Македонија
Почна пријавувањето за субвенции за електричните тротинети и велосипеди
Град Скопје денеска распиша два јавни повика – јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година, и јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2019 година.
Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети во 2019 година ги опфаќа сите граѓани (жители) на град Скопје кои ќе купат нов електричен тротинет купен во Република Северна Македонија од 1.1.2019 година сè до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик или не подоцна од 30.11.2019 година.
Со овој повик се предвидува Град Скопје да надомести (субвенционира) дел од средствата за набавка во износ од 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден, прв услужен.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави:
– Барање за субвенција за купување еден електричен тротинет (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот: www.skopje.gov.mk),
– Доказ за жителство на град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот,
– Фотокопија од трансакциска сметка на барателот,
– Изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување електричен тротинет од Град Скопје,
– Оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 1.1.2019 година сè до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2019 година.
Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок за еден електричен тротинет.
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување електричен тротинет заедно со потребната документација граѓаните ги доставуваат до соодветната комисија, преку архивата на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Целиот јавен повик може да го видите на следната интернет врска.
Град Скопје денеска го објави и вториот јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2019 година, со кои се предвидени субвенции за граѓаните што имаат купено нови велосипеди од 27.5.2019 година и ќе трае сè до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик или не подоцна од 30.11.2019 година.
Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход, а јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден, прв услужен.
Барателот треба да ги исполни следниве услови:
– Барање за субвенција за купување еден велосипед (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот: www.skopje.gov.mk),
– Доказ за жителство на град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот,
– Фотокопија од трансакциска сметка на барателот,
– Изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување велосипед од Град Скопје,
– Оригинал фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од 27.5.2019 година сè до исцрпувањето на буџетот наменет за јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2019 година.
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед заедно со потребната документација граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната комисија преку архивата на Град Скопје, булевар Илинден бр. 82, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Целиот јавен повик граѓаните може да ги видат на следната интернет врска.
Град Скопје потсетува дека лани првпат даваше субвенции за електрични тротинети и беа пристигнати 117 барања за субвенции, а ова е втор јавен повик за субвенции за купување велосипеди во 2019 година, а во првиот повик пристигнаа 3.472 барања за субвенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.