Македонија
Распишан тендерот за изградба на брана на Отиња во Штип
Изготвиме проект, обезбедивме средства и почнуваме постапка за изградба на брана на Отиња во Штип, истакна министерот за трнспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната работна посета на општина Штип.
Тој најави дека денеска Министерството за транспорт и врски го рапиша јавниот повик за изградба на брана на Отиња. Вредноста на инвестиција е 7,5 милиони евра.
„Со гордост сакам да го најавам почетокот на еден исклучително значаен проект за Штип и штипјани, а тоа е изградбата на браната на реката Отиња. Пред неполни 3 години не затеков никаква документација. Готов проект немаше во Општината. Влегов со огромен ентузијазам за реализација на овој капитален проект. Многу луѓе ме одвраќаа од намерата, не веруваа дека е возможно, ме предупредуваа на внимателен пристап затоа што многу децении ова останало само ветување. Но, знаев дека ако работиме посветено, резултатите ќе дојдат. Денеска, Министерството за транспорт и врски ја распиша постапката за избор на фирма за најповолен изведувач за изградбата на брана на Отиња“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски
Со проектот се предвидува изградба на брана во висина од 34 метри во непосредна близина на Штип. Средствата за изградба се обезбедени од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а рокот за изградба е предвиден на 30 календарски месеци.
„Браната, пред сè, ќе биде наменета како технолошка вода за потребите во градот, заштита од поплави, во втора фаза и производство на електрична енергија. Тоа ќе биде место и за рекреација на штипјани, но и други граѓани од државата. Ќе биде можност за иден развој на градот во наредните години и децении“, истакна министерот Бочварски.
За Штип, ова е најзначајниот инфраструктурен проект, истакна заменик-градоначалникот, Јане Миланов. Тој потенцира дека штипјани, конечно, го добиваат ветувањето старо четириесетина години.
„Тешко е да се каже нешто за оваа брана што веќе не е кажано. Но, денес јавноста е сведок дека преминуваме од зборови на дела. Беа потребни тони хартија за да се изработи проект, да се обезбедат и добијат сите потребни дозволи, документи, процени, за конечно да го направиме овој значаен чекор – распишување јавна набавка за избор на најповолен изведувач на овој капитален објект“, изјави Јане Миланов, заменик-градоначалник на општина Штип.
Посетата на општина Штип, министерот Бочварски ја искористи да направи увид и во асфалтирање на инфраструктура во Спортско-рекреативниот центар „Брегалница“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oсмани и Блинкен разговарале за настаните во Македонија и трите договори
Министерот за надворешни работи во заминување на маргините на неформалниот состанок на НАТО во Прага се сретнал со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, пришто станало збор за актуелните настани во Македонија, пришто Османи укажал на потребата од почитувањето на охридскиот, преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија.
„Со секретарот Блинкен разговарав за актуелните настани во нашата земја и за неопходноста од продолжување на евроатлантскиот пат на земјата, посветеноста кон функционалната мултиетничка демократија и почитувањето на трите договори. Му се заблагодарив за континуираната поддршка од САД“, напиша Османи на социјалните мрежи.
Претходно деновиве, ДУИ излезе со тврдење дека со тоа што не се дел од власта е прекршен Охридскиот договор. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на договорот, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите во 2016 година кога победи ВМРО-ДПМНЕ, што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција.
Македонија
Левица: Арсовска предложи набавка на еко-автобуси, ДПМНЕ гласаше против, водат инат на сметка на скопјани
Набавката на нови еко – автобуси за скопјани е точка на Дневен ред, ставена од градоначалничката на Град Скопје, за која советниците од ВМРО – ДПМНЕ гласаа против. Советниците од Левица апелираа до ВМРО-ДПМНЕ – да не се води инает на штета на граѓаните.
– Многу ми е жал што на волку важна точка за набавка на нови еко – автобуси, коишто му се нужно потребни на градот Скопје, за да, конечно, може сообраќајот во градот Скопје да почне да функционира, Советот наликува: не на средно училиште, туку на детска градинка! Се изнаслушавме сѐ и сешто тука, само не причини ЗА или ПРОТИВ набавката на нови автобуси. Колегата Филип којшто зборуваше некои десетина минути, ништо не кажа од причини зошто да не се набават нови автобуси? Наместо тоа, упатуваше критика кон градоначалникот на Град Скопје – истакна советничката од Левица во Советот на Град Скопје, Катерина Јовановска.
Јовановска ги праша советниците од ДПМНЕ за кој градоначалник гласаа пред две и пол години.
– Кој градоначалник го шетаа низ Скопје со Програмата ,,Подобро Скопје” и го промовираа како најдобар градоначалник за Град Скопје? Кој го донесе градоначалникот на Град Скопје на позицијата Градоначалник на Град Скопје, за вие да го саботирате сега и Градот Скопје да биде заложник на вашите војни што ги водите со вашиот кандидат за градоначалник? Каков е, таков е – вие си го гласавте… Меѓутоа, кажете причина зошто да не се набават нови автобуси – потенцираше Јовановска.
Според Јовановска од Левица, граѓаните се заложници на војната и инаетот што советниците од ДПМНЕ го водат со својот кандидат за градоначалник на Скопје.
– Повторно ли водите инает со градоначалникот и заради тоа граѓаните нема да имаат нови автобуси? Граѓаните ја избраа, ама вие ја предложивте. Каде ви беше профилирањето на кадарот за градоначалник кога го промовиравте како кандидат? Вие го предложивте, не го предложија граѓаните – рече Јовановска.
– Исто како што претходно кажав дека долго време нема да има училишта и градинки, уште долго време нема да има ни автобуси – додаде Јовановска.
Во име на советниците од Левица, Јовановска упати апел до советниците од ДПМНЕ да направат нешто за државата, за градот Скопје и за граѓаните.
– Не ве избраа граѓаните да водите битки со градоначалникот или со граѓаните, не ве избраа за да покажувате ароганција тука, ве избраа за да работите за нивен интерес – апелираше советничката од Левица во Град Скопје, обраќајќи им се на советниците од ДПМНЕ.
Јовановска потсети дека ДПМНЕ има апсолутна власт во државата, има претседател на државата, има во Собрание мнозинство, наскоро ќе има и Влада, имаат и градоначалници во цела Македонија, освен тројца, и имаат Градоначалник на Град Скопје, кому му водат инает за да се реализираат проекти.
Македонија
Деспотовски ќе се кандидира за претседател на СДСМ: „Потребен е натпревар на идеи, а не пазарење“
Јован Деспотовски објави дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ, а кандидатурата ќе ја поднесе во зависност од роковникот.
Тој вели дека овие избори не треба да се сведат на пазарење, туку на натпревар на концепти и идеи и да им се овозможи на луѓето да се изјаснуваат без притисок и без пазарење.
Деспотовски е уверен дека на партијата, покрај длабоките реформи, и е потребен и лидер кој ќе обединува.
„Обединувањето на партијата треба да почне да се случува веќе сега, меѓутоа не на начин на којшто треба сите потенцијални структури или структури внатре да седнат и да се договараат, затоа што тоа е погрешен пристап. Пазарењето е погрешен пристап. Треба да се обединиме околу целта да имаме еден процес во којшто сите членови на партијата ќе им дадеме право, без фаворизирање и без странични игри, самостојно да се изјаснат за програмите кои треба сите кандидати да ги понудат“, рече Деспотовски.
Според досегашните информации, за оваа функција се очекува да се кандидираат и Стефан Богоев, Славјанка Петровска, а се споменува и ексминистерот за здравство, Венко Филипче.