Македонија
Пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во Илинден

Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух.
„Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.