Македонија
Охриѓанка работела како адвокатка без правосуден испит и лиценца
Повеќе од две години Емилија Стојановска од Охрид во охридскиот суд застапувала странки без положен правосуден испит и без лиценца за работа, дознава „Макфакс“.
Стојановска во својство на адвокат и полномошник имала мноштво предмети на кои работела и се појавувала во охридскиот суд. Таа со години успеала да се провлече покрај судиите и службите во судот, а никој од нив не проверил дали охриѓанката има лиценца за работа како адвокат. Стојановска не е заведена ниту во регистарот на активни адвокати, кој е јавно достапен.
Во претставувањето на Стојановска како адвокатка неодамна се посомневала судијката Весна Кичеец кога охриѓанката се појавила на судење како полномошник на странка. Извори на „Макфакс“ тврдат дека Кичеец побарала од Стојановска да приложи решение за упис во Адвокатска комора, но таа не го доставила. Судијката Кичеец ги потврди информациите.
„Не сум јас единствената што се сомневаше во ова лице. Јас практикувам секој адвокат да го проверам во судскиот роковник. Но, тој не се ажурира редовно. Дадов можност лицето во меѓувреме да се стекнало со решение за успис. Кога увидов дека ја нема во списокот, ѝ побарав да ми приложи писмено решение, кое таа не го достави. Се обратив и во Адвокатската комора, од каде што ми кажаа дека не постои адвокат со тоа име и презиме“, вели судијката Кичеец за „Макфакс“.
Предмет за лажната адвокатка отворило Основното јавно обвинителство. Судијката Кичеец очекува по заклучокот на ОЈО, да се разгледа можноста судот да ги поништи решенијата на предметите каде што Стојановска се појавувала како бранител.
Претседателот на судот, Милчо Клишески, за случајот на Стојановска веќе дал изјава во ОЈО, заедно со судиите бил на распит во ОЈО, каде што ќе се утврдува дали ја задолжувал со предмети. Освен него, во ОЈО биле и повеќе судии.
„Исказ дадов во ОЈО. Обратете се таму. Предмети по службена должност не сум доделувал. Како ќе постапи судот за предметите што ги застапувала Стојановска, ќе одлучат судиите што ги работеле по постапката на ОЈО“, вели Клишески.
Дали лажната адвокатка Стојановска ќе ги врати парите што ги зела од судот и од странките, ќе се знае по истрагата на ОЈО, која треба да заврши со обвинение. Од МВР до овој момент нема одговор дали граѓани поднеле пријава против Стојановска и дали бараат обесштетување.
„Макфакс“ се обиде, но не успеа, да контактира со охриѓанката што работела како адвокатка бидејќи нејзиниот контакт не е јавно објавен. И покрај постапката на ОЈО, нејзината канцеларија е сè уште отворена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

