Македонија
Проценката од стручното лице била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност, ГАК за случајот со родилката
Проценката од стручното лице во случајот со родилката била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност, реагираат од скопската клиника за гинекологија.
На реакцијата претходи извештајот од вонредниот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој констатираше пропуст што на 39-годишната жена докрај не и’ била обезбедена психолошка поддршка пред да скокне од прозорецот на гинекологија.
Од ГАК објаснуваат дека пациентката која се породи на 28 јуни, два дена по породувањето се пожалила на лесна вознемиреност на медицинскиот персонал во дневна смена од одделот за родилки – Пуерпериум. Според сите протоколи, таа веднаш била видена од психолог и не било нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид.
Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден бил креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред исписот од Клиниката.
„Напоменуваме, проценката од стручното лице била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките и не е индикација за ургентно да се повика психијатар“, велат од ГАК.
Објаснуваат дека ваквата симптоматологија е мошне честа меѓу породените пациентки, а студија на Клиниката покажала дека пројавуваат дури 72 отсто од испитаничките во перинаталниот период, и истата не претставува ургентна состојба за итна потреба од психијатар.
Од дежурните служби во текот на викендот кога таа престојувала на ГАК не било рапортирано влошување на нејзината состојба, односно немала знаци за сериозно нарушување на менталната состојба.
Пациентката во саботата, ден пред да скокне од прозорецот, направила и соодветен контакт со бебето, што, како што велат од ГАК, е адекватна емотивна реакција кон нејзиното новородено, и што не покажува емоционална состојба која упатува дека родилката ќе направи обид за суицид.
На кобниот ден, 2 јули, поради појава на симптоми на лесна вознемиреност, пациентката неколку пати била посетена и бил извршен разговор со дежурниот лекар при што е ординирана соодветна анксиолитична терапија и повторно бил креиран упат за проценка и за евентуална потреба од назначување на третман од страна на специјалист психијатар веднаш по исписот, што било планирано да се случи во понеделникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

