Македонија
Сестрата на прегазената Фросина Кулакова: „На движењето ‘Кој е следен?’ не му е важна жртвата, туку агендата“

Росица Кулакова, сестрата на трагично прегазената Фросина Кулакова, првпат јавно зборуваше за случувањата по загубата на сестра си, но и ја критикува иницијативата „Кој е следен?“, која стоеше зад протестите откога девојчето беше усмртено на пешачки премин, а сега стои и зад протестите по трагедијата во Кочани.
„Долго време ми требаше да соберам сила и храброст да ја напишам оваа објава. Но како човек што јавно и гласно ја поддржа иницијативата ‘Кој е следен’, чувствувам морална обврска да објаснам зошто изминатиов прериод бев тивка – затоа што длабоко во себе носам чувство на лична одговорност. Време е јавно да раскажам, хронолошки и без цензура, што точно се случуваше по убиството на мојата сестра Фросина“, ја почнува објавата Кулакова.
Таа вели дека некој со болен ум, со туѓа трагедија, решил да си прави профит, па така во јавноста се појавила иницијативата „Кој е следен“.
„Пред да објаснам зошто се чувствуваме злоупотребени како семејство морам да нагласам дека има чесни луѓе и во оваа иницијатива. Луѓе со добри намери. Ова не е критика до секој што беше дел од ‘Кој е следен’. Моите зборови се насочени кон организаторите. Не кон тие што ги гледавме со транспаренти, туку кон оние што секогаш се во сенките. Луѓето чии имиња не се појавуваат јавно, ама сите знаеме кои се. Тие што го водат протестот, а никогаш не одговараат за своите постапки“, продолжи Кулакова.
Вели дека веќе на вторите протести се почувствувало дека нешто не е во ред.
„Протестот веќе не беше на народот – имаше јасен организатор, агенда, насока. И да бидам искрена, тогаш сè уште верував. Таа поддршка ми значеше. Мислев дека некој вистински се грижи, дека можеби има надеж. Но, денес ми е жал што морам да кажам дека видов и доживеав сосема спротивно. Присуствував на еден состанок – последен за мене зашто немав повеќе сила. Таму, меѓу зборовите и молкот, јасно ми беше ставено до знаење дека Фросина не е важна. Нашата болка не е важна. Важна е агендата, а жртвата е само инструмент“, додаде таа.
Вели дека тие што тогаш го воделе тој наратив, тие што ги гледале како средство, а не како луѓе, денес стојат во заднина и ја поддржуваат иницијативата „Кој е следен“. Не се тие што се појавуваат напред, туку тие што тивко ги влечат конците.
„И за да ви доловам за каков тип на луѓе станува збор – тоа се истите што во минатото шетаа со транспаренти „Црквата да одјебе“, што палеа канцеларии, што не познаваат граници кога се работи за промовирање на своите цели. Не зборувам за луѓето што искрено протестираат – зборувам за тие што стојат зад сцената. За тие што имаат агенда, а не срце.
Протестите за 8 Март нема ни да ги коментирам. Ако некому му се чини соодветно да маршира со тенџериња и дрвени лажици од место на кое некој трагично загинал, нека му служи на чест. Јас мислам дека тоа беше врв на непочитта.
Не можам веќе да молчам. Не можам да гледам како нашата трагедија, а денес и трагедијата на уште многу семејства со слична судбина на нашето – се користи, извртува, злоупотребува. Од едно семејство, денес станавме стотици. И сите сме ранливи. Сите полесни за манипулација.
Системот не чини, тоа го знаеме сите. Но, луѓето што го креираат тој систем од сенка нема да ни го решат проблемот. Нивната борба не е за нас. Ниту за вистината. Ниту за правдата. „Кој е следен?“ да ве прашаме вас: Кој е следен?, Која мајка? Кој брат? Која сестра? Која трагедија ќе биде следна на менито на вашите интереси?“, се додава во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Облачно со повремен дожд, попладне нестабилно

На терторијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2).
Утринските температури се движат меѓу 2 и 10, додека највисоките во текот на денот соодветно ќе бидат во интервалот меѓу 6 и 17 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината денеска, исто така, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, со највисока температура до 15 степени.
Македонија
Дождот ќе се задржи до четврток, стабилизирање дури во петок

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.
Македонија
Хуманитарен концерт на Тамара Тодевска – Пееме за Кочани

Со цел поддршка и помош на семејствата на починатите граѓани и повредените во трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска организира хуманитарен солистички концерт.
Имено, овој музички настан ќе се одржи на 17. април (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата на починатите граѓани, како и за сите повредени во трагедијата.
Информациите за продажбата на карти ќе бидат објавени претстојните денови, а Тамара ги повикува сите свои фанови и луѓе кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
– Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост – да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани. На 17. април (четврток), во @mkc_skopje, од 20:00 Ве повикувам на хуманитарен концерт за Кочани, посочи Тодевска на своите профили на социјалните мрежи.
Продажните места за картите за овој концерт ќе бидат објавени на офијалните канали на социјалните мрежи на Тамара Тодевска на Instagram и Facebook.