Македонија
Нема план „Б“ за Северна Македонија, вели бугарскиот шеф на дипломатијата

Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него. Му се заблагодарувам на Народното собрание за неговата активна позиција. Ова уште еднаш покажува дека постои целосен консензус во општеството во врска со Република Северна Македонија, но и целиот процес на европска интеграција што се однесува на Западен Балкан.
Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев откако во парламентот се усвојуваше одлуката за спорот со Македонија, пренесе БГНЕС.
„Воздржаниот европски дипломатски тон и однесување на Бугарија, во апсолутен контраст со понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност. Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во однос на европската интеграција на Западен Балкан и конкретно на нашиот сосед, РСМ, е целосно стабилна и цврста“, рече тој, уверувајќи дека Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него.
Георгиев е категоричен дека Бугарија нема да престане да повторува дека почитувањето на европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок и дека критериумите за членство утврдени од 2022 година меѓу ЕУ и сите нејзини земји-членки од една страна и самата РСМ мора да бидат исполнети за оваа земја да продолжи напред во својот процес на европска интеграција.
На прашањето дали Бугарија веднаш ќе стави вето на разговорите меѓу премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, и европските партнери доколку тие случајно доведат до почеток на преговорите за пристапување на РСМ во ЕУ пред да се промени нивниот устав, тој одговори дека од сите разговори што ги водел досега, нема план „Б“. „Постои само еден план – промена на уставот, исполнување на критериумите за кластерите, за да може процесот да се движи напред. Ова го кажа и австрискиот колега – користење на алатките за разговори, но исполнување на критериумите, промена на уставот, сè што е утврдено од 2022 година“, додаде бугарскиот министер за надворешни работи.
Георгиев рече дека е многу збунет од тоа како претставниците на земја-кандидат користат многу лекомислени формулации.
Повика сите што сакаат да бидат дел од европскиот систем на вредности, одлуки, институции да се придржуваат кон европските правила. „Нема шанси да бидете во ЕУ ако не сакате да се однесувате како Европеец“, нагласи тој и беше категоричен дека Бугарија нема да се повлече од договорите и ќе го почитува европското право.
Георгиев рече: „Фактот дека Бугарија го знае значењето на зборот „дипломатија“ и не постанува хистерична во секоја прилика не значи дека не е активна, туку напротив.
„Нема да се откажеме од фактот дека критериумите мора да се почитуваат. Бугарија нема билатерален проблем. Ако Скопјe има нешто што треба да го изрази како барање, тоа е пред Брисел и сите земји-членки на ЕУ“, рече бугарскиот министер за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Елмази: Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му одговори на Мухамед Елмази од Влен, дека Градот нема надлежност во Сарај.
„Мухамед Елмази бидејќи се закануваш, ајде за тебе ДУИ побегуљо ќе појаснам уште еднаш. За тоа што бараш да постапувам во Сарај, е исто како да бараш да одам во Битола или Тетово, немаме таму за жал надлежност за дивоградби.
Ќе ти објаснам уште еднаш ама читање до 4 одделение се учи, ако не си разбрал првиот пат кога ти пишав, за жал нема да разбереш никогаш!
1. Град Скопје нема надлежност над Сарај за дивоградби затоа што законот е за градби до 2011, а Сарај влегува во Генерален урбанистички план во 2012 година.
2. На седницата на Совет на Град Скопје барав дискусија за отварање на незаконски дивоградби за СИТЕ скопски општини, ама твоите другарчиња побегнаа страв им е И ЗА САРАЈ И ЗА ЧАИР да се дискутира.
3. Во Чаир ТИ живееш во незаконска дивоградба стан ГРАТИС, слушам си плачел по дома дека си фатен, а ЕДЕН ОД ЕКИПАТА ОД ОПШТИНА ВЕЌЕ ВИ ИЗБЕГАЛ ВО КОСОВО“, напиша Арсовска на Фејсбук.
Ти си дел од оние што од ДУИ за директорско место во државното НОМАГАС пребега во ВЛЕН, додава Арсовска, а сега откако сте фатени во криминал слушам цело друштво ќе станете комити и ќе преминете во ВМРО.
„Ќе ставите со Ганиу, Меџити и Адеми црвени беретки и ќе тргнете накај Мечкин Камен, само да се спасите од криминалот. ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ, ИМАМ ДОКАЗИ ЗА СЀ И НЕ СЕ ОТКАЖУВАМ! Така пренеси им на другарчињата“, напиша Арсовска.
Елмази, по неговата прес – конференција, објави статус на Фејсбук, во кој ја обвини Арсовска дека молчи во врска со обвинувањата за бесправен објект во општина Сарај.
„Поминаа 24 часа и сè уште ја нема никаде Данела да одговори за зградата во Сарај. Дали тој џиновски објект без дозвола, кој го изложив на фотографија, му припаѓа на твојот пријател и бизнис партнер Блерим Беџети? Имаш ли удел во неговата ‘империја’ или само те плаќа за да држиш прес-конференции?“, прашува Елмази во својата реакција.
Тој додава дека градот Скопје се соочува со алармантна состојба на нечистотија и недостиг на хигиена, особено пред празникот Бајрам, опишувајќи ја ситуацијата како „гушење во ѓубре како никогаш досега“.
На крајот, Елмази најавува дека многу скоро ќе побара одговори и пред Јавното обвинителство.
Македонија
АРМ ќе реализира тактичко-технички активности во Охридското Езеро

Во периодот од 09 до 11 јуни, од 10 до 16 часот, на плажата „Бафало бич“ во близина на езерската полиција, припадници на Армијата на РСМ ќе реализираат тактичко-технички активности.
Притоа, припадниците на Баталјонот за специјални сили, во водите на Охридското Eзеро, ќе употребат артифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема.
„Сите активности во рамките на тактичко-техничките активности, покрај воено ќе имаат и полициско обезбедување што ќе го извршуваат припадници на полициската станица Охрид и полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ (Езерска полиција). Апелираме до граѓаните, да ги почитуваат насоките на службените лица задолжени за обезбедување на овој значаен настан“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Салиу: Не чувствувам вина за пожарот во Кочани

Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, кој е опфатен со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, вели дека не чувствува вина.
„Верувам во нашата држава, верувам во институциите, во судните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати посебни моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, 18 години сум бил адвокат, оставам на совеста на државата да одлучи дали имам јас вина или немам. Лично, со душа и со срце и одговорно максимум тврдам дека немам вина во тој случај“, рече Салиу.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.