Македонија
„Ниту 50 отсто намалени цени за патарините ниту патни трошоци за работниците“, власта не ги изгласа предлозите на партијата Левица

„Македонија ќе продолжи да ги има најскапите патарини во Европа за едни од најлошите и не безбедните патишта бидејќи пратениците од власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ одбија да гласаат по предлогот на Левица за намалување на истите за 50%“, велат од партијата Левица.
Предлогот го образложи пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, којшто посочи дека е „некоректно пратениците на коишто им се исплаќаат патни трошоци (каде се вклучени и патарините), да немаат разбирање особено за работниците коишто патуваат секој ден до работното место трошејќи две до три плати просечно за патарини“.
Пратениците коишто земаат патни трошоци не се согласија и на работниците да им следува таков надоместок.
Предлогот на Левица го образложи координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов, којшто објасни дека надоместок за патни трошоци им следувало на работниците во Македонија, но истиот бил укинат во 2008 година:
„Забелешките кои ги даде поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски, којшто тврди дека сѐ уште постојат патни трошоци за работниците, но тие сега се наоѓаат во бруто платата – не се соодветни бидејќи тоа не се однесува на приватниот сектор и ваквото право вообичаено се поништува со колективните договори, договорите за вработување. Така што, патни трошоци во бруто плата нема“ – објасни пратеникот Крмов.
„Не можеме овој трошок на работниците да го третираме како наивен. Позитивен пример во регионот е Србија – таму газдите се должни да им исплатат надоместоци или да им организираат превоз на работниците. И затоа, таму целосно го остваруваат ова право, без манипулации“ – посочи тој.
Пратениците од Левица ја предложија истата формулација за пресметка на патни трошоци за работниците која што ја предложија и при обидот за да се вразумат патните трошоци на пратениците, но која беше одбиена.
„Како најодговорна ќе ја посочам пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ затоа што влада на ВМРО-ДПМНЕ го има укинато ова право на работникот и бидејќи зависи од ВМРО-ДПМНЕ дали ова решение сега ќе се донесе. Дополнително, од 2010 до 2024 пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја чинат државата рекордни 3.705.914 евра за патни трошоци. Затоа ве повикувам да покажете сенс и доблест и да не се однесувате како некоја привилегирана каста која нема допир со реалноста и реалноста која ја живее обичниот работник. Работниците се процентуално најголем дел од населението и од вашите гласачи, и за нив треба да работиме, а не за газдите“ – потенцираше пратеникот од Левица, но и овој предлог парламентарното мнозинство не го изгласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага за 43 лица за измами со „брзи кредити“: осомничен службеник во ФЗО

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека поведува постапка против вкупно 43 лица кои со различни дејствија на компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци учествувале во повеќекратни измами на граѓани со „брзи кредити“.
За четворица од осомничените, меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување, според соопштеното е поведена истрага за кривични дела – Фалсификување исправа од член 378, Злоупотреба на лични податоци од член 149, Компјутерска измама од член 251-б од Кривичниот законик, додека останатите се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно.
Во текот на предистражната постапка, обвинителството во координација со МВР-СВР Скопје, обезбеди обемен доказен материјал дека почнувајќи од јули 2022 година, користејќи различни модалитети на извршување, осомничените со умисла вршеле временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исти дела. Притоа користеле исти трајни односи, исти прилики и слични околности, а крајната цел им била да прибават за себе имотна корист.
Така, дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.
Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот.
Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами.
Незаконски прибавената имотна корист од сите вакви дејствија во вкупен обем надминува три милиони денари.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за тројца од осомничените опфатени со наредбата за истрага, додека четвртиот веќе се наоѓа во притвор во постапка за друго кривично дело, информира Обвинителството.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен жив во шема за земање провизија за вакцини во аферата „Стабри“, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка

Венко Филипче беше фатен жив во шема за земање провизии за вакцини за „Ковид“ во аферата Стабри, тој нема никаков кредибилитет, да си поднесе оставка, побара Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче сакаше да набави кинески вакцини против „Ковид“ во ек на кризата преку фирма регистрирана за тргување со банани и јужно овошје. Оваа фирма со име „Стабри“, е формирана само 3 месеци откако СДС дошле на власт во 2017 година. Коинциденција или не?
Филипче како министер сакаше да ги купи вакцините преку „Стабри“, по цена од 62 долари, во услови кога другите држави ги купуваа по најмногу 30 долари. 200.000 вакцини кои Филипче сакаше да ги набави, ќе беа платени 6 милиони долари поскапо“.
Според него, за тоа каде требаше да завршат овие 6 милиони долари, Филипче и ден денес молчи.
Овој сериозен криминал во обид како што оценува, беше спречен единствено со огромниот медиумски притисок и притисокот на ВМРО-ДПМНЕ и јавноста.
За Манасиевски, тоа што „овој криминал во обид беше спречен, не е олеснителна околност за Филипче како политичар, кој мора да одговори:
Каде требало да завршат 6 милиони долари од набавката на вакцините? Дали фирмата Стабри има врски со СДС и него лично, со оглед на тоа дека е формирана само 3 месеци, откако тие дошле на власт?“
Оваа афера, истакнува тој, покажува дека Венко Филипче нема кредибилитет. Додава дека ова е доказ за што се бори Филипче и зошто е во политиката.
Филипче, оценува тој, се надева на власт и на можност повторно да прави вакви шеми.
„Венко Филипче е без кредибилитет и прочитан од народот. Венко Филипче веднаш да си поднесе оставка“, бара Манасиевски.
Македонија
Спречен шверц на облека и обувки кај Танушевци

Повеќе од 100 пакети текстилна и друга стока се пронајдени вчера во возило на државната граница кај село Танушевци, скопско.
Како што информира МВР, на косовска страна била извршена контрола на возило комби „фолксваген“ со косовски национални ознаки и биле пронајдени повеќе од 100 пакети текстилна и друга стока, по што возачот бил уапсен.
Подоцна, по извршена контрола на напуштени објекти околу граничната линија, полициски службеници во село Танушевци околу 19.00 часот пронашле повеќе од 130 кутии со разновидни обувки, како и околу пет кубни метри исечено огревно дрво.
За настанот бил запознаен јавен обвинител, кутиите со обувки ќе бидат предадени на Агенција за одземен имот, а дрвата на Шумска полиција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.