Македонија
Продолжува штрајкот во образованието, СОНК не прифаќа зголемување на платите за 10 отсто

Штрајкот на вработените во образованието и во градинките продолжува соопшти претседателот на СОНК Јаким Неделков кој информираше дека од Владата добиле усна понуда за зголемување на платите за 10 проценти со ребалансот на буџетот во мај или јуни.
„Зголемувањата на платите од 10 отсто воопшто не кореспондира со зголемувањето на минималната плата и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството“, изјави синдикалниот лидер.
Како што додаде, над 95 отсто од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда рече Неделков.
Членовите на СОНК сметаат дека надлежните во преговорите кои траат два месеца реално не дале никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК.
Покрај Барањето за усогласување на платите по основ на покачување на минималната плата, Советот на СОНК доставил и други барања поврзани со
склучување на нови колективни договори, за коишто воопшто не било преговарано соопштија од СОНК на денешната прес конференција.
Членовите на СОНК сметаат дека едно од најважните прашања е договорот со Владата за усогласување на платите по Колективен договор, за коишто се спремни да се прави во динамика од 2 години.
„Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата, на коишто би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала Спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитнообразовниот процес“, порача Неделков соопштувајќи го ставот на Синдикатот.
Членовите на СОНК велат дека им е жал за непријатностите со кои се соочуваат родителите, но уште еднаш ги повикаа на разбирање.
Засега и натаму останува барањето за линеарно зголемување на платите за 18,4 отсто, а за тоа дали може да се намали прагот ќе одлучува членството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.
Македонија
Од Осака до Венеција, Љутков е министер за култура или министер за туризам, прашува СДСМ

Додека над 3.000 културни работници беа во неизвеснот ја чекаа својата мартовска плата, министерот за култура Зоран Љутков не се задржа ниту еден ден во своето министерство. Од Осака па до Венеција, министерот постојано е на пат, повеќе е во странство отколку на своето работно место, велат од СДСМ.
Според оваа партија, во моментите кога вработените во културата протестираа пред Министерството, заборавени и игнорирани, Љутков позира на други континенти додека дома културата доживува финансиски колапс.
Ова, како што велат, не е културна политика.
„Ова е културна деградација. Ова е ароганција и расипништво со партите на граѓаните. Културата не е декор за туристичко позирање. Таа е жив систем кој бара посветеност, почит и вистинска грижа.
Додека Љутков патува, народот плаќа. Прашањето е: колку чинат екскурзиите на Љутков.
Зарем вредат патувањата во странство повеќе од тоа да се работи дома за да се решат проблемите во културата“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела

СВР Скопје известува дека на 11.05.2025 (недела) со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.