Македонија
Не требаше да дозволиме да се случи пожарот во Кочани за да утврдиме дека во зграда со 400 станари 30 години нема хидрант, вели Ѓорѓиевски

Вонредните инспекциски контроли, кои почнаа мината недела по пожарот во кочанската дискотека со 59 загинати, ќе продолжат со проверка на безбедноста во сите станбени згради во земјата. Ќе ги прават општинските инспектори заедно со инспекторите од сите државни институции надлежни за безбедност. Претседателот на Заедницата на локалните самоуправи (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода вели дека во неговата општина ваквите проверки се веќе почнати.
„Во мојата општина 27 станбени згради биле подложени на проверки изминатите неколку дена. Од тие 27, најчесто оние што се најгласни и кои ги утврдуваат аномалиите на системот, е утврдено дека баш во тие згради нема хидранти. Имаме случаи каде што цревата за хидрантите се продаваат, биле украдени. Секој треба да си одговара. Ова не е операција во која главниот збор го има локалната или централната власт, или Орце индивидуално или кој и да е. Во ова треба, луѓе, да учествуваме сите. Ова зависи и од одговорноста на секој поединец во нашето општество. Не требаше да дозволиме да се случи пожарот во Кочани за да утврдиме дека во зградата во која живеат 400 станари триесет години нема хидрант“, вели Ѓорѓиевски и нагласува дека тоа не е одговорност и надлежност на Општината, но мора да постапуваат оти утврдиле дека ниту станарите ниту управителите на зградите не си ја завршиле обврската.
Ѓорѓевски јавно побара Инспекторатот за домување посоодветно да си ја врши работата и рече дека како ЗЕЛС дале препораки општинските инспектори да стапат во контакт со управителите на сите станбени згради, кои треба да постапат по забелешките што ќе бидат утврдени при инспекциските надзори, во кои главен збор ќе има Дирекцијата за заштита и спасување, која постапува во делот на постоење соодветна хидрантска мрежа, противпожарни апарати и сѐ она што претставува безбедност во зградите.
Ѓорѓиевски смета дека на угостителите треба да им се даде рок од еден месец за отстранување на спорните делови и на забелешките од инспекторите направени изминатиов период оти контролите покажале дека најголем проблем, генерално, во целата држава е урбаната опрема за кафулињата, каде што се констатирани најмногу неправилности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мора да се цени фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, вели адвокатот Дуковски

Сашо Дуковски, адвокатот на 20-годишниот Васил Јованов кој на пешачки премин, возејќи без возачка дозвола, смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, по денешното судење кажа дека очекува да се цени тоа што признал вина и изразил најдлабоко каење.
„Сакам да имате предвид еден многу битен факт, се работи за човек кој што има 20 години, категорично ја призна својата вина. Ова не е ни првата ни последна сообраќајка во Република Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е личност со интегритет и дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се носи со сите последици кои ќе дојдат по неговото признание. Уште еднаш кажувам, да оставиме институциите да си ги донесат пресудите и да донесат одлука врз основа на законот, не врз основа на начелото око за око заб за заб, тоа што некој сака. Смртна последица сама по себе е страшна работа, но треба да се индивидуализира и да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната. Особено мора да се цени во духот на законот фактот што Васил придонесе за ефикасно завршување на постапката и ја призна вината, беше кооперативен, соработуваше со судот и изрази најдлабоко можно каење“, рече адвокатот Дуковски.
Адвокатот се надева дека јавноста досега успеала да препознае што е лага во случајот и кажа дека има забелешки за сведочењата на оштетениот уште од првиот ден.
„Пресудата ја донесува судот, но јас би кажал една друга работа. Се надевам дека конечно видовте, сето она што беше објавувано оркестрирано дека Васил е убиец, Васил е наркоман, Васил е ѓавол, Васил возел со 170, Васил избегал па не дошол три саати на лице место.. Видовте дека сето тоа е една ноторна лага. Цело време за исказите оштетените читаа од нивните телефони што значи дека некој им ги подготвува тие говори, а така настапуваат од првиот ден“, вели адвокатот Дуковски.
На денешното судење Васил Јованов призна вина и кажа дека тоа ќе го прогонува целиот живот.
Јованов на 29 јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје, пијан, минувајќи на црвено светло, на пешачки премин ја удри Кулакова која почина на самото место.
Македонија
Измами со превозот на ученици – пријава против ексдиректорка на училиште од Куманово, шест вработени во МОН и во две фирми

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште од Куманово, шест вработени во Министерството за образование и наука, две правни лица од Куманово и нивните сопственици за злоупотреба на постапката за доделување договор за превоз на ученици
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.Т. – поранешна директорка ДСУ „Киро Бурназ“ од Куманово, против правно лице од Куманово за превоз на патници и сопственикот Д.П., против В.Д., Д.Б., В.В., Ј.В., Д.Т. и Н.К., сите од Скопје, вработени во Министерството за образование против Б.С. – управителка на правното лице.
Првопријавената В.Т., во текот на учебната 2022/2023 и во текот на учебната 2023/2024 година, додека траела реконструкцијата на училиштето и не се изведувала настава со физичко присуство на ученици, во два наврати спровела отворени постапки за доделување на договор за јавна набавка на услуга – превоз на ученици, во кои постапки било изберено пријавеното превозно претпријатие од Куманово, застапувано од пријавениот Д.П. од Кумнаово, како единствен понудувач и носител на набавката. Д.П., потоа заедно со пријавената В.Т. изготвиле лажни записници за квалитетно и навремено извршена услуга, кои ги потпишале двајцата, па врз основа на лажните записници Д.П. изготвил лажни фактури во кои биле внесени невистинити податоци и како такви биле доставени до Министерството за образование и наука.
Доставените фактури биле одобрени и исплатени од четвртопријавената В.Д., петтoпријавената Д.Б, шестопријавената В.В., седмопријавената Ј.В., осмопријавената Д.Т. и деветтопријавената Н.К.. и покрај тоа што знаеле дека училиштето се реконструира и наставата се одвива без физичко присуство на ученици и наставници. Додека пак пријавената С.Б. – управител на правното лице за книговодствени услуги од Куманово, иако знаела дека изготвените фактури се со невистинита содржина и не се поткрепени со никаква друга задолжителна пропратна документација предвидена со закон, сепак ги книжела во финансиските книги на правното лице за превоз на патници.
На тој начин, сите пријавени им овозможиле на пријавениот Д.П. и правно лице за превоз на патници од Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 32.620.123 денари на штета на буџетот на РСМ.
Македонија
Муцунски во Украина повика на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, престојуваше во еднодневна посета на Лавов, каде што учествуваше на Министерскиот состанок за формирање на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ. Муцунски беше единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните.
„На состаноците беше потврдена поддршката за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија. Министерот Муцунски ја реафирмираше принципиелната поддршка на нашата држава, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир“, соопшти МНР.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со своите колеги, оддаде почит на украинските херои на гробиштата „Lychakiv“ во Лавов.