Македонија
Продолжува штрајкот во образованието – СОНК обвинува за притисоци, власта апелира на продолжување на наставата
Штрајкот во образованието продолжува и денеска откако Советот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) пресече дека владините заклучоци не водат кон решавање на несогласувањата.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вчера на прес-конференција обвини дека се врши силен притисок врз штрајкувачите, коментирајќи дека заплашувањата за скратување на дневниците на наставниците и воспитувачите што штрајкуваат ги сметаат за обид за нивно спречување.
„Се врши силен притисок врз штрајкувачите. Некои од министрите во Владата ги заплашуваат вработените дека ќе им бидат скратени дневниците за деновите во штрајк. Освен законското право за исплата на плата во штрајк, постојат и членови во колективните договори, со кои се допрецизира исплаќањето дневници за време на штрајк, во кои се вели дека работодавецот е должен да исплати надомест на плата за време на штрајк доколку Синдикатот организирал штрајк поради кршење на правата на работниците. Затоа не треба да се заплашуваат вработените дека нема да им биде исплатена плата“, рече Неделков.
Од друга страна, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, порача дека тоа што на штрајкувачите ќе им се платат само надоместоци не е притисок, туку почитување на законите.
„Во Законот за работните односи е наведено дека во услови на штрајк работодавецот е должен да им исплати придонеси на сите оние работници што штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член од Законот, 241, дава можност СОНК да им обезбеди исплата на нето-плата на сите оние работници што штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи за почитување на законот и на колективниот договор, а не за какви било притисоци или уцени од страна на Министерството врз градинките, односно вработените што штрајкуваат“, образложи министерката.
Оваа генерација веќе изгуби цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст, велат од Сојузот на средношколците. Учениците ја трпат штетата поради неможноста на СОНК и Владата да постигнат договор, се жалат тие.
Средношколците апелираат на интензивирање на преговорите меѓу власта и синдикатот, а бараат и да бидат вклучени во изнаоѓањето решенија за надоместување на пропуштениот материјал.
И Министерството за образование и наука (МОН) верува дека секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците. Од Министерството вчера ги повикуваа наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава, а во меѓувреме да продолжат преговорите со СОНК. Од ресорното министерство уверуваат дека зголемување на платите во образованието ќе има.
„Неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите. Разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, сè до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите“, велат од министерството.
СОНК и натаму бара покачување на платите за 18 отсто
Според првиот човек на СОНК, Неделков, владиниот предлог за 10 отсто зголемување на платите со ребалансот на буџетот за вработените во основните, средните училишта и во градинките е тврд став на Владата, кој Синдикатот претходно го одби.
СОНК и натаму бара покачување на платите за 18 отсто, а Владата понуди повисоки плати за 10 отсто порачувајќи дека во време на војна, економска и енергетска криза не може да обезбедат повеќе пари за оваа намена.
Од СОНК истакнаа дека нема да сносат никаква одговорност за тоа што е прекинат образовниот процес со оглед на тоа што за одлуката за штрајк и за барањата уредно ги известиле надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.