Македонија
Муртезани со корејскиот амбасадор Донгбае – Зајакнување на билатералната соработка и поддршката во развојни проекти
Министерот за европски прашања и национален координатор за странска помош, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со нерезидентниот амбасадор на Република Кореја, со седиште во Софија, Ким Донгбае, на која се разговараше за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на развојната помош, економските односи и можностите за идни заеднички проекти во области од заемен интерес. Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка на Владата и народот на Република Кореја, особено за грант-помошта во вредност од околу 440 илјади американски долари за набавка на осум електрични возила и осум полначки станици за потребите на здравствените инспекторати.
Министерот нагласи дека Министерството за европски прашања, како институција надлежна за координација на процесот на европска интеграција, има клучна улога и во хоризонталната координација на странската помош во земјата, вклучувајќи ја и поддршката од Европската Унија и другите билатерални партнери. Во таа насока, беше изразена благодарност за минатогодишната грант-донација на Република Кореја која овозможи значајно подобрување на ИТ инфраструктурата во МЕП.
Муртезани ја истакна и успешната соработка меѓу царинските управи на двете земји, реализирана преку заеднички проекти за поддршка на малите и средни претпријатија и развој на е-трговијата, во вредност од околу 700 илјади долари, како и втората фаза на проектот, во износ од околу пет милиони евра, насочена кон унапредување на системите за управување со податоци и ризици. Муртезани и Донгбае ја потврдија подготвеноста за продлабочување на соработката во приоритетни области како дигитализацијата, сајбер безбедноста, здравствените услуги, јавната администрација, зелената агенда и енергетската транзиција.
Тој го информираше амбасадорот Ким за тековниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија и ја потенцираше важноста од поддршката на пријателските земји, како Република Кореја, во остварувањето на стратешките цели на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Членови на собраниски комисии со Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија: стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција
Парламентарната дипломатија важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, предводена од Наталиа Усеро Перес.
На средбата со Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, претседателот на Комисијата, Муса Џафери, истакна дека Шпанија е стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција на Република Северна Македонија. Билатералните односи се карактеризираат со искрено пријателство, политичка поддршка и заедничка посветеност на европските вредности.
Се очекува и понатамошна поддршка од Шпанија во надминувањето на актуелните предизвици поврзани со блокадата од страна на Бугарија на патот кон ЕУ. Во фокусот на разговорот беа и предизвиците со кои се соочуваат земјите во борбата против корупцијата и потребата од заедничко дејствување.
„Ние, како парламент, веруваме дека редовниот дијалог меѓу пратениците на двете земји создава силна основа за развој на демократските процеси, олеснува меѓусебно разбирање и придонесува кон подобри политики во интерес на граѓаните“ – заклучи Џафери.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски истакна дека денешната средба претставува важна можност за потврда и дополнително зајакнување на долгогодишната соработка помеѓу девете земји. Со Шпанија споделуваме искрено пријателство, конструктивно партнерство и заедничка посветеност на еропските вредности и стандарди.
Во економска сфера од една страна, нашата соработка бележи позитивни резултати, но постои и голем потенцијал за натамошно проширување особено во делот на енергетиката, инфраструктурата, туризмот, образование и зелените технологии. Од друга страна во областа на парламентарната дипломатија, двата парламенти имаат традиција на плодна комуникација, средбите на високо ниво, парламентарните групи за соработка претставуваат важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси.
Наталиа Усеро Перес, истакна дека е овде со голем интерес и ентузијазам да се запознае со проблемите со кои се соочува Северна Македонија, Францускиот предлог и можните решенија кои ќе ја доведат до интеграција во ЕУ.
Членовите на Комисијата упатија благодарност што Шпанија остана принципиелен поддржувач на европската перспектива на нашата држава и на политиката на
проширување на Унијата, воедно беа едногласни дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за пристапниот процес.
Македонија
Мицкоски преку Гаши се обидува да ја минира Анкетната комисија за Кочани, велат од СДСМ
Христијан Мицкоски преку Африм Гаши го минира формирањето на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, што е барање на семејствата на загинатите и повредените, истакнуваат од СДСМ.
Очигледно, додаваат од оваа партија, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се плашат од вистината за Кочани па затоа се измислуваат некакви деловнички изговори.
„Поднесената иницијатива на пратениците на СДСМ е цлеосно согласно Деловникот кој дава можности да се утврди бројот на членови и делокугрот за работа, на самата седница на којашто ќе се одлучува по одлуката за формирање на Анкетната комисија да се утврдат членовите и составот на анкетната комисија.
Гаши им купи две недели на Мицкоски и ДПМНЕ но треба да знае дека нема бегање од вистината и од правдата“.
СДСМ, нагласуваат од оваа партија, ќе ги искористи сите законски и Деловнички механизми и повторно ќе поднесеме нова иницијатива.
„Нема да дозволиме да успее обидот на власта по секоја цена да ја спречи формирањето ниту пак работата на Анектната комисија за Кочани.
Граѓаните, семејствата, јавноста треба да ја дознааат и ќе ја дознаат целата вистина за Кочани, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот, кои биле институционалните пропусти, какви се прекршувањата на законските одредби, како и тоа кој треба да понесе политичката одговорност“.
Македонија
(Видео) Конески: СДС со елементарно непознавање на младинските состојби во земјава
Длабоко сме трогнати и потресени од прес-конференцијата на партијата која владееше 7 години, а за само една година успеа да стане 5-та партија во Скопје. Со неизмерна тага, сведочиме на пропаста на партијата која изгуби стотици илјади гласачи, откако за личен интерес ги распродаде националните интереси и го урниса целиот систем, истакна на прес-конференција Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Жал ни е, вели тој, што поделивме само 55.000 ваучери за електронски уреди, со што студентите ќе можат да користат напредни технологии, наместо да злоупотребуваат европски фондови за тренинг на магариња.
„Жал ни е, што реализираме реконструкција на сите студентски домови, наместо да ветуваме студентски град, кој 8 години тие не успеаја ни го започнат.
Жал ни е, што ќе изградиме зграда на Медицинскиот факултет во Штип, нешто што според вас е „назадување“ во однос на времето кога болниците се распаѓаа низ државата.
Жал ни е што почнавме со процес на дигитализација на универзитетите и воведување на е-индекс, и жал ни е што наскоро почнува реконструкција на спортската сала на УКИМ, како и проектите со кои младите ќе можат да купат свој дом, да основаат свое семејство или да започнат свој бизнис.
На ова ваше елементарно непознавање на младинскиот стандард и реалностите во државата, не ви замеруваме, само ви укажуваме.
Разбираме дека вашата партија нема повеќе ниту гласачи, а уште помалку млади луѓе кои се во контакт со вистинските проблеми, а можат и да понудат вистински решенија“.
Додека вие инвестирате во неколку поединци во вашата младина, кои повторуваат истрошени флоскули на Филипче и на Заев и да се срамат на националните телевизии, вели Конески, ние инвестираме во иднината, инвестираме во конкретни политики, мерки и проекти што младите ги чувствуваат веднаш.
„Ниту една смешна прес-конференција, нема да нè обесхрабри во нашата заложба да изградиме држава, во која секој еден млад човек може да просперира и да успее. Младите препознаваат работа, препознаваат квалитет и конкретна поддршка, а не празни зборови.
Заврши времето на апстрактни и нереални ветувања. Почна времето на мерливи резултати, на вистинска одговорност и на политики што го менуваат животот на младите денес, а не во нечија фантазија“.

