Македонија
Се кријат вакцините со погрешен датум што треба да бидат уништени

Агенцијата за лекови и „Македонијалек“ ги кријат МРП-вакцините со погрешен датум на декларацијата што треба да бидат уништени. За да се расчисти дилемата во јавноста за рокот на вакцината втиснат на шишенцата од производителот и наводно погрешната налепница од „Македонијалек“, „Макфакс“ побара да ги сними вакцините што треба да се уништат. Снимање на лековите не дозволија ниту од Агенцијата ниту од „Македонијалек“, а од Министерството за здравство оставија можност тоа да биде направено во текот на утрешниот ден.
Директорот на Агенцијата за лекови, Ќахил Ибраими, во телефонски разговор кусо рече дека во депото на „Македонијалек“, каде што се чуваат вакцините со погрешен датум, пристап имале само инспекторите и побара барањето да му го испратиме на е-пошта, но сепак одговор на барањето не добивме.
Во „Македонијалек“ , пак, увозник на вакцината со погрешен датум, неколкупати побаравме да ги снимиме вакцините, но одговорот од таму беше: „вашето барање е пренесено кај надлежните, ќе ве известат за одговорот“.
Министерот за здравство, Венко Филипче, уверуваше дека на секоја вакцина има воден жиг со рок на траење, кој кај оспорените вакцини со погрешни декларации е до јуни и јули 2019 година, но во ниту еден наврат не покажа примерок од вакцината со разните датуми, туку остави јавноста да верува само на неговиот збор. Тој објаснуваше дека пропустот го направил увозникот на вакцината, кој на кутиите залепил декларација направена за претходниот увоз, кој бил со важност до октомври 2018 година.
Најавата дека вакцините МРП (морбили, рубеола, паротит) со погрешен датум на декларациите, иако имаат важечки рок на траење, ќе бидат уништени, внесе нова паника и сомневања во јавноста. Граѓаните побараа одговор на прашањето зошто ќе се уништува лек за кој одговорните тврдат дека е безбеден и дека има важечки рок на траење.
Директорот на Агенцијата за лекови извести дека побарал од „Македонијалек“ вакцините да бидат уништени во согласност со Законот за лековите иако не прецизира на кој точно дел од законот се повикува.
Во согласност со член 106 од Законот за лековите и медицинските средства, лек се смета за неисправен ако рокот на употреба е истечен, ако органолептичките карактеристики се изменети (изглед, боја, вкус и мирис), ако пакувањето е оштетено, ако лабораториската контрола покажала дека не е во согласност со декларираниот квалитет и ако лекот е повлечен од употреба од која било друга причина.
Неисправниот лек, во согласност со законот, се смета за отпад и се забранува неговиот промет. Отпадот на лекови се отстранува на начин со кој не се загрозуваат здравјето на луѓето и животната средина. Трошоците поврзани со отстранувањето на отпадот на лековите се на товар на сопственикот на отпадот на лековите, односно на правното или физичкот лице за кое е утврдено дека ги поседува. Поблиските услови за начинот на отстранување на отпадот ги пропишува директорот на Агенцијата.
Во случајот нејасно е на кој дел од законот се повикуваат надлежните, со оглед на тоа што овде не станува збор за оштетено пакување, туку, како што тврдат од Министерството, за погрешна декларација, но во законот е оставена можност за двојно толкување.
Директорот Ќахил не одговори на прашањата од „Макфакс“ дали испратил примерок од вакцината на анализа во некоја лабораторија за да докаже дека е безбедна и каква казна ќе добие „Македонијалек“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.