Македонија
Општина Карпош: Не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина толку важен член од Законот за градбата

„Општина Карпош со неверување ја прифати иницијативата за укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба и не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина еден вака важен член од законот. Членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола“, велат од Општината.
„Да потсетиме, овој член од законот го донесе министерот Миле Јанакиески во владата на Никола Груевски и го промени претходниот закон со кој задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метра до оградата. Ваквата одредба навистина претставуваше кочница при изградбата и до израз многу често доаѓаа лошите соседски односи кои на моменти дури се претвораа во изживување.
Измената предложена од министерот Јанакиески беше во склад со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што е според наше мислење недозволиво.
Длабоко сме убедени дека ова не е барање на локалната самоуправа, туку е барање исклучиво на инвеститорите, а министерството за транспорт и врски се крие зад наводното барање на општините.
Недозволиво е соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот.
Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи“, се додава во соопштението на општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
ЕСМ: Пустошот што го остави СДСМ во РЕК Битола не е можно да се надмине преку ноќ

Наместо да преземе одговорност за затекнатите лоши состојби во РЕК Битола и да се огради од нивните кадри кои во моментов се или во притвор или во бегство, СДСМ се дрзнува да критикува за состојби директно создадени од нив. Предизвиците во производството на електрична енергија, особено во РЕК „Битола“, се токму благодарение на погрешните и нечесни политики што ги водеше СДСМ во ЕСМ и во најголемиот рударско-енергетски комбинат, реагира ЕСМ на обвинувањата на СДСМ.
Од таму велат дека актуелното раководство затекнало состојба на хаос, празни депонии на јаглен, уништени рудници во кои се работело надвор од рударските проекти, запоставена рударска механизација, несоодветно одржувани капацитети и нереализирани редовни ремонти.
„Таму, вработените, за време на грејната сезона, па и во моментов, деноноќно функционираат во состојба на готовност за да се справат со сите предизвици и несоодветно одржуваната техничко-технолошка опрема“, се вели во реакцијата.
Од ЕСМ велат дека СДСМ функционира врз основа на шпекулации и фабрикувани полувистини.
„Да потсетиме, и пред пет месеци, среде грејна сезона, тврдеа дека РЕК Битола само што не колабирал. Сепак, фактите ја демантираат опозицијата. И покрај сите затекнати проблеми, во првиот квартал годинава ТЕ Битола произведе 11,6% повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани кога кадрите на СДСМ управувале со комбинатот. За истиот компаративен период, трошоците за ископ на јаглен се намалени за 60 проценти, додека производната цена на РЕК Битола е намалена за 33 евра за произведен мегаватчас. Да потсетиме, според „успешното“ менаџирање на СДСМ, во првото тромесечие лани цената на производството од РЕК Битола изнесуваше 126,66 евра, додека за истиот период изнесува 96 евра. Во однос на ремонтните активности, тие почнаа минатиот месец и се одвиваат во согласност со планот“, пишува во реакцијата.
Во енергетиката, додаваат од ЕСМ, особено во капацитети како РЕК Битола, не постојат инстант решенија и санација на состојбите преку ноќ. „Она што СДСМ го уништи за седум години, е невозможно да се санира во краток рок. Напротив, со посветен пристап и макотрпна работа, се преземаат системски мерки за целосна стабилизација на работните процеси. Впрочем, и резултатите го потврдуваат тоа“, велат од ЕСМ.