Македонија
ОЈО сомничи двајца за насилство врз градоначалничката Арсовска

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело „насилство“. Првоосомничениот вчера се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата „Севастополска“. Тој, како што се наведува, се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да и се заканува, по што и физички ја нападнал.
– Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред се поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство.
За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ангелов: Најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција

Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена. Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожартот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар беше многу тешко да се стави под контрола, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, бидејќи е раширен на поголема територија, претставува опасност да ги зафати и околните шуми.
-Во соработка со колегите од грчка страна кои понудија поддршка од два канадери го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС, затоа што вториот предмалку слета во Скопје, рече Ангелов.
Информира дека предмалку избил нов пожар на територија на Крива Паланка во близина на местото каде беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.
Македонија
Јакимовски: Ристовски има проблем не само со мене, туку и со Советот на Општината и граѓаните

Градоначалникот на општина Карпош денеска уште еднаш го повика министерот за спорт Борко Ристовски да се откаже од намерата каубојски да ја одзема салата Наум Наумовски Борче и му порача дека во спротивно нема да има проблем само со него, туку и со советот и со карпошани.
Очигледно министерот за спорт не се откажува од својата каубојска намера и продолжува со своите небулозни изјави. Една од небулозите е дека сум немал проекти и сум се плашел од избори. Да кажете дека Стевче Јакимовски нема проекти е исто како да кажете дека Новак Ѓоковиќ не знае да игра тенис. Веројатно бил многу зафатен со ракометот, па не ја прател многу политиката, па да го потсетам дека победувам четири пати на избори и четири пати ја победувам неговата партија со проекти, а не како нив со користење на четирите свети букви. Јас сум најнаградуваниот градоначалник во Југоисточна Европа. Имам четири меѓународни награди, јас прв го исчистив кејот на Вардар, прв го осветлив и го поплочив кејот за да може и ноќе да се шета и заедно со колегата Андреј Петров ја направивме велосипедската патека. Јас прв ги осветлив спортските терени и игралиштата во училиштата за да може и навечер да се игра, јас прв воведов училишни лиги во фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг, ракомет и тн… Јас сум прв што давам стипендии за талентирани ученици и спортисти, прв воведов субвенции за лифтови и покриви, рече градоначалникот Јакимовски одговарајќи на прозивките на министерот кому директно му го постави следното прашање:
„Ќе ни кажеш ли ти колку проекти си направил откако си министер веќе една година? Која новина ти ја воведе во раководењето со министерството? Што направи ти, освен каубојскиот однос што го покажуваш кон општина Карпош?“, а потоа му се обрати со следните зборви:
Господине Ристовски, ти немаш проблем со мене, имаш проблем со граѓаните, имаш проблем со Советот на општина Карпош, имаш проблем со своите лаги, со аргументите и фактите кои што се на наша страна. Во името на граѓаните на општина Карпош уште еднаш ве повикувам не го спуштајте нивото на комуникација и мислам дека не е добро за граѓаните на Карпош да се служиме со лаги. А вие се служите со лаги. Ја изманипулиравте владата знаеш како што вие служите. Одговорни луѓе кои водат министерства, кои ја водат државата, иако биле класични единичари, иако биле двојкаши, денеска се возрасни луѓе и мораат да се однесуваат совесно и одговорно. И пред се да не кажуваат лаги. Ја изманипулиравте владата за да донесе одлука за одземање на салата, а истата е пуштена во употреба и функционира. Јасно сакам да ви кажам проблемот не ви е само кај мене, проблемот ви е и со граѓаните и со Советот и нема така лесно да видозволиме да правите што сакате со овој објект и политиката од вашите кабинети да ја пренесувате врз спортската сала каде што треба младите да рекреираат и да го валкате името на народниот херој Наум Наумовски Борче, му порача Јакимовски на министерот Ристовски.
Македонија
Куќен притвор и мерки на претпазливост за осомничените напаѓачи на Арсовска

Судија од скопскиот Кривичен суд определил мерка куќен притвор за едно лице вклучено во нападот на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, а за друго лице, кое и се заканувало, мерки претпазливост.
-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО Скопје за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, осомничени за кривичното дело Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 од КЗ, а поврзани со вчерашниот напад на градоначалникот на Градот Скопје, донесе решенија со кои: С.Љ., осомничени дека вербално и физички ја нападнал оштетената му се определува мерка куќен притвор во траење од 8 дена, со оглед да се работи за скратена постапка, а на второосомничениот, исто така со иницијали С.Љ, кој се товари дека се заканувал кон оштетената, му се определуваат мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 1,2,3 и 6 од ЗКП односно забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување во судот, одземање на патната исправа и забрана за приближување и контактирање со одредени лица, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Судот наведуваат дека против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Градоначалничката Арсовска била нападната вчера додека со колеги од Град Скопје правела увид на дивоградба во Општина Чаир.