одговорност постојано се зголемува, а институциите добиваат нови партнери“, додаде министерката.
Основачот на Бреинстер групацијата, Петар Ниновски потенцираше дека за нив ова е значаен ден бидејќи се формализира соработката со МОН и се прави голем чекор напред кон системски пристап во воведување на вештини поврзани со познавањето на вештачката интелигенција во средното образование.
„Веруваме дека заеднички можеме да изградиме образовен систем што не само што ги следи светските трендови, туку и активно учествува во нивното дефинирање. Среќни сме што државата го препозна потенцијалот кој го поседуваме и особено сме благодарни на министерката Јаневска за покажаното лидерство и визија. Младите заслужуваат квалитетна подготовка за да може да создаваат подобра иднина за Македонија. Чест ни е што сме дел од овој процес на трансформација на општеството“, потенцираше Ниновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.