Македонија
„Премиерот јавно демонстрира незаконска политичка моќ да го контролира процесот на разрешување и запирање на разрешувањето на јавниот обвинител“, велат од ДУИ

„Во Република Северна Македонија, Премиерот целосно го зароби правосудниот систем, обвинителството и судството. Тој ја диктира динамиката на процесите, јавно ги определува осомничените и виновните уште во првата фаза, дури и пред обвинителството да започне истрага. Тој на јавна сцена демонстрира незаконска политичка моќ да го контролира процесот на разрешување и запирање на разрешувањето на јавниот обвинител, не штедејќи притоа и закани за уличен јавен линч“, велат од ДУИ.
„Истражувањето на трагедијата во Кочани претставува најгротескен пример на селективна правда што некогаш се случил во земјава.
Овој процес се претвори во карикатура на правна истрага, каде што сите се виновни, освен ако се од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа сериозна состојба бара активирање на сите механизми за да се спречи целосното пропаѓање на правната логика, што ќе има непоправливи последици врз политичкиот развој на општеството и неговата усогласеност со принципите и вредностите на Европската Унија.
Република Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија, и затоа ќе ја повикаме Европската комисија преку тим експерти одблизу да ја следат оваа фарса од истрага, каде што Власта обвинува сѐ околу себе за да ги заштити оние кои биле одговорни да ја спречат оваа трагедија.
Само како пример: во група на верижни виновници веригата чудно не го опфаќа и Министерот за внатрешни работи, кој 13 месеци пред трагедијата бил запознаен со постоењето на нелегален ноќен клуб што ги прекршувал сите можни безбедносни стандарди, како и Државниот инспекторат и Управата за јавни приходи, кои не презеле никакви мерки.
Напротив, токму одговорниот Министер го гледаме како секојдневно ни ги преставува сите други виновници кои треба да го ослободат дури и од моралната политичка одговорност.
Ја повикуваме Европската комисија итно да испрати правни експерти и директно да се вклучи со засилен мониторинг на овој случај; по тоа, со својата експертиза и сознанија, ќе ѝ помогне на собраниската комисија која веднаш треба да биде воспоставена под меѓународен надзор.
Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права се основните правила и принципи на Европската Унија, и тие мора да бидат заштитени и во Република Северна Македонија“, соопштуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Облачно со повремен дожд, попладне нестабилно

На терторијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2).
Утринските температури се движат меѓу 2 и 10, додека највисоките во текот на денот соодветно ќе бидат во интервалот меѓу 6 и 17 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината денеска, исто така, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, со највисока температура до 15 степени.
Македонија
Дождот ќе се задржи до четврток, стабилизирање дури во петок

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.
Македонија
Хуманитарен концерт на Тамара Тодевска – Пееме за Кочани

Со цел поддршка и помош на семејствата на починатите граѓани и повредените во трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска организира хуманитарен солистички концерт.
Имено, овој музички настан ќе се одржи на 17. април (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата на починатите граѓани, како и за сите повредени во трагедијата.
Информациите за продажбата на карти ќе бидат објавени претстојните денови, а Тамара ги повикува сите свои фанови и луѓе кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
– Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост – да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани. На 17. април (четврток), во @mkc_skopje, од 20:00 Ве повикувам на хуманитарен концерт за Кочани, посочи Тодевска на своите профили на социјалните мрежи.
Продажните места за картите за овој концерт ќе бидат објавени на офијалните канали на социјалните мрежи на Тамара Тодевска на Instagram и Facebook.