Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Литванија: посебен акцент во разговорот ставен на европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија. Во рамки на првиот ден од посетата, тој оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис.
Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.

Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Главен фокус за следната година ќе бидат капиталните инвестиции, целта е да дојдеме до раст на БДП од над 4% проценти
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието за пратенички прашања истакна дека за следната година главен фокус на Владата ќе бидат капиталните инвестиции и се очекува тие да бидат главен двигател во економијата, исто како што и оваа година од 3% дојдовме на 3,4% од БДП, а за третиот квартал се очекува и повеќе, имајќи предвид дека само во градежништвото има раст поголем од 34% во реализација и на капиталните и на приватните инвестиции во третиот квартал.
„Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4% и повеќе во услови на ваква криза, посебно во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации не само во Европа, туку и пошироко и да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5% и 8% што веќе го правиме, бидејќи во првиот квартал беше 7,5%, во вториот 7,8%. Ова е она кое претставува наша амбиција во ова време и да ги намалиме во тие услови, и јавниот и државниот долг“, посочи Мицкоски.
Додаде дека ако ја гледаме 2025 година и додадената вредност која ја креираме во економијата и споредиме со задолжувањата, ќе видиме дека тоа е во однос 2 спрема 1 и затоа кога ќе прашаат каков е јавниот и државниот долг, одговорот е дека е едниот за скоро 2,8%, а другиот за 3,5% помал од тој кој бил на крај на 2024 година.
„Ако споредите со седум години СДСМ и ДУИ ќе видите дека поголемо е задолжувањето отколку креираната додадена вредност во економијата. Тоа значи дека се задолжувале, а не создавале вредност, а ние во оваа година двојно повеќе создаваме вредност отколку што ја задолжуваме државата. Оваа влада домаќински се грижи за народните пари и може да ги планира соодветно, распределува, да инвестира соодветно за да граѓаните почувствуваат дека нешто на добро се случува во државата споредено на тоа како беше по принципот „како до сега“. И никогаш нема да ја научат лекцијата, им ги слушам пораките, дискусиите тука и сфаќам дека не сакаат да ја научат. Си кажуваат една работа, комотно им е тука во Парламент, убаво им е на малкумина без да водат сметка како е во државата и каква одговорност имаат што седат во овие пратенички клупи“, потенцираше Мицкоски.
Нагласи дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции и во таа насока, посочи дека сите капитални инвестиции кои се дел од општините и ги финансира централната влада, „а вкупниот обем на тие, ако на тоа се додадат и програмите преку министерствата доаѓаме до бројка од половина милијарда евра, додавајќи дека дел се досега завршени, дел во фаза на реализација, овие капитални инвестиции очекувам дека отприлика 75% до 80% ќе бидат готови.
Очекувам да бидеме при крај со автопатот Кичево-Охрид, во завршна фаза или најдоцна до првиот квартал во 2027 година, имаме мал проблем со проектирање на косините кои треба да ја стабилизираат земјата за да не ни се свлече, за да нема инциденти, на линија се со потпретседателот на Влада и жестоки сме со таа компанија која си игра мајтап со трпението и мислам дека треба да престанат да си играат мајтап и да го заврши тоа што требаше во февруари, па се продолжи до октомври и сега пак бара рок до февруари. Жестоко работиме на реализација на коридорите 8 и 10д, очекувам да имаме огромен напредок, очекувам завршување на реализација на капитални во други сегменти и отпочнување на нови“, изјави Мицкоски.
Македонија
(Видео) По претставката на родителите на загинатите деца во Кочани, Апасиев закажа анкетна комисија на 9 декември
Пратеникот и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција соопшти дека закажува редовна седница по поднесената претставка од здружението „16 Март“ – здружението на родителите на загинатите деца од Кочани. Седницата ќе се одржи на 9 декември 2025 година со цел да не се преклопи со судските рочишта и поради симболичната поврзаност со 10 Декември – Светскиот ден на човековите слободи и права.
На седницата се поканети сите членови и заменици на Комисијата, претседателот и потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, премиерот, министерот за внатрешни работи, претседателот на државата, како и подносителите на претставката, кои ќе имаат право на обраќање.
Апасиев нагласи дека ова не е ниту надзорна ниту јавна расправа, туку редовна седница, што Комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани – пракса што и претходно постоела во парламентот. Тој потсети дека постоеле три неуспешни обиди оваа точка да се стави на дневен ред поради што е поведена и управна постапка против претседателот на Собранието.
Во однос на паралелните иницијативи за анкетни комисии од власта и опозицијата, Апасиев објасни дека тие се ад хок тела со ограничен рок и квазиистражни функции, а Постојаната комисија има континуитет и редовни обврски.
Во делот на новинарските прашања, тој истакна дека клучната цел е, конечно, родителите да добијат институционална можност да се обратат во Собранието – нешто што со месеци им било блокирано.
Очекувањата од седницата се да се отвори плодна дискусија и да се понудат заклучоци со конкретни законски измени, кои ќе адресираат системски пропусти и ќе лоцираат политичка одговорност.
Се додава дека правната постапка продолжува во судот и парламентот во неа не може да се меша, но има обврска да ги утврди политичката страна на одговорноста и институционалните пропусти што доведоа до трагедијата во Кочани.
Македонија
Жители од Даљан бараат Општина Охрид итно да го отстрани паднатото дрво што смачкало автомобил
Жителите на охридската населба Даљан упатија апел до медиумите и до Општина Охрид, барајќи итно да се отстрани масивен бор кој паднал врз паркирано возило на улицата Сатеска бр. 40 на 22 ноември 2025 година.
Според нивното известување, дрвото – високо околу десет метри – се откорнало од невремето и паднало во пешачката зона пред зградата со три влеза. Жителите посочуваат дека немало пешаци во моментот на падот, поради што е избегната евентуална трагедија.
![]()
Укажуваат дека веднаш била повикана противпожарната служба, но дека службата се прогласила за ненадлежна и ја напуштила локацијата. Подоцна дошле претставници од Општина Охрид и од ЈП „Комуналец“, но, според жителите, заминале без да преземат мерки и без да најават кога ќе го отстранат дрвото.
Жителите потсетуваат дека на истата локација пред неколку години паднало друго дрво, по што општинските служби ги обележале и останатите борови како опасни и за отстранување, но тоа не било реализирано.
![]()
Тие нагласуваат дека паднатиот бор се наоѓа на земјиште во сопственост на Република Македонија и дека Општина Охрид има обврска да постапи. Жителите реагираат дека, иако при сличен случај во центарот на Охрид биле брзо мобилизирани екипи, во Даљан немало интервенција.
„Не сме граѓани од втор ред. И ние плаќаме данок и очекуваме Општината да постапи исто како во сите населби“, наведуваат жителите во апелот.

