Македонија
Националната мрежа против насилство врз жени со најостра осуда за бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осудува денешниот срамен и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски
при увид на локација со дивоградба.
„Овој напад претставува флагрантно кршење на човековите права, напад врз достоинството на жената и грубо поткопување на институционалниот интегритет. Тоа е атак не само врз една жена на јавна функција, туку и врз основните темели на правната држава и демократијата. Бараме итна, темелна и непристрасна истрага, како и најстрога санкција за сите вклучени сторители. Државата мора да испрати јасна и недвосмислена порака дека насилството – без разлика врз кого е насочено – е неприфатливо и нема да се толерира“, велат од Националната мрежа против насилство врз жените.
„Како мрежа која повеќе од една деценија се залага за искоренување на родово базираното насилство, остро алармираме за растечките трендови на говор на омраза, деградација и физички напади врз жени, особено оние кои се активни во политиката и јавниот живот.
Жените политичарки сè почесто се цел на закани, омаловажување и насилство, особено на социјалните мрежи, создавајќи средина на страв и самоцензура.
Резултатите од истражувањето на Националниот демократски институт и Охридскиот институт од 2020 година покажуваат дека 65% од жените во политиката во Македонија доживеале некаков вид на насилство, додека 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите, и покрај нивниот јавен ангажман.
Оваа реалност мора да се промени. Насилството не смее да биде цена што жените ја плаќаат за јавно учество. Потребни се итни системски мерки, силна политичка волја и јавна осуда од сите општествени чинители.
Само преку решителна, гласна и солидарна реакција можеме да изградиме општество во кое секоја жена, без разлика на нејзината позиција, ќе биде безбедна и подеднакво вклучена“, соопшти Националната мрежа против насилство врз жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.