Македонија
Османи и потпретседателката на Европската комисија разговараа за конференцијата за иднината на Европа
Во рамките на дводневна интензивна агенда, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со потпретседателката на Европската Унија одговорна за демократија и демографија, Дубравка Шуица.
За време на средбата се разговараше за текот на подготовките на конференцијата за иднината на Европа и вклучувањето на земјите од Западен Балкан, како и за политиките на младите и спречувањето одлив на квалификуван кадар во високоразвиени земјите.
Потпретседателката Шуица го запозна Османи со плановите за конференција за иднината на Европа, што е еден од приоритетните проекти на Европската комисија, кој треба да даде придонес за развојот на политиките на ЕУ на среден и долг рок, со цел подобро да се одговори на предизвиците со кои ЕУ се соочува. Оваа конференција ќе претставува платформа која треба да ги поврзе европските граѓани, цивилното општество и европските институции со цел заеднички дискусии каква ЕУ сакаат европските граѓани и како да се управува со неа. Конференцијата за иднината на Европа ќе биде нов форум за отворена, инклузивна и транспарентна дебата.
Заеднички беше заклучено дека политиките на проширувањето на Унијата треба да продолжи паралелно со дискусиите за иднината на Европската Унија и нејзините внатрешни реформи.
„Учеството на земјите од Западен Балкан на конференцијата за иднината на Европа ќе биде заедничка придобивка и дополнително ќе ги зголеми напорите за градење политичка волја меѓу земјите членки во напредокот со проширувањето кон Западен Балкан“, нагласи Османи.
Министерот Османи ја запозна соговорничката со актуелна ЕУ-агенда на земјата, како и со мерките што ги презема Владата на Република Северна Македонија за подобрување на животните и работните услови, со цел подобрување на социо-економскиот живот на земјата.
На оваа средба ѝ претходеа средби на Османи со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, Илхан Ќучук, известителот за Северна Македонија во Европскиот парламент, како и со Андреј Ковачев, потпретседател на ЕНП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снопче ја праша ДУИ: Со која партија ќе формирате влада и зошто не го поддржувате Пендаровски во вториот круг
Кандидатот за пратеник од коалицијата ВЛЕН Халил Снопче изјави дека „Европски фронт“ не може да се промовира со старата гарда на Груевски.
„Велиме дека Груевски бил најкриминализирана сила. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со кандидат за пратеник на црната листа на Америка. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со целосно неприродна соработка. Мендух Тачи го нарече Али Ахмети, убиец. Зијадин Села пак, рече дека тој бил организатор на 27 април, дека Али Ахмети ја нарачал неговата елиминација а сега ги здружуваат силите“, рече Снопче.
Според него, ДУИ се уште не се изјасниле со која партија ќе коалицираат во идната влада.
„ДУИ мора да каже. Ако сака да биде во владата, со која партија ќе коалицира. Не се изјаснија“, рече Снопче.
Снопче додаде дека ДУИ од една страна ја критикува ВМРО, а од друга страна ги моли оние што ги критикуваат.
„Следната влада ќе се создаде со 61 пратеник, затоа ја прашувам ДУИ со која партија ќе формира влада. Според резултатите од 24 април, ако ги претвориме во мандати, СДСМ ќе добие 24 пратеници. Максим Димитриевски рече дек не влегува во влада со ДУИ. ДУИ може да формира влада само со ВМРО, додека ВМРО изрази дека нема место за ДУИ во следната влада”, рече Снопче, апелирајќи до ДУИ да посочи со која партија ќе формира Влада.
Снопче на крајот ја праша и ДУИ зошто не го поддржуваат Стево Пендаровски во вториот круг како што го поддржаа на претседателските избори во 2019 година како консензуален кандидат.
Македонија
(Видео) Ковачки: За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, и Македонија горда
За два дена од денеска, во среда се гласа. За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво, изјави Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
– Затоа од овде, од патриотско Карбинци повикувам на сплотеност, на обединетост, на семакедонско единство, на се општествено единство, на национално единство. Да бидеме горди и да бидеме достоинствени. Да си ја вратиме Македонија во рацете на граѓаните. Ве повикувам сите заеднички да излеземе и да гласаме за бројот 2 – рече Ковачки.
Македонија
Битиќи: Во среда да гласаме и да избереме заедништво и соживот
„Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме“, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.
Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.
„Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1“, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи, потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека национализмот и изолацијата повторно демнат, како што тој вели, на нашиот праг.
„Тоа не треба да не’ плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти – вашиот глас е важен. Затоа на 8 мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изберете го напредокот, оставете зад себе наследство на напредок, единство во различностите и просперитет“, порачува Фатмир Битиќи, коносител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.