Македонија
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот
Прилеп е лидер во селекцијата на отпадот со што може подготвено да го пречека почетокот на работата на Регионалната депонија во Југозападниот дел во Македонија.
Во градот веќе стигнаа нови контејнери, канти за селекција во домаќинствата, а до јуни ќе стигнат и 9 возила преку проектот на Министерството за животна средина. Во моментов се работи на урбанизиран Собирен центар за отпад по европски терк. Таму граѓаните ќе го носат сиот отпад што не го собира претпријатието.
-Собирниот центар за граѓаните, за бизнис секторот ќе значи еден комплекс каде сите самоиницијативно ќе може да донесат различни видови отпад кој не го собира комуналното претпријатие: санитарија, дограма, отпадни гуми, електричен и електронски отпад. Собирниот центар кој ќе се урбанизира е европски принцип на градба, ќе биде по принципот на боксови, контејнери од 5 кубни метри и прес-контејнери, објаснува Лилјана Силјаноска, лице за односи со јавност во ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
Селекцијата, потенцира, е клучна за новата Регионална депонија.
-Кога ќе почне да функционира Регионалната депонија за управување и депонирање на отпадот, комуналното претпријатие ќе плаќа за сиот отпад што таму ќе се транспортира и депонира. Колку отпадот е поселектиран, цената ќе биде пониска и обратно. Затоа е клучна селекцијата. Цените, инаку, ќе ги одредува регулаторна комисија, појасни Силјаноска.
Напролет ќе профункционира и Фабриката за селекција на отпадот кај постојната градска депонија. Во дражавава се потребни повеќе рециклирачки центри за да се откупува отпадот, па да се извезува.
– Сите овие проекти што се во тек, или во завршна фаза, или реализирани, или, пак, во форма на техничка документација ќе значи дека општина Прилеп мора да биде подготвена со реализирани и изградени проекти до отворањето на идната Регионална депонија. Да потсетиме, Прилеп ќе има претоварен центар за четирите општини: Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево, вели Силјаноска.
Дневно во Прилеп се собираат 60 до 80 тони отпад, а годишно околу 30 000 тони, а околу 1000 тони отпаден материјал се продава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмалку 61 лице го загуби животот, а 110 се повредени во снежни бури и поројни дождови во Авганистан
Најмалку 61 лице го загуби животот во обилните снежни врнежи и поројни дождови во Авганистан во последните три дена, покажуваат прелиминарните податоци објавени денеска од Националната служба за управување со катастрофи.
Според податоците, уште 110 лица се повредени, а 458 куќи се делумно или целосно уништени, а северните и централните делови на Авганистан се најтешко погодени, според мапата објавена од метеоролозите на „Икс“ .
Според авганистанската служба за управување со катастрофи, вкупно „околу 360 семејства биле погодени“ од лошите временски услови.
Портпаролот на службата ги повика граѓаните да избегнуваат непотребни патувања, бидејќи многу патишта во земјата се уште се блокирани или покриени со снег. Еден од главните автопати во Авганистан, превојот Саланг, е целосно затворен за сообраќај, соопштија локалните власти во покраината Парван во источниот дел од земјата. Во покраината Бамјан, во централен Авганистан, залихите со храна им беа поделени на возачите заглавени на превој покриен со снег.
Македонија
Божиновска: Жените се неискористениот интелектуален мотор на енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше и се обрати на kick-off настанот на проектот PULSE и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, каде силно ја поддржа иницијативата за зајакнување на родовата еднаквост и инклузивноста во енергетскиот сектор. Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција е и длабоко социјален и економски процес, во кој вклученоста на жените е клучен предуслов за успех.
-Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се нејзиниот неискористен интелектуален мотор. Ако исклучиме половина од човечкиот потенцијал, ние веќе сме во енергетски дефицит, порача Божиновска.
Таа, како што велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, нагласи дека нов систем не може да се изгради со стар менталитет и дека одржливата енергетска транзиција бара жени таму каде што се носат одлуките, се водат проектите и се распределуваат ресурсите.
Министерката потсети дека енергетскиот сектор глобално поминува низ најдлабоката трансформација во својата историја – од декарбонизација и дигитализација, до интеграција на обновливи извори и паметни мрежи – процеси кои бараат нови вештини, аналитичност, иновативност и флексибилност, токму оние квалитети каде жените можат и треба да имаат водечка улога.
Како значаен показател за напредокот, Божиновска посочи дека за првпат во 2024 година капацитетот на соларната енергија во земјава го надмина оној на хидроенергијата, што претставува огромен успех за зелената агенда, но и сериозен инженерски и менаџерски предизвик за дистрибутивната мрежа.
-Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промена и култура што знае да задржи талент. Различноста не е прашање на правичност, туку предуслов за прагматични и издржливи решенија, истакна таа.
Министерката се осврна и на постојните бариери за напредок на жените во секторот, посочувајќи дека тие не се резултат на недостиг на самодоверба, туку на застарени корпоративни модели и нефлексибилни системи што не ги препознаваат и вреднуваат нивните лидерски вештини.
-На тоа не треба да се гледа како на чин на љубезност кон жените, туку паметна деловна одлука. Тимовите со родова различност носат повеќе иновации, подобра профитабилност и подобро управување со ризици. Ако губиме талент, ние свесно губиме и иднина, порача Божиновска.
Таа ја поздрави посветеноста на ЕВН Македонија, како потписник на Принципите за зајакнување на жените (WEPs) на Обединетите нации и иницијатор на проектот PULSE, оценувајќи дека оваа програма не е „паралелна приказна“, туку дел од моторот на трансформацијата на секторот.
-Одржлива енергија бара одговорна компанија, а одговорна компанија бара лидерство што ги отвора вратите за најдобрите. PULSE и Мрежата на жени во ЕВН Македонија се токму тоа – пулсот на новата енергетика, истакна министерката.
Божиновска им порача на младите жени во енергетиката да „не чекаат дозвола за да водат, заземете го своето место. Не ги замолчувајте своите идеи, кажете ги гласно. Посилни сте отколку што мислите“.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што нагласи таа, останува отворено за соработка со приватниот сектор преку интегрирање на родовата компонента во сите енергетски стратегии и политики.
-Заедно пулсираме напред – ги зајакнуваме жените, го зајакнуваме нашиот сектор и ја предводиме енергетската иднина“, порача министерката Божиновска.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Го слушнавме Филипче ја повикува Белата палата, ама не го слушнавме да се огради од своите криминали
Венко Филипче во, како што ја оценуваат, празната беседа за отчет пред Конгресот на СДСМ не понудил одговори на клучните прашања за состојбата во партијата и нејзиниот пад, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по неговото обраќање на 31. Конгрес на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Филипче не објаснил зошто СДСМ денес е петта политичка сила во Скопје и трета на државно ниво, ниту пак се оградил или упатил критика кон, како што наведуваат, неговиот ментор Зоран Заев.
„Филипче не се огради од криминалот на кланот Дубаи, чиј составен дел е и самиот тој, туку напротив – го штитеше“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се наведува и дека Филипче не дал одговор зошто СДСМ, како што тврдат, сервирал услуги кон Бугарија и Грција, го наметнал францускиот предлог и склучил штетен договор со Бугарија. Дополнително, од партијата прашуваат зошто СДСМ ги напаѓа САД и води, како што велат, политичка војна со Обединетото Кралство.
Од ВМРО-ДПМНЕ го проблематизираат и односот на Филипче кон поранешниот дипломат Андреј Жерновски, за кого наведуваат дека јавно говорел во прилог на бугарскиот наратив за Македонија, како и фактот што, според нив, СДСМ денес не претставува никаква политичка алтернатива.
„Филипче не гледа проблем во тоа што СДС стана помал чирак на ДУИ во криминалот и не се огради од Артан Груби и криминалот поврзан со Лотарија“, се наведува во реакцијата.
Во соопштението се посочува и дека Филипче, според ВМРО-ДПМНЕ, е дел од криминалниот синџир на тендери и не објаснил од каде му е службеното луксузно ауди, како и каква е неговата врска со Енис Колашинац, кој, како што тврдат, ЕСМ го снабдувал со јаглен за време на владеењето на СДСМ.
Од партијата додаваат дека Филипче не се оградил ниту од бегалецот Васко Ковачевски, кој, според нив, ја оштетил државата за 6,5 милиони евра во случајот „Адитив“, како ниту од, како што велат, антидржавното однесување на Зоран Верушевски.
„Заклучокот е дека за ВМРО-ДПМНЕ нема подобро решение од Венко Филипче. Проблемот е што тој е штетен за Македонија и нејзините интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

