Македонија
Нудел 50.000 евра мито за пари од ИПАРД програмата: поднесено обвинение против повеќе лица
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице обвинето дека сторило кривично дело Давање поткуп и кривично дело – Давање награда за противзаконито влијание, три лица кои сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание и на едно лице му се става на товар кривичното дело Примање поткуп.
Првообвинетиот како управител на кривично одговорното правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ и поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.
Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.
Во текот на истражната постапка обвинителството утврди и кривична одговорност кај уште четири државни службеници вработени во Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ против кои јавниот обвинител поднесе Обвинителен предлог за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека на кривично одговорното правно лице на товар му се става кривичното дело Давање поткуп.
Обвинетите постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие при обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка. Второобвинетиот во Обвинителниот акт, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Поради неизменетите околности, законските основи поради кои на четворицата обвинети им беше определена мерка притвор, а не едно лице мерка куќен притвор се уште постојат, па со обвинението до судот е поднесен и предлог за продолжување на изречените мерки. За обвинетите државни службеници со Посебен предлог се предложени мерки на претпазливост: забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело, односно работни активности како службено лице во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, одземање на патни исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган.
Исто така, со Обвинителниот акт јавниот обвинител предложи одземање на предметите употребени за извршување на кривичното дело мобилни телефони, медиуми за складирање на дигитални податоци и парични средства и тоа 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.
Од прибраниот доказен материјал во оваа истражна постапка произлегоа индиции по однос на постапување со средствата од ИПАРД програмите за што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.
Македонија
Средба на Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Дубаи оствари средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.
По средбата, Муцунски истакна дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.
На средбата беше разговарано и за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата и придонесот на дијаспората во овој процес.
Министерот ги запозна присутните и со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата.
Македонија
Сали-Суперти: во фокусот, напредокот на Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.
Исто така, беше оценет напредокот во подготовката на Роадмеповите за реформи и тековната координација со Европската комисија.
Сали ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на реформите и за постојана поддршка од европските партнери, како и подготвеноста за справување со практичните предизвици, како што е имплементацијата на Системот Exit/Entry за транспортерите.
Во рамките на тесната соработка со Претседателството на Кипар и европските институции, беше повторено дека Северна Македонија се обврзува да продолжи со брзи и одржливи чекори кон интеграцијата во Европската унија, обезбедувајќи стабилност, просперитет и одржлив развој за граѓаните.

