Македонија
Општина Илинден: За првпат се воведува финансиска поддршка за првачиња
Општина Илинден, како една од општините со постојан демографски пораст и зголемување на наталитетот, продолжува со креирање конкретни мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, за првпат се воведува финансиска поддршка за сите првачиња, соопштија од општината.
„Општина Илинден од 2022 година, континуирано обезбедува ранчиња со училишен прибор за секое дете запишано во прво одделение во основните училишта на територија на општината. Почнувајќи од следната учебна година, покрај досегашната поддршка со ранчиња и училишен прибор, Општината како новина воведува доделување на субвенција во износ од 3.000 денари за секое прваче.
Целта на оваа финансиска поддршка е на родителите да им се олесни покривањето на дел од трошоците поврзани со започнувањето на образовниот процес, како и да се овозможи посигурен и порамномерен старт за сите ученици“.
Средствата за спроведување на субвенцијата во целост, како што појаснуваат, се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден. Тоа додаваат од таму, уште еднаш ја нагласува посветеноста на локалната самоуправа кон вложување во децата, семејствата и иднината на заедницата.
„Во рамки на поддршката на млади семејства, општината неодамна ги зголеми и финансиските надоместоци за новороденчиња, со што јасно потврдува дека граѓаните се нејзин клучен приоритет и основа за долгорочен и одржлив развој“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тестирана подготвеноста на противпожарните авиони во Македонија
Денеска се извршија првите тренажни летови со противпожарните авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пилотите вежбале маневри и процедури за брзо реагирање при пожари на отворен простор, при што била потврдена нивната ефикасност и подготвеност, како и техничката исправност на трите авиони, соопшти директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов.
Македонија
Системот „Безбеден град“ стартува од 1 февруари – Собранието ги усвои законските измени
Со 81 глас „за“ и 19 „против“ и воздржани, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.
Законот овозможува примена на технички средства и уреди за снимање при утврдување прекршоци, со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот и побрзо санкционирање.
Во првата фаза ќе се регистрираат прекршоци како брзо возење, минување на црвено, истечена сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Казните ќе се испраќаат електронски, а при навременото плаќање ќе нема дополнителни трошоци.
За Законот беше потребно двотретинско мнозинство.
СДСМ и ДУИ, како и двете Алијанси за Албанците на Арбен Таравари и на Зијадин Села гласаа против, а поддршка даде пратеничката група на Левица.
Македонија
Филков: Со новиот закон за Академијата за судии и јавни обвинители се воспоставува мерит-систем за рангирање
Недостатокот на судии и јавни обвинители не може да се надмине без соодветна правна рамка. Со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој беше објавен на ЕНЕР се воведува годишен прием во Академијата врз основа на прецизни проекции по судови и обвинителства по апелационо подрачје, информираше на денешната прес-конференција министерот за правда Игор Филков.
„Се воведуваат одделни јавни повици, при што кандидатите аплицираат за едно конкретно работно место – или за судија, или за јавен обвинител. Истовремено, се воспоставува мерит-систем за рангирање, каде најдобрите кандидати имаат приоритет при распоредувањето“, изјави министерот за правда Игор Филков.
Овие мерки се само еден дел од реформите на кои работеше Министерството за правда во изминатиот период. Донесен е новиот Закон за Судски совет, со кој се зајакнуваат механизмите за отчетност, транспарентност и одговорност. Во владина процедура се законите за судска и јавнообвинителска служба, како и законите за плати во правосудството.
,,Пристапот кон овие закони е внимателен и одговорен со цел да се обезбеди системско, одржливо и правично решение, усогласено со Реформската агенда и европските стандарди. Се работи за чувствителна материја која бара темелна анализа и сеопфатна институционална координација”,потенцира Филков.
Правосудството со години функционира и со сериозни кадровски, организациски и функционални слабости. Министерот за правда Игор Филков посочи дека недостатокот од судии, јавни обвинители, судска и јавнообвинителска служба, како и ограничените можности за нивно навремено пополнување, директно се одразуваат врз ефикасноста на постапките,како и врз квалитетот на одлучувањето и врз остварувањето на едно од темелните права – правото на судење во разумен рок.
,,Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори.
Во текот на 2024 и 2025 година, Министерството за правда спроведе надзор во сите судови во државата. На тој начин, беше констатирана состојбата за секој суд поединечно и предизвиците со кои се соочува. Наодите, меѓу другото јасно укажаа на сериозен недостаток на кадар: пополнетоста на судските места изнесува околу 67%, додека пополнетоста на судската служба е само 36%”,рече министерот Филков.
Овие бројки , според него не се апстрактни статистики. Тие значат одложени рочишта, натрупани предмети, преоптоварени судови и сериозен ризик за повреда на фер судење. Особено загрижувачки е недостатокот на судска и јавнообвинителска служба – записничари, референти, стручни соработници, информатичка и техничка поддршка. Без овој кадар, правосудството не може да функционира ефикасно, без разлика на квалитетот на законите.
,,Како одговор на оваа состојба, Министерството за правда вчера достави до Министерството за финансии известување со кој укажуваме дека се неопходни итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба. Ова барање е засновано на детални податоци, конкретни потреби од терен и известувања доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство. Со овој институционален чекор очекуваме да се обезбеди функционалност на системот”,рече министерот за правда Игор Филков.

