Македонија
Продолжува расправата за избор на нова Влада, пратениците до полноќ треба да гласаат
Собранието на Македонија денеска, со почеток во 12 часот, треба да ја продолжи собраниската седница на која единствената точка на дневен ред е избор на нова Влада. Мандатарот Димитар Ковачевски вчера ја претстави програмата и идниот владин кабинет кој ќе брои 21 министер. СДСМ и коалицијата ќе имаат 12 министри, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Расправата треба да заврши до полноќ кога треба да се гласа за избор на нова влада.
Ковачевски вчера најави дека сака за сите прашања да има дијалог со опозицијата, со интелектуалците и воопшто со јавноста, рече дека пред се, ќе се посвети на раст на економијата, а во поглед на преговорите со Бугарија нагласи дека не нема да се преговара за македонскиот идентитет и јазик.
Фокусот како што рече Ковачевски, ќе биде одржлив раст на економијата.
Тој нагласи дека не е време за нови избори зашто, бидејќи народот е уморен од изборните циклуси и бара да се работи.
Од страна на пратениците од опозициските редови, претежно од ВМРО-ДПМНЕ, беше повторен ставот дека на земјата ѝ се потребни предвремени избори со цел, земјата да може да добие стабилна и легитимна влада.
Пратениците од опозицијата сметаат дека Владата на Ковачевски, доколку биде избрана, го нема легитимитетот на народот бидејќи СДСМ загуби на локалните избори, додека легитимитетот на Ковачевски не извира од изборен процес.
Пратениците од власта пак сметаат дека новата влада ќе го задржи позитивниот курс на претходната Влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нови 15 милијарди денари за проекти во општините, забрана за нелегалните игри на среќа и реформи во јавната администрација
Премиерот најави нови 15 милијарди денари за проекти во општините, а со закон ќе се забранат нелегалните игри на среќа, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, сублимирајќи ги најавите на премиерот и претседател на владејачката партија, Христијан Мицкоски.
„Општините ќе може да аплицираат за средства за капитални проекти од следната недела. Јавната администрација ќе се реформира во светло на ЕУ интеграцијата.Македонија се трансформира!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Муртезани на средба со Мати Масикас „Продлабочена соработка со ЕУ во процесот на интеграција“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (EEAS).
На средбата беше истакната важноста на стратешките односи меѓу Северна Македонија и Европската Унија, како и континуираната поддршка на ЕУ за реформскиот процес и интеграцијата на земјата. Двете страни разговараа за актуелните предизвици во регионот и пошироко, зајакнувањето на институционалната соработка и спроведувањето на европската агенда.
Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон реформите и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека земјата останува конструктивен партнер во процесот на пристапување. Извршниот директор Масикас ја потврди поддршката на EEAS за Северна Македонија и ја нагласи важноста на продлабочената соработка во клучните области поврзани со европската интеграција.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамките на државниот настан свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.