Македонија
Перински во Делчево: Не запира поддршката за сите општини, градиме цврсти темели за подобар живот на секој граѓанин

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска беше дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која присуствуваше на одбележувањето на 149 години од Разловечкото востание, важен историски момент кој ја потврдува борбата за слобода и непокорот на македонскиот народ. На свечениот настан, кој се одржа во делчевското село Разловци, беше истакната важноста на македонското минато, но и обврската да продолжиме да се развиваме и напредуваме како општество.
Денешната посета на Делчево, министерот Перински и премиерот Мицкоски, ја искористија да извршат и увид на градежните активности на два од четирите проекти што се реализираат во Делчево, одобрени на првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Беа во населбата Ново Делчево, каде во тек е реконструкција на повеќе улици со вкупна должина од речиси 2 км, а извршија увид и на изградбата на дел од регулација на река Габровчица во должина од 700 метри.
„Овие проекти се доказ дека ветувањата на Владата се реалност, тие веќе го гледаат светлото на денот. Како Влада, почнавме отворено, транспарентно. Граѓаните и градоначалниците ја препознаваат нашата помош, нашиот партнерски однос кон нив. Политикантството и политичките игри ги оставаме да ги користи нашиот политички опонент, а ние ќе продолжиме да проектираме, да реализираме проекти коишто соодветствуваат на потребите на граѓаните. Така почнавме, верувајте ми, така и ќе продолжиме“, истакна Перински кој потсети дека Општината на првиот владин повик доби 37 милиони денари за четири одобрени проекти, а се очекува да добие околу 115 милиони денари директна финансиска помош за 10 проекти, колку што поднесе на вториот јавен повик.
„За паралела, годишниот буџет на Општината наменет за капитални инвестиции изнесува од 15 до 20 милиони денари и ова го кажувам за да потенцирам колкава е важноста на помошта која Владата ја дава на сите локални самоуправи без исклучок, независно од политичката припадност на градоначалникот“, додаде министерот.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство што и во Делчево непречено се одвиваат градежните активности за реализација на проектите од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. „Ова се проекти за граѓаните, не се проекти ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку за делчевчани. И тоа е нашиот мотив, тоа е нашата инспирација“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сè уште се надеваме дека планот А ќе функционира, рече Калас прашана зошто за Украина има, а за Македонија нема план Б

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас вели дека во случајот со Северна Македонија се’ уште се надеваат дека планот „А“ ќе функционира.
Калас за време на денешната посета во Скопје, беше прашана за став по нејзината изјава дека ЕУ има план „Б“ за Украина, па дури и план „Ц“ во случај Унгарија да не се откаже од ветото, додека Кошта претходно рече дека дека ЕУ нема план „Б“ за Северна Македонија.
„Како и за другите случаи што ги споменавте, ние се фоксуираме на планот „А“ и се обидуваме да функционира. Ако се префрлате на планот „Б“, планот „А“ излегува од игра. Може звучам како да зборувам шифирано, но сакам да кажам дека се уште се надеваме дека планот „А“ ќе функционира и ќе биде успешен. Работиме на тоа, доколку не, тогаш ќе преминеме на следната фаза“, рече Калас.
Таа беше прашана и за механизмите за деблокирање на процесот, на што одговори дека ЕУ сака Северна Македонија да се придвижи по патот, но свесни се за препреките со кои се соочува.
„Знаеме дека има пречки и тоа го дискутуравме денес за да знаеме да изнајдеме механизми за да се надминат тие пречки. Сметам дека има простор да направиме нешто, но не би навлегувала во детали. Доколку се придвижиме, ќе објавиме пред медиумите“, рече Калас.
Високата претставничка порача дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ. Го пофли усогласувањето со надворешната и безбедносната политика со Унијата, што е важно со оглед на геополитичките предизвици во светот. Северна Македонија ја нарече сигурен партнер за регионална безбедност, но за почеток на преговорите ја истакна потребата државата „да ги преземе чекорите“, ветувајќи уште поголема поддршка од ЕУ на тој пат.
Напредокот може да биде брз ако има политичка волја, рече Калас, и ги посочи Албанија и Црна Гора како добар пример во регионот.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Дали Филипче е изземен од случајот „Онкологија“, каде што се остварила добивка преку измама во висина од 2,2 милијарди денари

Нов ден, старо-нов скандал, а сето ова додека Филипче бил министер за здравство, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во периодот од 2018 до 2022, кога Венко Филипче бил министер за здравство, оштетен е буџетот на државата преку измама од над 2,2 милијарди денари или над 35 милиони евра.
„Вчерашната одлука на ОЈ, за завршување на истрагата за случајот ‘Онкологија’, каде што се поднесени кривични пријави за две лица, поранешните директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, но ќе се водат истраги и против лекари што биле вмешани во случајот, а омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не поведува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно има дозволено системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби.
Според членот 295 од Законот за здравствената заштита, каде што се вели, цитирам: „Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство“, што значи дека Филипче бил директно одговорен за тоа.
Го прашува Филипче, а Обвинителството, како што рече, треба да истражи, а не да затвора случаи, дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека одреден дел се крадел и продавал, дури на црниот пазар во Косово.
„Дали Филипче имал преглед дека немало следливост на онколошката терапија или бил соучесник во тоа?
Исто така, Филипче да одговори за долгот на Онкологија од 12 милиони евра? И да не заборавиме, дали сето ова што се случуваше на Онкологија беше само за компаниите блиски до Филипче да продаваат лекови и терапии по екстремно високи цени за граѓаните што треба да примат онколошка терапија“.
Огромни пари, заклучува Манасиевски, се исцедени од буџетот на државата токму во периодите на власт на Филипче.
Филипче, како што оцени тој, мора да одговара за секој случај што е поврзан со него.
„Доста е криење во партиски штабови и состаноци со неколкумина потрчковци, кои седат до него и го снимаат, само за да не излезе во јавност и да ги избегне нашите прашања. Филипче е синоним за криминал, корупција и неспособност“.
Македонија
Британската амбасада по договорот: Почнува нова ера во односите со Северна Македонија

Почнува нова ера во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија по потпишувањето на договорот влада со влада, соопшти британската амбасада во Скопје.
Во соопштението се вели дека партнерството ќе ја зајакне трговијата и ќе поттикне економски раст.
„Ова партнерство ја поддржува реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во разни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергија и технологија. Ќе има пристап до широка поддршка, вклучувајќи техничка помош и до 5 милијарди фунти поддршка од ‘УК експорт финанс“ за проекти во Северна Македонија. Партнерството ја нагласува заложбата на двете нации за соработка на клучни инфраструктурни проекти, кои носат социјални, економски и еколошки придобивки. Со искористувањето на експертизата и иновациите на двете земји ова партнерство ќе овозможи развој на отпорна инфраструктура што поттикнува раст и благосостојба“, велат од Амбасадата.
Формалната церемонија на потпишување се одржа вчера, 22 мај, во Лондон во присуство на британскиот министер за извоз, Герет Томас, и вицепремиерот Александар Николоски.
Министерот за извоз Герет Томас ја изрази својата возбуда:
„Ова партнерство отвора ново поглавје во нашите билатерални односи со Северна Македонија. Обединетото Кралство има огромно искуство во испорака на висококвалитетна инфраструктура во светот и драго ми е што го почнуваме ова ново партнерство што ќе помогне повеќе британски бизниси да извезуваат во Северна Македонија“.
Британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, изјави:
„Остваривме значаен чекор во односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија со потпишувањето на договорот влада со влада. Г2Г ќе ги зајакне веќе одличните трговски врски меѓу нашите земји и ќе ја поддржи реализацијата на клучни инфраструктурни проекти во сектори како транспорт, здравство, енергија и технологија. Како британски амбасадор, се гордеам што нашите влади го постигнаа ова историско партнерство, кое ќе им користи на граѓаните на двете земји. Стоиме заедно силни и обединети“.
Неодамна британскиот премиер Кир Стармер и македонскиот премиер Христијан Мицкоски го поздравија новото стратешко партнерство на Ссмитот на Европската политичка заедница во Тирана, на 16 мај 2025 година. Ова Г2Г претставува почеток на проширена трговска и инфраструктурна соработка.
Партнерствата влада со влада (Г2Г) се формални договори со кои се овозможува пристап до јавна и приватна британска експертиза за конкретни проекти или програми со комерцијални придобивки.
Вкупната трговска размена (извоз и увоз) меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија изнесувала 1,7 милијарда фунти во четирите квартали заклучно со третиот квартал од 2024 година.
Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија во истиот период.