Македонија
Општина Гази баба ќе доделува по 8.000 денари за секое новороденче
Од 1 јануари секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8.000 денари, објави градоначалникот Бобан Стефковски.
„Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6.000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8.000 денари“, објави Стефковски.
Тој додава дека со ваквите мерки директно се придонесува за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Кој е сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“ која добила 51 тендер, вредни неверојатни 16 милиони евра и како е поврзан со ВМРО-ДПМНЕ“, прашува Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
„Станува збор за извесен Петар Доновски. Петар Доновски бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник.
Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание?
Само од општина Аердором оваа омилена фрима има добиено 22 тендери. Ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
Уште ли ќе чекаат Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција?
Ние секојдневно ќе ги прозиваме. Не само за овој нов случај со 51 тендер, туку и за за скандалите со 161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за друга, 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ од Пошти.
Но овој скандал открива и нешто друго.
А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата?
Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада – затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата.
Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.

