Македонија
СДСМ: Со фирма без вработени РЕК Битола потпишала спогодба за чистење, управителот – молер со кривична историја во Германија

Обвинувања за раководството во РЕК Битола упати Методија Илиевски од СДСМ во изјава за медиумите и го повика Обвинителството да отвори постапка.
Тој рече дека она што се случува во РЕК Битола не е никаква саботажа, туку корупција од епски размер и местење на тендери за неспособни партиски фирми.
„Суштината на скандалот е следна, новото раководство на РЕК Битола, поставено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и лично блиско до премиерот Мицкоски, потпишало рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за чистење со фантомска фирма без ниту еден вработен. Компанија без техничка опрема, без кадар и без искуство. И како шлаг на тортата – управителот, неофицијално, е молер со кривична историја во Германија. И како што секогаш бива, се случува хаварија во РЕК Битола, пожар. Блоковите испаѓаат од мрежата а ЕСМ веднаш излегува со термин – „саботажа“, изјави Илиевски.
Вели дека вистинската саботажа е од страна на директорите кои наместо да ангажираат сериозна фирма која може да ги испорача услугите за кои склучила договор од 2,5 милиони евра, тие ги тераат работниците сами да чистат. Чистат без соодветна опрема, без опис на работно место, без дополнителен надомест.
СДСМ тврди дека РЕК распишал оглас со брутално прецизни и тешки услови за понудивачите. Побарале минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација, логистика за 24/7 за интервенции. Сето тоа на хартија. Во реалноста – добиле компанија која не може да ги исполни ни 1 отсто од тие услови, односно наместо да ги има вработените и опремата, фирмата склучува договор дека ако го добие тендерот, ќе ги обезбеди.
СДСМ го праша премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе одговара? Дополнително партијата прашува кој ја потпишал оваа рамковна спогодба, кој дозволил оваа фирма воопшто да влезе во процедура, зошто јавноста е лажена и зошто документите се кријат, дали ЕСМ ќе ја активира банкарската гаранција за неспроведените обврски.
Партијата ги повика Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија – веднаш да отворат постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Верувам во вашата способност, но очекувам резултати и посветеност, порача Мицкоски до административците

Без силна, стручна, одговорна и почитувана јавна администрација, нема ниту држава, ниту реформи, ниту вистинска демократија. Честит празник за вашиот труд, за вашата посветеност, за вашата отпорност, понекогаш и во тешки и обесхрабрувачки услови, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на јавната администрација.
Мицкоски истакна дека денешниот ден не само формалност, туку повик за реформи, и конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација.
„Но денешниот ден не е само формалност. Тој е и повик. Повик за пресврт. Повик за реформа. Повик за конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација и за кои мораме да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам“, рече Мицкоски и додаде:
„Дојде време за промена. Вистинска промена. Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално.“
Премиерот Мицкоски нагласи дека изминатата една година започна акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која претставува основа за транспарентност и многу други проекти.
„Во овие 12 месеци, не ветувавме – туку работевме. Ја започнавме акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, како основа за транспарентен и одржлив процес на консултации при изработка на законите. Го формиравме новото срце на реформата – Академијата за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат да овозможи стандардизирана и континуирана едукација на национално и локално ниво. Реализирани се над 100 обуки, а преку новата е-платформа LMS, над 100.000 службеници имаат пристап до курсеви, тестирања и евалуации. Се дигитализираше и надгради Системот за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, со што за прв пат институциите имаат реална, точна и целосна слика за кадарот, учинокот и потребите. Се усвои стратегијата за реформа на јавната администрација, усогласена со методологијата на ЕУ и стандардите на СИГМА – стратегија што не стои во фиока, туку се применува секојдневно. Правевме корекција на балансерот – од политичка алатка, го трансформиравме во инструмент на праведност. Праведност наместо политичка математика. Се унапредија порталите ЕНЕР и OGP – овозможувајќи на граѓаните директно учество во креирање и следење на политиките. Родовата еднаквост и социјалната инклузија се интегрирани како норма во сите политики – не како привремена агенда, туку како вредност на оваа Влада“, дециден е Мицкоски.
Премиерот порача дека јавната администрација ќе ја направат место за шанса а не за порази, посочувајќи дека ќе се врати достоинството на јавниот службеник, но и ќе се воведат повисоки критериуми за отчетност.
„Ќе ја направиме јавната администрација место на шанса, не на пораз. Ќе го вратиме достоинството на јавниот службеник – но и ќе воведеме повисоки критериуми на отчетност. Ги градиме темелите на промените. Темели на знаење, работа и вредности. За твоето време кое доаѓа. Време кога ќе бидеш вреднуван по тоа што знаеш, а не кого познаваш. Време кога администрацијата ќе значи сервис – не ќорсокак. Време кога државата ќе работи за народот – не обратно“, посочи премиерот.
Мицкоски им порача на јавните и државни службеници дека верува во нив и нивната енергија, посветеност и способност, но дека очекува резултати.
„Јас верувам во вас. Верувам во вашата енергија, вашата посветеност и вашата способност. Ние ве поддржуваме – но и очекуваме резултати. Очекуваме партнерство. Очекуваме искрен труд. Денес, ја почитуваме вашата улога, но од утре – заедно продолжуваме по нов пат. Пат на модерна, дигитална, инклузивна и ефикасна администрација. Честит ден на јавните службеници! Честит нов почеток за македонска јавна администрација“, вели премиерот Мицкоски.
Македонија
Историски шамар за ВМРО-ДПМНЕ од сопствените сојузници во европскиот парламент, велат од СДСМ

СДСМ оценува дека денешното однесување на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, е директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија.
Предлог-амандманот за воведување на формулацијата „модерен македонски јазик“ не само што доаѓа од редовите на ЕПП, туку е поднесен токму од нејзиниот координатор Михаил Галер – член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ со години ја нарекува свој стратешки и идеолошк партнер, велат од СДСМ.
Овој амандман, како што појаснуваат, претставува сериозен удар врз позициите на Република Северна Македонија, но и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како „бранител“ на македонскиот јазик.
„Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација.
Дополнително загрижува што ЕПП најави дека ќе го поднесе истиот амандман и на пленарната седница – што значи дека ова не е изолиран инцидент, туку координиран став во кој ВМРО-ДПМНЕ или учествува или молчи.
Во исто време, извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки што ја разоткриваат вистинската слика за неработењето на новата власт во однос на ЕУ интеграциите, односно има јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ и загриженост за назадување во борбата против корупцијата и за судската независност“.
СДСМ, додаваат од партијата, уште еднаш апелира до власта да прекине со политички манипулации дома и да престане со надворешна политика водена од дневно-партиски калкулации.
Според нив, дипломатијата не е театар за домашна употреба, а цената на ваквите авантури ја плаќа целата држава.
„Ова не е само пораз за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ова е нов аларм дека европскиот пат е сериозно загрозен со оваа власт“.
Македонија
Со широко мнозинство усвоен извештајот за Македонија, Вајц рече дека е горд, а државата припаѓа во ЕУ

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент со широко политичко мнозинство го усвои извештајот за Македонија, поднесен од европратеникот и известувач за земјата, Томас Вајц.
Вајц изрази задоволство и истакна дека е горд на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да може да биде донесен со широко политичко мнозинство овој, како што го нарече, добро избалансиран извештај.
„ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, рече Вајц.
Извештајот наредно треба да биде одобрен на пленарното заседание на Европскиот парламент.
Извештајот првично требаше да се најде на дневниот ред на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц. Тогаш тој нагласи дека посведочил интензивни политички дебати околу извештајот, но апсолутно стои зад документот. Потенцира дека се работи за извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија, кој нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека имало обиди да се нанесе удар на македонскиот идентитет, преку внесување на изрази како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик, но тие удари успеале да ги амортизираат.
На усвојувањето на извештајот најмногу се противеа бугарските европратеници. Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев вчера изјави дека извештајот нема меѓународно правно обврзувачка природа, а Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот и јазикот.