Македонија
ОЈО: Сè уште е рано да се поведе постапка за барање одговорност за заболената докторка
Скопското обвинителство ја следи состојбата, но сè уште е рано да поведе постапка за барање одговорност од директорката на Клиника за дерматологија, Нина Цаца Биљановска, која по враќањето од Италија место да остане во изолација, пет дена доаѓала на работа, а одржала и семинар со повеќе од 100 присутни. Кај неа во неделата бил дијагностициран коронавирус, а вчера во изолација беа ставени близу 200 лица со кои имала контакт.
Од Обвинителството објаснуваат дека не можат да оформат предмет за одговорноста на директорката бидејќи сè уште е неизвесно дали е заразено некое од лицата кои сега се во изолација.
„Во поглед на настанатата ситуација со докторката – директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, Јавното обвинителство ја известува јавноста дека ја следи настанатата состојба и укажува дека сè уште е рано за кривично-правна интервенција, од причина што лицата со кои имала контакт докторката се во карантин и сè уште не е познато дали таа кај нив предизвикала пренесување на заразната болест, што е битна околност за кривично-правно постапување. Од друга страна, и самата докторка е во карантин и во овој момент не може да се утврди дали во конкретниот случај постапувала умислено или од небрежност“, велат за „Макфакс“ од Обвинителството.
Во Кривичниот законик пропишани се казни за две кривични дела кои се однесуваат на непочитување прописи и наредби со што се предизвикува пренесување заразна болест.
„ За кривичното дело пренесување заразна болест од член 205 став 1 од Кривичниот законик потребно е сторителот со кршење прописи или наредби да предизвика пренесување заразна болест. Ова кривично дело е умислено по својата правна природа. Воедно, во ставот 6 од истиот член е пропишана и казнивост на ова кривично дело сторено од небрежност. За кривичното дело непостапување по здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик се казнува сторител кој за време на епидемија на опасна заразна болест не постапил според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Во поглед на второто наведено кривично дело, упатуваме дека битен елемент за исполнетост е да има прогласена епидемија на заразна болест, а во земјава таква состојба немаме во овој момент“, објаснуваат од Обвинителството.
Директорката Биљановска од вчера е сместена на Клиниката за инфективни болести. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека ќе биде разрешена поради тоа што не ги следела препораките за заштита од коронавирус и не се изолирала по враќањето од Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

