Македонија
Нашата работа не ги одложува обврските на другите надлежни органи, велат од ДКСК за именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност

Државната комисија за спречување на корупцијата објави известување во врска со јавните реакции во однос на нејзината улога во предметот за именувањето на директорот на Агенцијата занационална безбедност.
„Во врска со јавните реакции во однос на улогата на ДКСК во предметот за именувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност ја информираме јавноста за следното:
ДКСК постапува во рамките на своите законски овластувања и надлежности, насочени кон проверка на можни судири на интереси, интегритет и транспарентност во постапките за именувања на раководни функции. ДКСК е независен орган со точно утврдени надлежности и во своето работење се води исклучиво од потребата за законито и транспарентно функционирање на институциите.
Информациите во јавноста за дуализам во постапувањето помеѓу ДКСК и ОЈО не соодветствуваат со реалноста бидејќи двете институции имаат разни функции и институционална поставеност. ДКСК исто така истакнува дека нејзиното постапување во ниеден случај не ги запира постапувањата на другите надлежни институции од спроведување на надлежностите.
Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста. Укажуваме дека нашата работа не ги заменува, ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи. Напротив, ДКСК ги поттикнува сите надлежни институции да си ги извршуваат должности во согласност со законските надлежности.
ДКСК постапува во рамките на роковите утврдени со закон и тие рокови го диктираат постапувањето на ДКСК обезбедувајќи така систематичен и транспарентен пристап во проверките.
Потребно е сите надлежни органи да ги почитуваат институционалната рамка и надлежностите на ДКСК, со што ќе се обезбеди ефективно и транспарентно завршување на процесите од интерес на јавноста. Довербата во институционалниот интегритет на системот за спречување на корупцијата и одговорноста се градат преку доследност во извршувањето на надлежностите на секој орган одделно“, се истакнува во соопштението од Комиисјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути, а на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор

Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.
Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.
Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.
Македонија
Исчезнатиот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, соопшти семејството

83-годишниот Ѓорѓе Серафимовски е пронајден жив и здрав, кусо соопшти семејството. Тие заедно со полицијата го бараа од вчераутро откога излегол од својот дом во Фалише да оди кон Тетово, но не можеле да го најдат.
Семејството вели дека го пронашле на патот кон Тетово, контактибилен, но го однеле во болница за дополнително да му ја проверат здравствената состојба.