Македонија
Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова претставка

Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова претставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност и соработка на Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Мисија за набљудување на изборите (ЕОМ) при ОБСЕ – Канцеларија за демократски институции и човекови права, Националниот демократски институт, Хелсиншки комитет за човекови права.
Во претставката, како што се истакнува во соопштението, се констатира дека и покрај потпишаниот Кодекс за фер и демократски избори во периодот од 10 до 14 април 2024 година различни лица вклучени во неговата кампања, вклучително и самиот кандидат Стево Пендаровски, го кршат Кодексот и предизвикуваат вознемирување и повреда на личното достоинство на Гордана Силјановска-Давкова, во согласност со член 10 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Објективизација и потчинетост на мене како жена се забележува во: говорот на кандидатот за претседател Стево Пендаровски на митингот на СДСМ во Кавадарци на 10 април 2024 година: „Христијан Мицкоски да набави „џи-пи-ес“ за неговата кандидатка“; говорот на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на митингот на СДСМ во Општина Карпош – Скопје на 12 април 2024 година: – „Јас не ја кандидирав тетка ми Жана за претседател на држава, па да морам да ја шетам по цела Македонија“;
Дискриминација врз основа на пол, возраст и сексизам се забележува и во јавното обраќање на граѓанин на митинг на СДСМ во Куманово на 14 април 2024 година: „Од баба невеста не бидува“, се наведува во дописот.
Ваквите изјави и однесување, според Силјановска-Давкова не се осудени од: кандидатот Стево Пендаровски, раководството на СДСМ, ниту, пак, од Форумот на жени на СДСМ; напротив од однесувањето на Ковачевски и Пендаровски овие постапки се одобрени и поттикнати со смеење, ракоплескање, и триумфално однесување.
„Навредите и говорот на омраза и јавното демонстрирање на мизогинија се користат на митинзи и на други јавни настапи со цел да се влијае врз јавното мислење и да се предизвикаат реакции на исмејување од страна на присутните граѓани во толпата. Сето ова води кон поттикнување и охрабрување дискриминација и сексизам.
Со својата кампања Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, ги прекршува човекови права на Гордана Силјановска-Давкова и повредува неколку одредби од Уставот за кои се образложува во претставката“, се нагласува во соопштението.
Сексизам, дискриминација врз основа на пол и возраст од страна на Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.