Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за продолжување на исплата за студентски оброк
Пратениците од мнозинството предводено од СДСМ денеска во Собранието ги изгласаа дополнувањата на Законот за субвенциониран студентски оброк. Законското решение е согласно договорот постигнат со претставниците на студентските собранија и предвидува субвенциониран студентски оброк да продолжи да се исплатува по старите критериуми до 15.3.2023 година. Меѓутоа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за студентски оброк. ВМРО-ДПМНЕ е против интересите на студентите. Тоа е партијата која своевремено ги тепаше и злоупотребуваше студентите за свои партиски цели, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата велат дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, тие го слушаат гласот на студентите и работи за подобрување на студентскиот стандард, низ инклузивност и дијалог.
Студентските собранија се вклучија во работните групи кои треба да го креираат системското решение за субвенционираниот оброк најдоцна до 15 март 2023 година. Веќе е организирана дискусија со претставници на студентските собранија, со цел креирање на Акциски план за подобрување на условите во студентските домови, велат од СДСМ.
Со поддршка на германската развојна банка обезбедени се 20 милиони евра со кои ќе се реконструираат студентските домови и неопходно е да се започне со најприоритетните како домот „Стив Наумов“. Со години во оваа држава студентите немаше кој да ги седне на маса. СДСМ ги слуша проблемите на студентите, работи за нив и ги вклучува во носењето на политиките, коишто ги засегаат, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Започна расчистување на дива депонија зад катната гаража Буњаковец
Службите на Општина Центар започнаа акција за чистење на голема дива депонија во Буњаковец, на локацијата позади катната гаража. Станува збор за јавен простор, нелегално заграден и узурпиран, кој од несовесни лица бил користен за одложување смет и мешан комунален отпад. Инспекциските служби на самото место затекнаа огромна количина отпад кој бил собиран, претставувајќи потенцијално жариште на зарази и закана за здравјето на жителите, особено поради тоа што се работи за локација во близина на трговскиот центар, станбени згради и ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци”, информираат од Општина Центар.
Градоначалникот Герасимовски потенцира дека изминатиов период се расчистени повеќе депонии, како онаа кај Ист Гејт, а Општината поттикната од непостапувањето на Град Скопје, започна и голема акција во соработка со граѓаните, под мотото „Центар не чека, Центар чисти.“
,,Во рамки на оваа акција, исчистивме повеќе населби, особено просторот околу контејнерите и кантите кои се под надлежност на Град Скопје, но не се одржуваат редовно и претставуваат жаришта на зарази. Граѓаните на Центар заслужуваат чисти улици и места каде што ќе можат безбедно да го поминуваат своето слободно време во здрава животна средина”, истакна Герасимовски.
Тој посочува дека чистењето на дивите депонии останува приоритет, со цел да се спречи загадувањето и да се заштити здравјето на граѓаните.
,,Ги повикувам сите жители да се приклучат кон акцијата и да пријавуваат диви депонии, но пред сè да покажат еколошка одговорност и грижа за својата населба и околина”, апелира градоначалникот на Општина Центар.
Македонија
Мисајловски-Памер: изразена подготвеност за имплементација на новиот билатерален план за соработка со Австрија
Министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
Мисајловски изрази подготвеност за поддршка и имплементација на новиот билатерален план за соработка со Австрија кој опфаќа широк спектар на активности од различни области.
„Ја цениме нашата заедничка соработка за која секогаш има простор за унапредување и развој. Преку заедничката одбранбена соработка ги развиваме и јакнеме одбранбените способности на нашите земји, а со тоа ја зацврстуваме и безбедноста“ рече Мисајловски.
На средбата беше заклучено дека преку заедничката одбранбена соработка ги развиваме и јакнеме одбранбените способности на нашите земји, а со тоа ја зацврстуваме и безбедноста на поширокиот регион.
Македонија
Филков до идните судии и јавни обвинители: Етичкото постапување е повеќе од клучно во моментите кога недовербата во правосудството е голема
Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на церемонијата по повод доделувањето на уверенија на VIII -та генерација слушатели кои ја завршија почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители. Посакувајќи им успех, Филков посочи дека стручното, етичкото постапување е повеќе од клучно во овие моменти кога сме соочени со предизвици и кога недовербата во правосудството е голема.
,,Вашиот интегритет и стручност како клучен фактор, а понатаму и вашата професионалност во постапувањето во предметите се суштинските елементи во креирање на систем кој ги штити правата и интересите на граѓаните.
Токму вие како долгоочекувана нова енергија во правосудството, можете и потребно е да направите многу, да докажете дека сте вистинскиот избор на државата, која во вас вложила ресурси и време.
Пред вас претстојат многу предизвици. Ќе се соочите со реалноста и со голем број на предмети по кои ќе мора да постапувате или одлучувате во многу кратки рокови. Токму затоа вашиот процес на едукација не престанува тука со моментот на завршување на почетната обука”, порача министерот за правда.
Министерството за правда останува посветено да работи на сите процеси во обезбедувањето на сите предуслови кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки. Само со заеднички придонес ќе успееме да ја вратиме довербата на граѓаните во правосудните институции, велат од таму.