Македонија
Николоски: Во Ѓорче Петров со поддршка од Светска банка целосно ќе се реконструираат улици

Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес се обрати заедно со кандидатот за градоначалник на општина Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски. Николоски се осврна на проект, кој е дел од поширока програма за изградба и реконструкција на локални патишта, со поддршка од Светска банка, а ја нагласи и идејата за развој на индустриска зона околу обиколницата, со цел да се отворат нови работни места во близина на местото на живеење на жителите.
,,Навистина е задоволство да се присуства на почеток на овој проект, особено што до води до една преубава црква стара повеќе од 100 години. Мислам дека со завршувањето на проектот, целиот овој дел од општината ќе добие свој нов лик којшто ќе е во корист на жителите кои што тука живеат, а секако отвори можности и други да доаѓаат и тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место“, вели Николоски.
Николоски истакна дека улицата на која се работи во моментов е дел од договорот со Светска банка за финансирање и изградба на локални патишта. Како што вели тој, во општина Ѓорче Петров има многу проекти од двата повици на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за поддршка на локалните самоуправи. Тој додаде дека во подготовка е буџет за општини кои се, како што вели тој, шампиони во она што го работат.
,,Ќе продолжиме да ја поддржуваме општина Ѓорче Петров, тука имавме доста проекти и во првиот повик и во вториот повик. Александар е одличен градоначалник, и еден од најдобрите градоначалници кои што ги има државата и треба такви градоначалници да се поддржуваат, дека веднаш после завршувањето на локалните избори, а тука работата ќе биде завршена уште во недела, во првиот круг. Очекуваме да достави нови проекти кои што ќе бидат надвор од овие буџети, односно спремаме еден специјален буџет за поддршка за неколку општини кои што се навистина шампиони во она што го работат, а Ѓорче Петров тука предничи, и Александар како градоначалник, така што дополнително на овие проекти ќе имаме и нови проекти кои што градоначалникот ќе ги достави“, кажа Николоски.
Николоски нагласи дека идејата е да се развие индустриска зона околу обиколницата, и на тој начин граѓаните би можеле да имаат работа блиску до нивното место на живеење.
,,Продолжуваме во оваа насока да работиме секаде онаму каде што можеме. Знаете дека се работи тука во близина и обиколницата, вчера имаше увид од страна а градоначалникот и на директорот на ЈП Државни патишта, таа многу значи за комуникацијата на жителите од овој крај на општината и ќе продолжиме да ја развиваме, идејата е да се развие една индустриска зона околу обиколницата како луѓето би можеле и својата работа да ја најдат блиску до местото на живеење“, заклучи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме да се вратат оние што 20 години ја уништуваа Македонија

„Според сите анкети, според јавното мислење, но и според граѓаните и перцепцијата, генерално, јасно е дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе бидат убедливи победници. Тоа сите го знаат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Сарај во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела, на 19 октомври.
Мицкоски испрати порака за масовно излегување на изборите на 19 октомври.
„Затоа што ценам дека на тој начин ќе имаме континуитет во реформите, на тој начин ќе имаме континуитет во испораката и мислам дека на тој начин ќе продолжиме заедно да чекориме. Да не дозволиме да се вратат сите оние структури коишто седум години ја уништуваа, ја ограбуваа Македонија и ја распродаваа Македонија“, рече Мицкоски.
Од Сарај, Мицкоски се осврна и на политичката партија ДУИ за која рече дека 20, 22 години била дел од различни владини структури, која сега се чувствува неприродно во една поинаква позиција кога се во опозиција и која цела кампања, посебно првата недела му ја посветила на него.
„Немаше митинг најмалку по 15 до 20 пати да го спомнат моето име. Сакав едно време да им се јавам да им кажам „аман луѓе дајте кажете што ќе правите четири години. Дај оставете или зборувате за Кристијан или како ќе се вратите на власт, или правите етнички поделби“. Тоа беше целата кампања на ДУИ“, рече Мицкоски.
Мицкоски даде одговор и на повиците од ДУИ за предвремени парламентарни избори.
„Замислете да има предвремени парламентарни избори и замислете на тие предвремени парламентарни избори, еве ДУИ да има добар резултат, бидејќи од другава страна се знае дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, после големата победа на локалните избори, на парламентарни евентуални избори би освоила огромно мнозинство гласови, можеби 61 пратеник. Со кого ќе прават коалиција, како ќе ја гласаат мојата Влада? До пред 5-6 месеци не им чинев, Кристијан ваков, Кристијан таков, како ќе ја гласаат мојата Влада, како ќе бидат мои министри. Еве јас го поставувам тоа прашање, не можат да измислат друг. Еве ние имаме 61, што правиме тогаш? Или ќе заборават? Ќе речат тоа не важи, сега ќе се препакуваме како што тоа го правевме 20 и повеќе години, нашиот личен интерес ќе го ставиме пред сè и ќе си функционираме како да ништо не било. Тоа така не бива“, порача Мицкоски.
Македонија
Божиновска на состанокот на министри за економија од Берлинскиот процес: во фокусот унапредувањето на акцискиот план за заеднички Регионален Пазар

Берлинскиот процес претставува значајна платформа за соработка меѓу земјите од Западниот Балкан и европските партнери, со цел унапредување на регионалната интеграција, економски раст, подобрување на инфраструктурната конективност, како и приближување кон стандарди на Европската Унија, се истакнува во соопштението од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Еден од централниот фокус на состанокот, како што е соопштено, е спроведувањето и унапредувањето на Акцискиот план за Заеднички Регионален Пазар (Common Regional Market 2025-2028), кој е клучен инструмент за остварување на слободен проток на стоки, услуги, капитал и работна сила во регионот, како и за поттикнување на конкурентноста и економската конвергенција со ЕУ.
„Други важни теми на состанокот се:
• Поттикнување на инвестициите, особено во зелени и дигитални сектори;
• Јакнење на регионалната инфраструктура и поврзаноста помеѓу земјите (транспорт, енергетика, дигитална конективност);
• Поддршка за реформски процеси, приближување кон ЕУ-регулативите и стандардите, со што се овозможува појасен и поодржлив пат кон евроинтеграцијата.
Министерката Божиновска, од името на Република Македонија, ја потврдува нашата посветеност за активен ангажман во сите механизми на Берлинскиот процес, како и во рамките на Заедничкиот Регионален Пазар. Нашата цел е да обезбедиме дека националните интереси и приоритети се инкорпорирани, дека реформите се спроведуваат по план, и дека придобивките од регионалната интеграција се почувствуваат од сите граѓани“.
Овој состанок е нагласено во информацијата, претставува можност за размена на искуства, зајакнување на партнерствата, како и координација со меѓународни финансиски институции и други партнери кои можат да дадат поддршка за проекти што носат конкретни резултати.
Македонија
Не само технолошка трансформација, туку суштинска инвестиција во луѓето, јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, порача Рисова Мутлулар

Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, и раководителот на Секторот за обуки, Агрон Меџити, учествуваат на состанокот на Директори на институти и школи за јавна администрација (DISPA), што се одржува во Будва, Црна Гора.
Под мотото „Иднината на јавната администрација: Лидерство во криза и постигнување резултати“, настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на добри практики, стратегии и иновативни пристапи за градење капацитети кај јавните службеници, особено во време на предизвици и неизвесности.
Настанот е организиран од ReSPA – Регионалното училиште за јавна администрација, во соработка со Европската школа за администрација и поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.
Во текот на интензивната програма, учесниците дискутираа за дизајнирање на иновативни и флексибилни системи за обука, користење на податоци за управување со човечки ресурси, значењето на коучингот за развој на лидерски капацитети и придобивките од меѓународни и извршни програми за размена.
Во рамки на дискусиите, Рисова Мутлулар истакна: „Јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, тоа значи не само технолошка трансформација, туку и суштинска инвестиција во луѓето. Само преку континуирана обука, поддршка и создавање простор за иновации, можеме да создадеме администрација што ќе одговара на потребите на граѓаните.”
Настанот обедини претставници од ЕУ и земјите од регионот, со цел споделување искуства, градење партнерства и идентификување заеднички приоритети за подобрување на јавните услуги.
Министерството за јавна администрација останува посветено на креирање ефикасна, транспарентна и професионална јавна служба, преку регионална соработка, модернизација на системите за обука и развој на човечките ресурси, велат од таму.