Македонија
Сè помалубројни, постари и понеисправни автобуси во кои се возат сè помалку патници, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации ги објави истражувањето и базата на податоци за капацитетите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Нивното истражување покажува дека:
– Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП Скопје е намален за 30 милиони годишно – во 2015 година се возеле по 52 милиони патници годишно, а сега бројот на превезени патници е сведен само на 22 милиони годишно.
– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, од кои дневно се исправни 185 автобуси, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно.
– Бројот на автобуси на ЈСП Скопје континуирано се намалува во последните десет години. Пред десет години претпријатието имало 316 исправни автобуси, а денеска само 185.
– Со опаѓањето на бројот на автобуси, расте нивната просечна старост која сега изнесува 13,3 години, највисока во последните десет години.
– Доминантен дел од автобусите, односно повеќе од 80 % се од кинеските „Јутонг“ и од украинските „ЛАЗ“. ЈСП има и десет автобуси од марката Санос, стари по 33 години.
– Само 10 % од автобусите на ЈСП имаат највисок еколошки стандард Еуро 6, додека другите се со еколошки стандард Еуро 4 и Еуро 5.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Очекувам преку договорот со САД билатералната соработка и трговија да се зголеми
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека САД излезе со нова политика за царини кон Македонија и што значи ова за економијата, изјави:
„Во рамките на мандатот на оваа Влада, во овие 20 месеци, не цели, постигнавме Договор за стратешко пријателство со Велика Британија. Повторно од опозицијата настапуваа со лажни тези, дека ќе сме примале мигранти за пари и тоа траеше со месеци. Еве излезе амбасадорот на Обединетото Кралство, даде интервју, ги демантираше. Нема поголем демант од тоа. Но, Договор за стратешко пријателство не е само договор, туку и порака. А таа порака, ние можеме и ефектите на таа порака да ги видиме и во нашата економија, па дури ако сакате и во условите со кои се издаде Еврообврзницата, затоа што тоа е силна порака. Тоа е еден стратешки документ.
Вториот документ е документот со којшто ние имаме, први во регионот, а тоа е заедничка усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија, кажа Мицкоски.
„Третата важна дипломатска работа којашто нас нѐ стави во друштвото на функционални демократии, зрели демократии каде што владее правото, каде што се почитуваат човековите права е стопирањето на пост мониторинг мисијата на Советот на Европа. И ние сме единствената земја во регионот. Сите коишто се дел од Западен Балкан 6 групата или се во мониторинг или се во пост мониторинг. И овој договор којшто потенцијално ќе го потпишеме со Соединетите Американски Држави, во рамките на параметрите коишто се содржани во заедничката изјава, ќе овозможи македонските компании, односно производите од Македонија, помеѓу 62 и 64, отприлика царински броеви, да се најдат на американскиот пазар со повластени тарифи од 0 до 6,5%.
Инаку, вреди да се напомене дека во 2025 година, билатералната трговска размена надминува половина милијарда долари. Мислам дека ближиме докај 600 милиони долари во којшто имаме благ суфицит како држава. Македонија има повеќе извоз, отколку увоз во Соединетите Американски Држави. И очекувам преку овој договор, билатералната соработка и трговија да се зголеми. Но повторни ќе кажам, самиот договор по себе е единствен надвор од Европската Унија со тарифи исти какви што има Европската Унија и Обединетото Кралство. Но пораката е силна. Пораката е силна, односно порака на Високиот трговски претставник на Соединетите Американски Држави, кој што е на ниво на Секретар, господинот Грир, дека испраќаат порака кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија. Значи многу и за инвеститорите и за економската состојба во државата“.
Македонија
Ѓорѓиевски-Маричиќ: во фокусот координацијата меѓу институциите во пресрет на претстојните изборни процеси
Претседателот на Заедница на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари работна средба со новоизбраниот претседател на Државна изборна комисија (ДИК), Бојан Маричиќ, и членовите на Комисијата.
На средбата беа разгледани актуелните предизвици и координацијата меѓу институциите во пресрет на претстојните изборни процеси, со акцент на фер, демократско и транспарентно спроведување на изборите. ЗЕЛС ја потврди својата посветеност на поддршка на општините за навремено и ефикасно постапување согласно насоките на ДИК.
Дополнително, беше отворено прашањето за законските обврски на Град Скопје кон градската изборна комисија, кои се целосно подмирени во јануари 2026 година, при што беше потенцирано дека исплатата на членовите на општинските изборни комисии е во надлежност на општините.
Соработката, дијалогот и координацијата продолжуваат во интерес на демократските вредности и довербата на граѓаните.
Македонија
Започнува фазата на конкретна имплементација на Стратегијата 2025–2028 за финансиски истраги и конфискација на имот
По конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, одржана на 2 февруари 2026 година, денес се означува влегувањето во одлучувачката фаза на конкретна имплементација на Стратегијата за периодот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026.
Со Одлуката на Владата од 9 септември 2025 година и со именувањето на членовите на 28 октомври 2025 година, целосно е консолидирана институционалната структура за координација и мониторинг на оваа стратегија. Сепак, како што истакна Заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, самата структура не создава резултати, резултатите се постигнуваат преку координирано дејствување, јасна институционална одговорност и конкретна отчетност.
Националниот совет го утврдува политичкиот правец, додека Националната комисија има задача да обезбеди тој правец да се претвори во мерливи резултати во пракса. Првиот годишен извештај евидентира нормативен напредок, но тековната фаза бара зголемен оперативен ангажман, дисциплина во известувањето и итна реакција на системските пречки.
Во овој контекст, Националната комисија ќе функционира како активен механизам за имплементација и мониторинг, со фокус на:
· целосна имплементација на институционалните надлежности;
· идентификување и адресирање на реалните пречки во системот;
· известување со интегритет, транспарентност и без политички калкулации;
· итна интервенција во случај на доцнења или недостиг на капацитети.
За време на состанокот беше промовиран документот подготвен во соработка со United Nations Office on Drugs and Crime (UNODC), „Контролна листа за олеснување на враќањето на имот“, како практичен инструмент за стандардизација и зајакнување на процесите на поврат на средства. Овој документ претставува конкретен чекор кон зајакнување на техничките капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.
Повратот и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот остануваат приоритет на судскиот систем, органите за спроведување на законот и финансиското разузнавање. Владата е решена криминалот да не остане економски исплатлив и процесите на пронаоѓање, идентификување, конфискација и управување со имотот да бидат ефективни и одржливи.
Резултатите ќе се мерат не според бројот на состаноци, туку според конкретниот напредок на терен и зајакнувањето на меѓународниот кредибилитет на државата.
Кабинетот на Заменик-претседателот на Владата за добро владеење ќе бара целосна посветеност на овој процес, дисциплина во известувањето, транспарентност на податоците и јасна институционална одговорност од сите вклучени страни.

