Македонија
Скопскиот Регион со најмногу интервенции, пожарите сѐ уште активни на седум локации

Во изминатите 24 часа во државата се евидентирани вкупно 32 пожара на отворен простор, информираат од Центарот за управување со кризи. Според нивните податоци, седум пожари се сѐ уште активни, еден е локализиран, еден под контрола, а 23 се веќе изгаснати.
Најсериозни пожари се пријавени во општините Прилеп (с. Бешиште), Македонски Брод (меѓу с. Црешнево и Слатин), Чашка (во близина на Солунска Глава), Чучер-Сандево (меѓу с. Блаце и Чучер), Шуто Оризари (депонијата кај хотелот „Њу стар“), Дојран (с. Николич) и Крива Паланка (с. Жидилово). Гори претежно нискостеблеста и мешана шума, а пожари има и на депонии и на карпести терени.
Пожарот на градската депонија во Делчево е локализиран, а пожарот во с. Самаково, Македонски Брод, каде што горел лесно запалив материјал, е ставен под контрола.
На 23 локации во земјата пожарите се изгаснати. Најмногу интервенции имало во Скопскиот Регион – Сарај, Петровец, Аеродром, Ѓорче Петров, Чучер-Сандево и во Центар. Изгаснати се пожари и во Велес, Куманово, Старо Нагоричане, Кратово, Штип, Долнени, Боговиње, Брвеница, Желино, Врапчиште, Битола, Свети Николе и во Прилеп. Гореле ниски вегетации, стрништа, лозја, депонии, како и мешани шуми.
Надлежните апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во периоди на високи температури, поради зголемен ризик од пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши-Дир: Поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија, Лариса Дир. На средбата стана збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина.
Гаши ја потврди безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата. Тој се осврна на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Лариса Дир се заблагодари за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изрази очекување дека тие ќе продолжат и во иднина. Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнаа и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.
Македонија
Кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување

Полицијата поднесе кривична пријава против директор на училиште во Липково за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според информациите од МВР, СВР Куманово поднесе кривична пријава против Г.Г.(51) од с.Липково, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во текот на 2024, пријавениот, како директор на основно училиште во Липково, склучил договор за вработување, без претходно да обезбеди финансиски средства од Министерство за финансии и без објавување на јавен оглас, оштетувајќи го буџетот на државата во вкупен износ од 577.550 денари.
Македонија
Апел до скопјани за рационална и совесна употреба на водата за пиење, повторно има енормна потрошувачка

ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека се продолжува со енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем.
Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот. Стабилизарање на водоснабдителниот систем се очекува во период по 23 часот.
„Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени и сл“, велат од Водовод.
Од таму апелираат до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку Месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.
Апел до граѓаните на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected]или www.vodovod-skopje.com.mk
Со дивите приклучоци, велат од Водовод, се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје