Македонија
Осомничени уште три лица во предметот „Адитив“: меѓу нив и претседателката на Антикорупциска

Во рамките на постапката што се води за предметот Адитив, како резултат на екстрахираните електронски докази обезбедени во досегашната постапка, предметните обвинители донесоа наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, соопшти обвинителството.
До денес обезбедените докази укажуваат дека првоосомничениот бил член на групата што имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Како вработен во едно од обвинетите правни лица, од месец јули 2022 до октомври 2024, со умисла извршил две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Искористувајќи ист траен однос и исти прилики и околности, на управителките на обвинетите правни лица им ставил на располагање средства и ги отстранил пречките за кривичното дело, со што им помогнал свесно да ги повредат прописите и да ги изиграат постапките за доделување на договори за јавни набавки. Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптег и ги подигнувал во готово.
Второосомничената во септември 2024 година, како службено лице вработено во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје на неповикано лице обвинето во предметот Адитив, на друг начин му сторила достапни податоци што во согласност со чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Имено, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од Известувањето.
Третоосомничената со умисла извршила две или повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело искористувајќи ист траен однос, исти прилики и други слични околности. Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК.
Со опишаните дејствија во диспозитивот од Наредбата и до денес прибраните докази, на првоосомничениот, како што појаснуваат надлежните, му се става на товар дека сторил кривично дело Злосторничко здружување, како помагач сторил продолжено кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело. Останатите две осомничени сториле кривично дело Одавање службена тајна.
Според соопштението, обвинителството од денес обезбедените докази во корелација со другите прибрани докази ја продолжува постапката во насока на утврдување и на евентуални други кривични дела и сторители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за настраданите во Кочани

„Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани, предложен од СДСМ, е чин на човечност, солидарност и грижа. Намерата е искрена и исклучиво за помош и поддршка на оние кои изгубија најмногу – своите блиски, на оние кои се повредени и на сите кои имаат потреба од помош во овие тешки моменти“, велат од СДСМ.
Законот предвидува директна и конкретна поддршка:
• финансиски надомест за семејствата на загинатите,
• поддршка за повредените лица, вклучително и оние со трајни последици,
• поволности в образованието за деца кои се отустни од настава поради лекување,
• конкретни мерки во здравството, работните односи и социјалната заштита.
Со истиот закон се опфатени и семејствата погодени од претходни трагедии – во Тетово, Ласкарци и Беса Транс – со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства.
Ова се издражни законски решенија. Не за политички поени туку за поддршка на оние на кои им е потребна. Секако не може да ја залечи преголемата болка, но е минимален израз на солидарност и сигнал дека државата стои зад своите граѓани во најтешките моменти.
СДСМ верува дека кога станува збор за солидарност и човечка грижа, не смее да има партиски разлики.
Ги повикуваме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги преиспитаат своите ставови, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за овој закон кој ја потврдува најважната вредност – дека сме луѓе и дека може заедно да направиме нешто кога е најтешко.
Во СДСМ сме спремни да прифатиме и предлози од ВМРО-ДПМНЕ за модификација на законското решение, да постигнеме консензус и да биде заеднички предлог.
Повикуваме на разум, човечност и единство барем кога станува збор за оние што изгубија сè“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Андоновски: Владата започнува со реализација на уште едно изборно ветување – GOVTECH програми за решавање на проблеми на граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), го отвори хакатонот „Кликни безбедно“ иницијатива која е во организација на МКСафеНет, проект во рамки на Министерството за дигитална трансформација.
Андоновски во своето воведно обраќање на присутните им посака добредојде на првиот младински GOVTECH хакатон во Македонија.
„Со овој настан, но и со целиот проект сакаме да покажеме дека технологијата не е тука за да ги замени луѓето, туку за да ги поврзе – и да им даде алатки што ги штитат, ги едуцираат и ги охрабруваат“, започна Андоновски
Тој нагласи дека Министерството за дигиталнта трансформација, го исполнува ветувањето да создаде GOVTECH екосистем – со хакатони, мобилни апликации, онлајн решенија кои се од младите и за младите.
„Во време кога младите често се гледаат како ‘иднината’, јас во вас тука ја гледам сегашноста – креатори на решенија, не само корисници на услуги. Затоа што најдобрите дигитални алатки не доаѓаат од владини згради, туку од училишни клупи полни со идеи, од факултетите, од средните училишта“, дополни Министерот
„Токму затоа го создаваме MKSafeNet – мрежа за дигитална заштита на млади, и го започнуваме овој хакатон со вас, средношколци од сите страни на Македонија. Вие сте доказ дека дигиталната писменост, креативноста и одговорноста може да одат рака под рака“, заврши Андоновски
Овој настан ќе опфати ученици од средните училишта во Република Македонија со различни вештини во делот на дигиталниот свет како програмери, дизајнери, иноватори и ентузијасти собрани заедно во тимови кои во одреден временски период ќе работат со цел да развијат иновативни решенија на одредена тема или проблем.
Македонија
Утре авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против комарци

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре, во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, велат од Град Скопје.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.