Македонија
Нацев кажа дека не бил во земјата кога се случи пожарот во „Пулс“ и се пожали на медиумски и јавен линч од безбедносни аналфабети
Судот ги слушна воведните зборови на сите 35 физички и три правни лица обвинети за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Александар Нацев, обвинет дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и не подготвил и не поднел план за обезбедување на локалот вечерта кога се случи пожарот, исто како и сите негови претходници, рече дека нема вина и дека во текот на постапката ќе го докаже тоа.
„Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч спроведен преку разни квазиексперти и безбедносни аналфабети. Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше рушена пресумцијата на мојата невиност додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани политизирани клевети и навреди. Денес, сите овде сме исправени пред брутално силување на Законот за приватното обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај во обвинението“, рече Нацев.
Со барањето одговорност од агенцијата за обезбедување „Рубикон“ тој смета дека малициозно се префрла вината што ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола.
„Во текот на ова судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности, кои јавно ќе укажат на отсуство на каква било вина кај мене или каква било таканаречена каузална поврзаност со трагичниот настан за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, рече Нацев.
Неговиот бранител рече дека во постапката ќе докажат дека „Рубикон“ вечерта немал обврска да направи и да пријави план за обезбедување оти имале само тројца обезбедувачи, а законот пропишува таква обврска за настани на кои се ангажираат петмина или повеќе, па рече дека ќе докаже оти Нацев не е реален сопственик на агенцијата, туку дека кусо време бил вработен како консултант поради неговата стручност.
И бранителите на правните лица „Рубикон“ и „ММММ кафе“ ДООЕЛ во денешните завршни зборови го оспоруваат обвинението, рекоа дека не е јасно со кои конкретни дејства одгворните лица ги презеле за да бодат обвинети правните лица и најавија дека во текот на постапката ќе докажат оти нема вина кај обвинетите правни лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

